1 Тешко му е на премиерот Груевски. Не може да стаса секаде каде што има успеси. Ете, вчера беше пуштен во сообраќај патот Битола Ресен, преку Ѓавато, а него го немаше да сече лента.
На прв поглед изгледа дека е голем успех да се пушти пат. Ама кога ќе знаеш дека станува збор за свлечиште од 50 метри кои се работеле осум месеци, добиваш многу појасна слика за темпото со кое Македонија брза кон европска иднина.
Министерот за финансии Зоран Ставрески рече и дека ќе се земе кредит за обнова на македонските пруги. Возовите ќе возат со дупло поголема брзина. Ќе се санираат делниците на кои сега се вози со 30 километри на час. Во иднина на тие делници ќе се јури дури 60 километри на час. Тоа е таков напредок што патниците нема да можат да се шверцуваат. Сега кога ќе влезе кондуктерот да провери карти, имаш време да се симнеш и да влезеш во друг вагон, без да се испотиш.
Министерот за образование Никола Тодоров вчера најави досега невидени инвестиции во образованието. Ќе се реализираат идната година. Во меѓувреме, обновата на школата во Свиларе не може да почнеме цели девет месеци по пожарот, затоа што им пропаѓаат тендерите.
Е со тоа темпо ние брзаме кон Европа. Дали, имајќи ја на ум оваа брзина со која се развива Македонија, нешто навистина драматично ќе се промени ако уште утре го решиме спорот за името?
2 Завчера на телевизија ми привлече внимание еден хистеричен лик од сапунска серија. Додека сфатив која е серијата, излезе дека сум гледал вести. И дека одел прилог од седницата на Уставниот суд на Македонија. Судијата Зоран Сулејманов се налути дека не му е прифатен предлог за измена на дневен ред, им се развика на колегите, малку им се закани и излезе, трескајќи ја вратата. Ѕидот ќе го однесеше.
Како што тресна вратата, стана јасно дека ниту СДСМ ниту ВМРО-ДПМНЕ се виновни за нападите на Уставниот суд. Самите судии си ја омаловажуваат својата функција.
Судијата Сулејманов пред камери покажа како треба да се однесува член на највисоката судска власт. Тој постапи согласно член 8 од Уставот. Во него е запишано дека “во Република Македонија слободно е с што со Уставот и закон не е забрането”. Трескање врата не е забрането ни со Устав ни со закон. Другото веќе спаѓа во доменот на домашна култура.
.
3 Невладината организација “Разбуди се” организираше протест пред српската амбасада во Скопје. Играа фудбал на мали голчиња оти српските навивачи во Џенова, на фудбалски натпревар меѓу Италија и Србија го запалиле албанското знаме.
Неколку дена подоцна, на фудбалскиот натпревар Напредок Шкендија во Кичево, навивачите на Шкендија го симнаа македонското знаме од јарболот и закачија албанско. Обезбедувањето не реагирало оти имале сознанија дека навивачите имаат оружје.
Си помислив дека невладината “Разбуди се” овој пат ќе протестира со мал фудбал пред амбасадата на Албанија во Скопје.
Ама немало потреба од никаков протест. Навивачите го симнаа македонското знаме. Не го запалија албанското.
4 Министерот за транспорт Миле Јанакиески беше во Кина да го испроба прототипот на двокатните автобуси за градскиот превоз во Скопје. Рече дека со тие автобуси “ќе се врати сјајот на автобусите кои се возеле во педесеттите и шеесеттите години во таканареченото старо Скопје”.
Многу знае Миле за сјајот на автобусите во шеесеттите во Скопје, најмалку десет години пред тој да биде роден во Прилеп. Ги гледал на слики.
Ако му било до стари автобуси, не мораше цела делегација да оди до Кина. Поевтино ќе му беше да оди до Лондон. Во Музејот на транспорт ќе ги видеше оригиналните двокатни автобуси.
5 Министерот за здравство Бујар Османи имаше сообраќајка на автопатот Гостивар Тетово. Фала Богу, добар е, минал со лесни повреди.
По сообраќајката не го однеле во Гостивар, не го однеле во Тетово, како што е најлогично, туку го возеле дури до Скопје.
Ај во Гостивар може немаат многу специјалисти. Ама во Тетово имаат и Клинички центар и Медицински факултет. Сигурно и дипломатска соба ќе му даделе. Министер е. Ама баш затоа што е министер, Османи знае што е посигурно.
Исто како и премиерот што го фалеше јавното здравство. А неговата сопруга се породи во приватна болница.