1. Вчера се јави Мик Џегер. Сакаше да го поздрави министерот Фрчковски. Рече: “Многу интересен човек тој вашиот Фрчко. При следната реконструкција на Владата нека не се секира, ќе го земам во тимот да ми организира турнеи. Водачот на популарната рок-група бил воодушевен од настапот на нашиот министер за надворешни работи на скопскиот аеродром, кога тој на новинарите им изјави дека имал турнеја долга како “Ролинг стоунси”.
И така, завчера вечер министерот Фрчковски се дотркала од Скандинавија, преку Виена, до скопскиот аеродром, идентификувајќи се со Мик Џегер. Споредбата и не му беше којзнае колку изместена. Особено ако му станало јасно дека дипломатијата ни е како пејачко друштво. Можеби и турнејата му дошла како тркалање камења. Или пак тие се тркалале како камења. Камен на камен.
Досега приматот на македонски Мик Џегер го држеше пејачот на новокомпонирани фолк-песни Гоце Арнаудов. Од каде сега Фрчковски се меша таму каде што не му е место. Не му личи на облеката. Министерот навистина учествуваше во рекомпонирање, ама на власта, а не на мелодии со фолк-ритам. Така што најпаметно би му било да се повлече и да го остави пејачот Гоце Арнаудовски спокојно да си ја носи титулата “македонски Мик Џегер”. И да продолжи да си ги пее своите хитови, без да се плаши дека еден ден Фрчковски ќе запее некоја негова песна. Како на пример онаа популарната: “Оган и пламен фрлаат по мене, дека сум голем бекрија, ем мераклија…”
2. Поради нордиската турнеја, сосема оправдано е тоа што министерот за надворешни работи не беше во Скопје да го пречека министерот за надворешни работи и потпретседателот на владата на Кина, Чиен Чичен. Кинескиот шеф на дипломатијата во Македонија дојде во возвратна посета. Ама немаше кому да му ја врати посетата. Стево Црвенковски веќе не е министер. А Фрчковски не бил во Пекинг на гости кај Чичен.
Во ситуација кога едниот домаќин е сменет, а другиот го нема, успешно влегува Љубе Трпевски. Ем потпретседател на Владата, за да му парира на гостинот, ем функционер на Социјалистичката партија која има знаме слично на кинеското.
Чиен Чичен задоволен си заминува од Македонија. Домаќините му ветија дека ќе ја поддржуваат Кина во нејзините напори да се обедини со Тајван, Макао и Хонг Конг. Без македонската поддршка Кина ќе имаше големи проблеми во меѓународната јавност да го стори тоа што го наумила. Сега, по посетата на Чичен на Македонија, Кина излегува со значително зајакнати позиции во нејзиниот спор со Тајван.
За очекување е дека сега ќе се направи нов проблем, кој особено ќе го ослаби јужното крило на НАТО. Како ќе реагира Америка, ако ние ѝ дадеме логистичка и воена поддршка на Кина во борбата против Тајван. Што ако од тајните бази на Криволак кон тајванскиот теснец полетаат ескадрилите “Ханџо 1” и “Ханџо 2”, со супер модерните чешки авиони, и ги предизвикаат авионите од американскиот носач “Нимиц”? НАТО-пактот е веќе доволно ровит на ова јужно крило. Малку му е спорот меѓу Грција и Турција, па ќе му додаваме нов спор меѓу Македонија и САД!
3. Премиерот Бранко Црвенковски им вети на пензионерите дека државата во рати ќе им врати една заостаната пензија. Од јуни тие ќе добиваат цела година пензија зголемена за 8 отсто. Пензионерите, ионака научени да губат, оваа работа ќе ја пречекаат со радост. Толку ќе се радуваат што сигурно ќе заборават да прашаат каде се каматите. Нели сме пазарно ориентирана држава, нели режиските трошоци се плаќаат со камата, нели каматите за стопанството во изминатите години беа толку големи што уништија големи фирми, нели од камати добро се живее – таа филозофија не важи за пензионерите!? Колкава камата би донела најниската македонска пензија, ако пред две години била ставена во банка и орочена до јуни оваа година?
Во секој случај, овој потег на премиерот Црвенковски може да биде охрабрувачки за опозицијата. Пред некој ден беше објавено дека рускиот претседател Борис Елцин во предизборната кампања им ги зголемил пензиите на пензионерите. Дали со тоа што Бранко Црвенковски им ги зголеми пензиите на нашите пензионери не се подготвува за евентуални предвремени избори? И овој потег може да се толкува како граѓанска иницијатива за собирање на гласови. Со тоа што вакви иницијативи имаме видено – и во последниве сто години, а веројатно и порано.
4. Социјалдемократската младина на Македонија испрати соопштение во кое, по повод нападот на нивниот член Едмонд Адеми, се вели дека тие целосно ги проследиле медиумските реакции во врска со овој настан и изразуваат задоволство од целосната осуда на овој нецивилизиран чин.
Подмладокот на СДСМ е добар ученик. Не само што ја анализираат работата на медиумите, туку си земаат за право својата оценка и јавно да ја соопштат. Дозволете ми од името на медиумите на младите социјалдемократи јавно да им се заблагодарам за позитивните оценки. И да потсетам дека народот што има таква младина не треба да се грижи за својата иднина.
Со свесен ризик дека можеби моето следно прашање ќе биде негативно оценето кај активистите на СДММ би ја поставил дилемата: дали подмладокот на СДСМ ќе реагираше исто и ако претепаа некој друг младинец, а не нивни активист? Или, дали човек мора да биде член на партија за да има кој да го брани?