КУРТО МУРТО

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:200:"ДајдагоисфрлимеПитуГулиодхимната,отиитојможебибисепочувствувалнавреденодтерминот"влашколоби"

    1 Вчера ми недостигаше Бичиклиски. Помина цел ден, а тој не одржа ниту една прес конференција за новите кадри на Бранко.Се исплашив дека дури и Центарот за комуникации отишол предвреме на викенд на Халкидики. Но, имало Господ. Центарот се огласи околу пет попладне.
    Прво два дена ни го претставуваа новиот потпретседател на СДСМ Зоран Јовановски кој бил од некакво “влашко лоби”, имал некакви “банкарски тајни” и ги знаел “сите банкарски трансакции на граѓаните”.
    Потоа СДСМ им одговори дека “нивните оценки за новите кадровски решенија на СДСМ ниту ги интересираат, ниту ги загрижуваат”.
    И овие од ВМРО-ДПМНЕ се налутија. Па пак издадоа соопштение. Рекоа дека “во соопштението на СДСМ се гледа дека партијата не ја напуштила ароганцијата, надменоста и одбегнувањето на одговори и дискусија”, а нивното право на дебата и критика е “легитимно и неоспорно”.
    Преведено на нормален јазик тоа би било приближно вака: Бранко му вели на Никола: “Баш ми е гајле што мислиш ти за мене”. А Никола му одговара: “Како не ти е гајле? Зошто не ти е гајле? Лут сум оти не сакаш да се караш!”.
    Таков е премиерот. Секогаш се лути ако некој не сака да се кара. Прашајте го Љубчо, преку Ганка, преку Кедев, до Љубе… Од Грција, преку Австрија, па до Германија. И не може да сфати дека некогаш може да ги решиш работите и да не се караш.
    Груевски заради карање го дигна Бранко од мртвите. А сега уште и рамноправен соперник решил да го направи.

    2 Во сценариото за средби со граѓаните на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, објавено во партиски документ од 14 мај оваа година, во одделот за справувањето со последиците од светската економска криза, на градоначалниците, пратениците и функционери на партијата им се даваат тези за дискусија поткрепени со компарација со држави од регионот.
    Па така, на членството треба да му се укаже дека “во Романија која пред две години влезе во ЕУ се очекува негативен раст од 4,1 отсто”. Потоа, дека “Хрватска ќе ја почувствува економската криза многу повеќе од Македонија”. Дека “негативниот раст во српската економија ќе биде еднаков на македонскиот”. Дека “Црна Гора минатата година остварила економски раст од 7,5 отсто, а оваа година ММФ и предвидува рецесија”. Дека “во рецесија влезе и Турција со минус од 5,1% што е далеку повеќе од Македонија”. И на крајот се поентира дека “Македонија добро се справува со кризата, е оценка на ММФ и Светска банка дадена по неодамнешната посета на овие институции од вицепремиерот Зоран Ставрески и министерот за финансии Трајко Славески”.
    Не знам зошто аналитичарите на владејачката партија со споредбите запреле само на земјите од Балканот. На членството на ВМРО-ДПМНЕ треба да му се каже и дека во рецесија се и САД и Јапонија. Од неодамна и Швајцарија прогласи рецесија. Негативен раст има во Германија, Велика Британија, Шпанија… Во рецесија се и многу земји кои за разлика од Романија се членки на ЕУ многу од поодамна.
    Со вакво параспур друштво, Македонија нема што да бара укинување на визите. Ние треба да им воведеме визи. Сите ќе нагрнат во Македонија да бараат работа. Секаде се губи работа. Само кај нас уште може да се добие. Само ако си член на партија. Романците веќе аплицираат за членство во ВМРО-ДПМНЕ, а богами и Србите фаќаат врски кај амбасадорот Љубиша Георгиевски во Белград.
    Од нас е подобра само Ангола. Макар што и ним во Африка не им оди баш најдобро. Лани имале раст од 26 отсто, а годинава поради економската криза очекувале само 6 отсто. Ама кај и да е, со вакви партиски директиви и нив ќе ги одминеме.
    Има мала мана. Ангола има нафта, а ние немаме. Ние пиеме нафта.

    3 Триумфалната порта, инспирирана од Париската, што ќе никне во центарот на Скопје е најдоброто во Македонија. Оти ги симболизира мултикултурата, мултирелигиозноста и мултиетничноста. Портата како мост ќе ги спојува семкарницата “Зуко” и сендвичарницата “Чичко Стоилко”. Под неа ќе се поклонуваме на споменикот на Крсте Петков Мисирков. Штета што ја затворија ќебапчилницата со лесковачка скара. Оти само уште таа треба на плоштад со име “Пела”.
    Јавно ја прашувам Владата. Зошто ја фаворизира само Општина Центар? Зошто не распише конкурс за други монументални споменици по урнек на светските и во другите скопски општини.
    Па на Аеродром да се гради Бранденбуршката порта. Во Кисела Вода ќе никне Ајфеловата кула. Под неа може да поминува старата рампа. Во Чаир, како знак на пријателство со Америка ќе се извиши Статуата на слободата. Во Арачиново ќе пукаат топовите од Калемегдан коишто ноќта спроти 29 ноември пукаа на Денот на Републиката. Тамам им се погоди оти 28 Ноември е Ден на албанското знаме. Во Сарај покрај Треска ќе никне Бриселскиот атомиум. А Карпош како последно упориште на комунизмот ќе го добие Кремљ. Точно наспроти Влајко. Кривата Кула од Пиза убаво ќе му држи сенка на Филип Втори во Гази Баба. А Белата кула од Солун не ја градиме никаде оти и онака Солун е наш.
    А Дизниленд каде ќе го направиме? Каде ќе се сликаме со Мики, Мини, Пајо Паторот и Шиљо? Па се знае. Во Владата. Кога ќе се организираат отворени денови и кога министрите ќе собираат идеи, граѓаните ќе се ракуваат со своите омилени јунаци.

    4 Случајот со одземањето на дозволата за работа на Фершпед покажа дека, за жал, и Никола Груевски како политичар воопшто не се разликува од неговите претходници, било десни или леви. Место брзо и ефикасно, како што вети уште пред три години, да ја извлече Македонија од агонијата на посткомунистичката транзиција, и тој како и претходниците уште повеќе ја заглибува во неа.
    И мотивот за тоа е ист како и кај претходниците: грабање и прераспределба на капиталот во партиски имот и владеење со партиски клики. Партијата и нејзината благосостојба е поважна од благосостојбата на државата.
    Штета, оти Груевски, позиционирајќи се пред три години како технократ, изгледаше дека сака да ја искористи историската шанса и да и стави крај на транзицијата. Ама, тоа било мит, во кој тој се обидувал да н убеди со владините кампањи од типот “Ти си Македонија”. Какво “градење на нацијата”, какво “стимулирање оптимизам”, какви бакрачи…? Сите билборди и реклами биле прикаски за наивни идеалисти.
    Деветнаесет години левицата и десницата се менуваат на власт. И по секоја промена државата тоне уште подлабоко, а стандардите за владеење се с пониски и пониски.
    Курто, Мурто… Курто, Мурто… А Македонија во кал до гуша. И никако да куртули. Ни од Курто, ни од Мурто.

    5 Дали Питу Гули би се почувствувал во која било смисла навреден од терминот “влашко лоби”? Оти ВМРО-ДПМНЕ цинично им се извини само на тие што така се почувствувале. Ако Питу Гули би се почувствувал навреден, дај да го исфрлиме од химната. Оти таму не му е местото.
    Баш ми е гајле дали некој газда е чесен, или нечесен и како ги заработил парите. Ама многу ми е гајле кога владејачка партија ќе смисли термин “влашко лоби” и јавно на прес конференција ќе промовира говор на омраза со кој ги прогласува Власите за неподобни.
    И сите молчат. Јаките интелектуалци и загрижени за човековите права и слободи во весников се јавуваат да реагираат кога ќе објавам гола женска, или мрсен виц, а за говор на омраза со кој владејачка партија жигосува цела една нација си гледаат сеир.
    Кој е следниот за жигосување, господине премиер: Атеистите? Самохраните мајки? Хомосексуалците? Богатите? Егејците? Наследниците? Тие што нема да запишат факултет? Разведените? Љубителите на современа архитектура? Плавушите? Или сите тие што сега си гледаат сеир?

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира