Дваесет години се зафркавам со се наоколу и сега дојде време да се зафркавам и со себе. Тешко ми е, па дојде Дедо Мраз да ми помогне. Оти не сакам кредибилитетот што сум го градел 20 години со оваа колумна да си го го ставам под сомнеж само затоа што А1 вели дека мечката заиграла и во мојата куќа.
    Годината ја завршувам со две големи дилеми:
    1. Кој ќе ми ја открие тајната како се пакуваат 750.000 евра во шише?
    2. Чија ли е таа фиока од каде што излегуваат разни досиеја и документи за соработка со полиција?
    Свесен сум дека дека и двете дилеми се лажни. Вистинските прашања се:
    1. Каква е таа држава што повеќе од две години чувала некаков документ за изнесување непријавен кеш преку граница?
    2. Каква е таа држава која повеќе од 15 години толерира валкан медиумски бизнис, политичко коалицирање со телевизии и неплаќање даноци само затоа што медиумите треба да одработат за партијата на власт, која и да е?
    3. Каква е таа држава во која министри и директори на тајни служби додека се на функција копираат доверливи документи за да ги извадат од приватните фиоки кога ќе треба некој да се уцени?
    4. Какви се тие газди на медиумски бизниси што прифаќаат таква криминална уцена?
    Трагично за слободата и демократијата е ако се потврди дека некој новинар бил полициски доушник. Ама уште потрагично е ако документот за тоа може да го изнесе секој и да го злоупотреби кога сака.
    Денес фаќаме сеир оти на тапет е новинарството. Ама кој е следниот?
    Загрозен е секој поединец и секој бизнис, без оглед која партија е на власт. Се отиде бестрага. Ние будали ќе работиме, ќе се мачиме, ќе се трудиме да заработиме за да живееме пристојно оти сакаме да бидеме добри граѓани на ова парче од Европа. Ама алчноста на политичките елити е толку безобѕирна и моралот на политичарите е толку ничкосан, што најбрутално го загрозува и постоењето на државата.
    Мојата новогодишна желба е во 2011 година државата да расчисти уште колку шлепери, пензионерски станови, кодошки досиеја, канти со поликолор, споменици, “каса прими” признаници, пропаднати тендери, консултантски услуги за уривање на власта платени со државни пари, лошо изведени кровови на болници и компромитирачки изјави по партиски трибини се скриени во разни фиоки и чекаат време да излезат по медиумите?
    А најмногу го молам Дедо Мраз да ми каже како може шише наполнето со 750.000 евра да влезе во фиока полна со тајни документи. Додека не видам, не верувам.

    Чисти гаќи

    Референдумското прашање ќе гласи: “Дали сте за Скопје 2014 година да биде главен град на Северна Република Македонија”?

    23 јануари

    Штета што планираат мостот Око да го направат дури за една година. И Александар на Букефал, сосе војниците што шлапкаат во фонтаната, ќе стигнат дури в година. А годинава како ќе ја преживееме?
    Цел свет се занимава со глупости. Дебатираат како да излезат од кризата, како да ги надмудрат терористите, како да најдат алтернативи извори на енергија, како да се справат со климатските промени…
    За разлика од нив, кај нас Владата е фокусирана на Плоштадот.
    Црква, џамија, коцка, плочка, Александар, Даме, јарбол од една страна, јарбол од друга страна, Македонци, Албанци, христијани, муслимани, верници, богохулници, предавници, патриоти, нова зграда, стар хотел…
    Целиот живот и иднината на Македонија се врти околу плоштадот Македонија. И политика, и економски бум, и туризам, и култура, па и дипломатија. И за името да зборуваш, пак околу Плоштадот се врти муабетот.

    13 февруари

    Сепак, имам идеја со која и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ конечно ќе можат да направат политички консензус. И за името и за зградите да има еден референдум.
    Референдумското прашање ќе гласи: “Дали сте за Скопје 2014 година да биде главен град на Северна Република Македонија”?

    19 март

    Политичкиот живот ни е едно големо реално шоу. Почнува секој ден околу 11 часот со прес конференции. Прво СДСМ ќе соопшти нешто. Па ВМРО-ДПМНЕ ќе реагира со соопштение на соопштението. После СДСМ ќе одржи прес конференција како одговор на соопштението на соопштението. Па ВМРО-ДПМНЕ ќе се појави со соопштение над сите соопштенија. И така до кај 5 попладне додека не затворат весниците и не почнат првите вести на телевизиите.
    И како во секое реално шоу, кај 11 навечер во последните вести гледаме резиме на денот. А во паузите одат репортажи од акциите на невладини организации, жртви на власта на ВМРО и жртви на транзицијата на СДСМ, крави и телиња…
    А ние новинарите им наседнуваме како магариња. Па ги ставаме на предните страници и во првите вести. Наместо да ги ставиме во рубрика за хумор. Никола рече вака, Бранко му рече онака, и Ахмети на тоа додаде така… Па на луѓето да им понудиме сочни вицови

    3 април

    Лидерот на ДУИ Али Ахмети му се заканил на премиерот Груевски дека ако до јуни не го реши проблемот со името и Македонија не влезе во НАТО, тој ќе ја напушти владината коалиција. Во партијата тврдат дека Ахмети рекол” ако не го оствариме сонот за интеграција, не само што ќе ни падне рејтингот и ќе изгубиме на изборите, туку и ќе не снема како партија”.
    Не ми е јасно зошто Македонија мора да го смени името, само за ДУИ да не се распадне? Да не е тоа малку преголема жртва за Македонија?

    17 април

    Пред неколку дена прочитав дека според статистичките податоци, од осамостојувањето до денеска во Македонија влегле 2,5 милијарди странски инвестиции, наспроти 3 милијарди евра неповратна помош и заеми од странски влади и владини агенции.
    Па ние сме биле Земја Дембелија. Дваесет години Македонија одбива да порасне. Дваесет години ние чекаме некој друг да ни даде пари и некој друг да ни каже што да правиме. И после божем им се лутиме на странските амбасадори што ни се мешале во внатрешните работи. И што се однесуваат како да се гувернери.
    Нормално е да ни кажуваат што да правиме. Оти тие ги даваат парите. А кој дава пари тој е газда. Тоа што ние не сме ги искористиле тие пари за да пораснеме, тоа е наш проблем, не нивни. Затоа и уште не сме газди. Дури ни на своето име.

    8 мај

    Нема бесплатни лекови во аптеките, ама премиерот Никола Груевски рече дека “се работи веројатно за одреден технички проблем, поврзан со одреден правилник”.
    И така е. Ако не можеш да дишеш тоа реално е технички проблем. И ако умреш оти немаш лек и тоа е технички проблем. И тоа не на Владата, туку на погребното претријатие.

    15 мај

    Вчера беше објавено дека на Плоштадот Македонија во Скопје ќе се гради хотел од светскиот синџир “Мериот”. Внатре ќе бил современ и луксузен, а надвор ќе одговарал на историскиот изглед.
    Историски изглед на што? Бил ли проектот на ревизија кај премиерот Груевски? Оти, ако има историски изглед треба да личи на старата НаМа. А ако е според “Скопје 2014”, тоа ќе биде феномен. Оти ќе има историски изглед на иднината

    5 јуни

    Премиерот Никола Груевски во говорот на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ рече дека во опозицијата се шири оптимизам дека Бранко, наводно, се договорил со Велија да им помогне за да се вратат на власт.
    Пред тоа ВМРО-ДПМНЕ со соопштение се жалеше дека е под постојан напад од новинарите и од сопственикот на А1 Телевизија
    Како круна на тоа, Миленко со некои снимки ни откри цврсти докази дека Велија не плаќал придонеси на платите на новинарите и оти имал и телевизија и весници, а тоа било незаконски.
    Добро утро, Колумбо. Ете, и Миленко ја откри Америка. Оти ние тоа не го знаевме. Ни ние, а ни другите од бизнисот. И не само од нашиот бизнис туку од сите други бизниси. А, исто така, тоа не го знаел ни премиерот. Ни оваа, а богами ни сите други влади досега.
    Само што за тоа не е виновен Велија. Виновен е премиерот Груевски. Како што бил виновен и премиерот Бранко. И сите други влади.
    А бе, Никола, што н лажеш? Што ни правиш претстава? Едниот божем напаѓа, а другиот божем се брани, и обратно. Да не треба уште да те жалиме дека многу страдаш од Велија? Убаво ти беше кога заедно дувавте во иста шупелка и правевте медиумски хајки за компании и личности. А сега, демек, ти си жртва на новинарството на Велија?
    Јакиот Велија, јакото новинарство! А и Велија е демек жртва на власта оти му вршеле притисоци.
    Јаката власт!
    А мекици за втората ќеркичка заедно јадевте.

    19 јуни

    Роденденскиот митинг на ВМРО-ДПМНЕ повторно помина во знакот на името и во знакот на непријателите на Македонија и непријателите на оваа влада.
    Го гледав премиерот како се жалеше на роденденска забава, и си помислив: Што би раскажувал Груевски на роденденски митинг, кога не би ја имале Грција за сосед? Што ние, обичните граѓани во Македонија, кои уште утре сме спремни да влеземе во НАТО и сме ги исполниле сите критериуми за почеток на преговорите со ЕУ, би очекувале да ни каже премиерот во едно пригодно роденденско обраќање.
    На пример, јас би сакал да знам:
    Зошто немаме нови патишта, а и тие што ги имаме се комплетно уништени?
    Зошто немаме ниту километар нова пруга, зошто немаме нови возови и локомотиви?
    Зошто аеродромите личат на последната провинциска автобуска станица во Европа?
    Зошто не им верувам на судиите, на нотарите и на извршителите?
    Зошто во болниците се умира од слепо црево, сепса и од интерклиничка бактерија?
    Зошто тоалетите во училиштата се легло на зараза, а наставниците се претворени во мивки пред разгалените ученици?
    Зошто во Македонија е невозможно да живееш како инвалид?
    Зошто законите важат за едни, а не важат за други?
    Зошто тоа што е дозволено во Арачиново, не е дозволено во Делчево?
    Зошто е ризик кога одиш во банка на шалтер за да платиш сметки, кога десетина кражби на банки с уште не се расчистени?
    Зошто цели градови немаат чиста вода за пиење?
    Зошто бебињата проодуваат пред да добијат нивните мајки пари од боледување?
    Зошто доцнат социјалната помош и стипендиите?
    Зошто нема ниту една од најавените странски инвестиции, а богами ни оној Веле Самак го нема.
    Изгледа дека оној Ташковиќ, за кого мислевме дека е наивен, сепак бил паметен. Не требаше два пати да му кажат да си оди од Македонија.
    Ова се логични прашања до премиер кој веќе четири години е на власт. Тоа е еден нормален мандат за нормална држава.
    Само со кого ќе го смениме Груевски? Со Бранко? Овие да не победат, а другите да не се вратат.

    10 јули

    Баш ми е сеедно тоа што Бранко бара предвремени избори. Како мисли да ги добие? Што има тој ново да понуди освен да го сожалуваме? Мисли дека е доволно тоа што им се извинил и на стечајците и на пензионерите, па ќе го гласаме пак без програма, без нова идеја, без рокови, без ветувања дека ќе прекине со партиските вработувања и партиските бизниси?
    Не сакам веќе да ми збори против проектите на Груевски. Сакам да ми збори за неговите проекти. Оти ги гледаме проектите на ВМРО-ДПМНЕ. Знаеме и што направиле и што не направиле. И тоа се гледа. Ама понудата на Бранко е невидлива.
    Но уште поинтересно прашање е што ако Бранко изгуби на изборите на кои толку многу инсистира? Дали тогаш ќе си замине конечно? Или ќе смисли нови извинувања. Оти, не дај боже, како ние ќе живееме без него.
    Затоа многу сакам да победи Бранко. За после да се врати Грујо. И така неколку пати ќе ги менуваме истите касиери. Додека еден убав ден не не примат во ЕУ.

    31 јули

    Можам и да му поверувам на премиерот кога вели дека тој нема врска со отпуштањето новинари од Канал 5. Ама покрај демантот, очекував и нешто друго. Прво, да се изјави дека тој силно верува дека основа на секоја демократија е независното новинарство. И второ, да вети дека ќе се бори да создаде амбиент за развој на независно новинарство.
    Ама, не го стори тоа.
    Затоа што газдите на две телевизии се коалициони партнери на власта. И затоа што и самиот знае дека ниту Ѕинго ниту Стојменов ги држи до себе затоа што му се идеолошки блиски. Туку затоа што му требаат нивните телевизии. Исто како што и Ѕинго и Стојменов некогаш беа Бранкови. Не затоа што беа идеолошки блиски со СДСМ. Туку затоа што телевизиите му требаа на Бранко.
    Така што, Никола, сега прифати ја одговорноста и за отпуштањето на последната тура новинари. И престани да глумиш конфликт со Велија. Оти тој минатиот викенд бил на ручек со Бранко, ама зарем заборави дека пред неполна година беше на мекици кај тебе за раѓањето на твојата втора ќерка? Три и пиол години Велија со неговите весници ти го дигаше рејтингот. Сега решил да ти го спушти. Веројатно затоа што на Бранко му го ветува истото што ти го ветуваше и тебе пред четири години. И немој да се занесуваш дека ако почнеш да паѓаш, и другите нема да те напуштат. Ѕинго секогаш бил во добитна комбинација.
    Така што, Никола, тоа што си посеал, тоа ќе си жнееш.

    14 август

    Навистина е убаво да се живее во Македонија. Само да нема некои мали недостатоци. Како на пример:
    Да не ти затреба да одиш на лекар.
    Да не треба да вадиш пасош и лична карта истата година кога ќе посакаш.
    Да немаш работа со Катастарот.
    И да не треба да бараш правдина на суд.
    Другото с е идеално. Природата е прекрасна. Имаме вредно археолошко богатство и стари и нови културни споменици. Луѓето се како и секаде. Има и добри има и лоши. Па и времето е убаво.
    Само уште да се решат тие ситниците што ги споменав, ќе бидеме рајска градина.
    Ама нема време да се решат. Оти сите ние на чело со политичарите се занимаваме со големи проекти датум за влез во ЕУ и решавање на спорот со името.

    4 септември

    Бранко продолжува по старо. Традиционално, ќе даде изјава што може да предизвика многу реакции и ќе избега во странство. Ќе прдне во лифт и ќе си излезе. Тие што ќе останат да се возат, ќе се душат во неговата смрдеа.
    Рече оти тој што тврди дека во 1995 година му нуделе да ја внесе Македонија во НАТО и да почне преговори со ЕУ мора да е “или ноторен лажго, или тотален идиот”. И ден потоа замина за Црна Гора. А медиумите, бидејќи немаат попаметна работа туку да го анализираат Бранко, претпоставуваа кој е идиотот, а кој е лажгото.
    Бранко не кажа нешто што не сме го знаеле досега. Ноторни лажговци се политичарите. А тотални идиоти сме ние, што воопшто ги есапиме. Па уште и гласаме за нив и се караме меѓу себе. Па и уживаме во тоа.
    Колку сме ние, всушност, за жалење. Дваесет години не научивме како да најдеме чист воздух, а нив да ги оставивме самите да си се задушуваат во својата смрдеа.

    9 октомври

    Погледнете ги бројките од последните истражувања и споредете ги со статистичките показатели. Над 30 отсто сиромаштија, над 30 отсто невработеност, Никола Груевски со рејтинг од од околу 20 отсто, Бранко Црвенковски стабилно се држи на легендарните 9 отсто. Рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ благо паѓа, а оној на СДСМ благо расте.
    Поминаа четири години откако владее Груевски, и бројките се тие. Ама Груевски четири години ги убедува луѓето дека толку е лошо поради Бранко. И дека ете, тој работи, сите го гледаат тоа, ама не може да постигне да поправи оти пред тоа с расипал Бранко. И што е најтрагично, успева да ги убеди луѓето дека е така.
    Во сите анкети бројот на неопределени гласачи и на оние што нема да излезат на гласање е меѓу 40 и неверојатни 55 отсто. Колкумина од нив чекаат да си замине Бранко? Колкумина од тие неопределени чекаат опозиција која на секој предлог на ВМРО-ДПМНЕ ќе одговори со контрапредлог, наместо да ни кажува колку ни е тешко. Знаеме дека ни е тешко. Ама не можат да очекуваат да гласаме за нив само затоа што ни кажуваат колку не чини, а не кажуваат што би направиле тие за да чини.
    Затоа Груевски си го негува Бранко. Со него постојано си има оправдување.
    А Бранко ќе се врати на власт ако остане доволно долго на чело на СДСМ, па да почека ВМРО-ДПМНЕ природно да се распадне и да се симне од власт. Оти од сожалување дека сфаќа дека многу ни е тешко, ќе го гласаат само 9 отсто. А сожалување никому не му треба. На 40те отсто неопределени на кои им е тешко, само од тоа што Бранко ќе ги сожалува нив, а тие него, ќе им биде уште потешко.

    29 октомври

    “Идентитетските прашања се многу важни, но она што е уште поважно е минатото да не ја држи иднината во заложништво”, му кажа претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Баросо на премиерот Никола Груевски во Брисел.
    Ако зборуваш од аспект на европски бирократ многу е лесно да се изразиш така.
    Ама од аспект на Македонец соочен со глупава блокада и насилничка политика на моќна соседна земја и лицемерно солидаризирање на моќната Европска унија и уште помоќното НАТО изјавата на Баросо звучи многу болно и беспомошно.
    Само, Баросо не е виновен. Ние сме си виновни што очекуваме од него да слушнеме нешто ново. И затоа што толку многу ги чекаме неговите изјави. Такви сме си ние. Пет века чекавме абер од Стамбола. Пет децении чекавме повик од Белград. Сега нетрпеливо секоја есен чекаме извештај од Брисел. Во меѓувреме направивме едно црешово топче, задоцнивме со востанието против бугарските фашисти, не стигнавме на АВНОЈ оти не завеа снег и последни се отцепивме од Југославија, ама дел од неа си задржавме во името.
    Така што изјавата на Баросо и сите европски бирократи што зборуваат со истите фрази за името очајно покажува дека ЕУ нема да ни го реши проблемот.
    Оти ЕУ нема проблем. Проблем имаме ние.

    27 ноември

    Се надевам дека Груевски по ова што му се случи завчера со А1 телевизија, конечно ќе сфати дека стапот има два краја. И дека кога садиш тикви со ѓаволот, тиквите од глава ќе ти се удрат.
    Нему му беше супер дружбата со Велија кога новинарите на А1 ги водеа хајките против луѓе и компании кои не им се допаѓаа на ВМРОвците. Запечатија судбини на луѓе и на фирми. Ама кога истите новинари ќе удрат врз Груевски и неговите, тогаш и фирмите регистрирани на адреса каде што се наоѓа телевизијата на Велија се дискутабилни. Па сега нека слуша како му викаат дека ова е почеток на крајот на неговото владеење.
    Гледам дека дури и Бранко не се потресе многу за телевизијата А1. Тој бил загрижен за демократијата. А до вчера Велија се фалеше дека ќе му биде кандидат за премиер, кога заедно ќе го турнат Груевски.
    Смешки. Сите со Велија си ги делеа гаќите, а сега сите сакаат да кажат дека гаќите им се чисти. Ама не било до гаќите. До газот било.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира