1 Пред почетокот на секоја седница на Собранието, на пратениците треба да им се пуштаат рекламите на Владата од блокот за етика и етичко однесување. Џабе нам ни ги пуштаат дома и ни порачуваат: “Да бидеме подобри”. Па ни кажуваат дека треба да бидеме учтиви, толерантни, да не се караме, да си помагаме…
Ние тие реклами ги гледаме и на Собранискиот канал. А пратениците не ги гледаат оти тогаш се во Собрание. Владата има погрешна целна група. Или пак намерно ни ги пушта оти знае дека гледаме собраниски седници. Па сака да го амортизира негативното влијание на пратениците врз избирачите.
Седиш пред телевизор. И се што си видел пред две минути може да заборавиш кога ќе почне директниот пренос. Како да бидеме подобри кога пратениците едни на други си викаат: “Седи, ѓубре”, “Марш мори”, “Оди раѓај”, “Оди си на Косово”…
Фино смислиле во рекламата: “Животот може навистина да биде суров”.
Е може. Има ли посурово нешто од фактот дека самиот си ги избрал овие пратеници?
2 СДСМ сега го мрази ВМРО исто толку колку што последниве 20 години ВМРО го мразеше СДСМ. Тоа е толку зла крв што очигледно удира во глава и го заматува умот.
Притоа во сите анкети и до 50 отсто неопределени гласачи се изложени на овој отров. А најтрагично е што противотров не е ни на повидок.
За среќа, се спасивме од избори. Кај ќе ни беше крајот со овие уште четири години? Ама и кај ќе ни беше крајот со нов почеток со оние другите?
3 Опозицијата почна да изненадува. До сега вода во очи немаа. Но направија добро организиран марш. Жолти маички, црвени картони, платформи за сниматели и фоторепортери…
Единствен кој не не изненади е Бранко. Како и обично немаше ништо да понуди. Единственото ново што го понуди е дека нема да јуриша на Собранието со сила.
Но, за разлика од Бранко, изненадување е Радмила Шеќеринска. Ја гледав и онаа вечер на А1 кога имаше инспекции и полиција на Перо Наков бб и пред некој ден во Собранието.
Кое е вистинското лице на Рада? Онаа што ја знаевме до сега? Стабилна, достоинствена и строга? Или, новата Рада што пробува да биде многу народна, па се губи во хистеричен популизам.
Извини, Рада, ама тоа ич не ти стои. Ти барем си знаела да молчиш кога не си имала нешто стварно паметно да кажеш. Па не мора баш сите да се обидувате да личите на Влатко Ѓорчев. А ти пак најмалку мораш да одработуваш за Бранко.
4 Расправата за “Скопје 2014” веќе е ирелевантна и го дефокусира вниманието од вистинската тема. Дали требало или не требало да се гради, дали зградите и спомениците се убави или грди, дали баш за тоа требало да се трошат пари или за нешто друго… Парите се потрошени. А и тоа што е изградено ќе остане како јавни објекти. Ниту ВМРО ќе си ги носи дома, ниту СДСМ ќе ги урне.
Но клучниот кабает на Груевски не е тоа што се фати за “Скопје 2014”. Неговата историски пропуштена шанса е што не само што не ја спречи, туку ја продлабочи партизацијата на општеството. Ние веќе немаме општествен живот. Ние имаме животи што зависат дали си лев или десен. Од чистачката во јавна установа, преку инкасантите на патарините, кафеанџиите што ги казнуваат, или не ги казнуваат ако дозволуваат пушење, бизнисмените што мораат да даваат и на едните и на другите, новинарите што се испокараа меѓу себе и самите не знаат за чиј интерес, судиите што учеле право, ама не секогаш им се поклопува со партиската нарачка, лекарите што наместо за пациенти се борат за да станат директори, уметниците на кои им ги симнуваат претставите оти се од другата страна…
А што е лево, а што десно во суштина никој не ни знае. Зависи од моменталниот интерес.
И што е најстрашно, не само што не смееш да мислиш со своја глава надвор од левото или десното, туку дури и кога кажуваш дека си лев или десен, свое мислење не ти е допуштено. Мора да мислиш по директива.
А најтрагично е што никој не се буни за тоа. Е, а за тоа не се виновни ни Албанците, ни Грците, ни ЕУ, ни НАТО. Табиетот ти е судбина.
5 Кутри пакистански племиња. Малку им се талибанците, па сега уште и Грци и Македонци им требаа. Грците си ги најдоа Калашите, а ние Хунзите. И едните и другите велат дека се директни потомци на Александар Македонски.
Сега ние на Хунзите ќе им дадеме плац за кралска палата во Паљурци, кај што минал свети Павле.
И СДСМ оти немаат попаметна работа се побунија затоа што плацот за кралската палата ќе бил даден без пари. За разлика од нив што во центар на Скопје за 25 евра квадрат дадоа плац за супермаркет.
Многу јака опозиција имаме. Ај што за малку до избори ќе не донесеа, туку сега се борат да не пропадне Македонија без плацот во Паљурци.
Пакистанците ќе мора да чекаат одобрение за градба до јули. Оти тогаш локалната самоуправа ќе добие ингеренции да дава земјиште без пари. Ако сакаат да побрзаат ќе мора да им потпише министерот Миле Јанакиески. А тој пак што не потпишал, ќе потпише и за кралска палата. Како велат Србите: “Ебате држава без крал”.