1 Можете ли да си замислите како е да се купат 15.000 карти за фудбал? Како двајца отишле на благајна и ги купиле сите карти за новата северна трибина на Стадионот во Скопје, и плус уште пет илјади за јужната. Картата е 200 денари. Тоа значи дека двајцата морале да избројат 3 милиони денари. На секој по милион и пол денари.
Како ли се оди во шопинг со милион и пол денари во кеш? Ги ставиле парите во џеб? Што џебови ќе беа тоа? Со патни торби ли се појавиле на шалтер? Или ги распределиле во папки и коверти? И како ли се бројат милион и пол денари на шалтер во парк? Па после како се бројат по 7.500 карти на истиот шалтер за да не те зезне шалтерскиот службеник. Тоа е сериозен процес. И с се случило за само два часа, затоа што само по два часа ги снема сите карти за Македонија Шпанија.
Откако приказната излезе и во Шпанија, МВР реши да се вклучи во акција. Ја потсети ФФМ дека “ќе бидат преземени мерки согласно законите” и МВР “ќе дејствува согласно своите овластувања и надлежности”.
Многу ми е ќеф што МВР им се заблагодари на медиумите што го иницираа ова прашање. Ама уште повеќе ќе ми го направи ќефот ако МВР соопшти и кој е виновникот за оваа ујдурма.
2 Каде е Бичиклиски? Да не отишол на одмор? Оти обично за с што се случува во државата, ВМРО-ДПМНЕ има коментар. И обично се знае виновникот. Бранко Црвенковски.
Море стварно. Ова баш личи на нешто што Бранко Црвенковски би го направил. Го пратил министерот во тренерки од времето на ТАТ со вреќа пари да ги купи сите карти, а Соња Николовска стоела зад шалтерот и ги пребројувала банкнотите. И после картите им ги подметнале на општинските комитети на ВМРО-ДПМНЕ. А ВМРОвците бидејќи во времето на аферата ТАТ биле првачиња, не се сеќаваат на министерот во тренерки и на Соња.
3 Зошто би го направил ова Бранко, а да нема политичка корист. За да им подметне уште едно кукавичко јајце. ВМРОвците да седат на северната трибина за да се навикнат на идејата за новото име на државата. Северна Македонија.
4 Северната трибина на “Филип Втори” засега ни донесе само маки. И допрва ќе биде причина за нови поделби.
Досега се знаеше. Ќе викнеа комитите “Јави се јужна!”, и толку. А сега кој ќе вика “Јави се јужна!”, а кој “Јави се северна”. Што ли ќе правиме во 2012 ако имаме и источна и западна. Еден стадион, многу поделби.
5 На Мечкин Камен за Илинден ништо ново. Освен што оваа година заедно со комитите, дефилираше и фалангата на Александар Македонски. Организаторот на Илинденската коњица рече дека античките војници им се придружиле на комитите за да докажеме дека Македонците не се од 1903 година туку уште од четвртиот век пред нашата ера.
Кога ги гледав комитите и античките војници во ист строј, се сетив дека организаторите го заборавиле средниот век. Не влеговме белки преку ноќ од фустанчињата на Александар во бечвите на комитите. На Мечкин Камен фалеа Самуиловите војници.
Навистина, каде се Самуиловите слепци? Тука се некаде. Мижат. И чекаат да заврши овој цртан филм. За да почнат вестите.
5 А вестите не се менуваат со години. Или Албанците се бунат. Или Грците се закануваат. Или Бугарите уценуваат. Или Србите се лутат. И с се случува во исто време.
Баш ме интересира која е следна држава членка на ЕУ, по Грција и Бугарија, што има некоја фрустрација која ќе сака да ја излечи со вето врз Македонија.
Што параспур друштво е таа Европска унија? Прво ќе ти поставуваат божем бенчмаркови. Па потоа од солидарност ќе се изживуваат врз нас. И на крај најбезобразно ќе ни кажат: “Знаеш, ние сме внатре, а вие сакате да влезете”.
6 Непосредно по изборот за Претседател, рејтингот на Ѓорге Иванов беше 2 отсто. Потоа му падна на 1 отсто. А завчера, според анкетата за Институтот “Павел Шатев”, беше објавено дека рејтингот му паднал на 0,9 отсто.
Тоа значи дека Ѓоле е во тренд. Ја следи државата. Заедно со Македонија, и тој оди во рецесија.
Звучи шашаво, ама така е.