1 Многу ми беше жал за Артим Шаќири. ФФМ и селекторот Агим Јонуз го зафркнаа и му го расипаа најубавиот ден на фудбалерот со светска кариера. Не му дадоа дома барем десет минути да игра на сопствениот проштален фудбалски меч против Шпанија.
Ама, Артим барем доби сатисфакција. Оти 30 илјади луѓе од трибините го скандираа неговото име. А сите ние останавме незадоволни. Оти речиси секаде на клучни позиции имаме луѓе што знаат само да ти ја расипат радоста.
Кога од трибините одекнуваше името на Шаќири, се сетив дека истиот ден на вестите јавија дека биле примени на работа 240 нови државни службеници според Рамковниот договор. Кога триесет илјади луѓе со аплауз и овации го испратија Албанецот од Струшко Артим Шаќири, гордо сеќавајќи се на неговиот гол против Англија во 2002 година и развеаното македонско знаме во поствоена пострамковна Македонија, на 240 Албанци од секаде низ Македонија им дадоа некаква работа, а тие не знаеја на телевизија ни да бекнат на македонски јазик. Ај што не знаеја да одговорат, туку не знаат ни што ќе работат, ни каде ќе работат. С во името на соживотот и пополнувањето на рамката од проклетата 2001 година.
Да беше Артим еден од рамковните немаше да се појави на теренот и ќе изјавеше дека тоа му го прават оти е Албанец. Како лидерите на партиите кога за с што не им се допаѓа се закануваат дека ќе го напуштат Парламентот. Ама Артим се појави пред публиката и потоа си замина дома. Не го гледал натпреварот, но не ја изневери публиката што се радуваше со него кога го вееше македонското знаме. Оти Артим и таа публика се вистинскиот соживот. Подобар од 100 рамковни договори. А неспособните политичари со својата себичност и рамки тој соживот можат само да го уништат.
2 Претседателот на Македонија Ѓорге Иванов непосредно пред натпреварот со Шпанија ги посети македонските репрезентативци. Прво им одржа предавање по уставно право: “Кај е Македонија таму треба да биде и Претседателот. Претседателот ја претставува државата”, им рече Ѓоле на фудбалерите небаре треба да им се правда зошто е меѓу нив.
И потоа во стилот на вистински дедо на нацијата продолжи: “Се бориме, правиме с… Имаме големи напори, ама некако гледате и она што требаше да биде радост, без лезет е. Имаме нов стадион, нова трибина…. Некако, како некој да фрлил клетва…”
Зошто клетва? Затоа што капитенот му удри шлаканица на својот соиграч? Затоа што некој им продал лажни “ролекс” часовници на македонските фудбалери што играат во странство? Затоа што на Шаќири не му дадоа да игра? Затоа што беа отпечатени карти лесни за фалсификување и без нумерација? Затоа што с уште не се знае колкумина кулиле 15.000 карти? Затоа што картите мораа да се менуваат со покажување лична карта? Затоа што при изградбата на Северната трибина загина работник за кој не се утврди дали работел прекувремено и без заштита?
Професорот Ѓорге Иванов треба да му се јави на претседателот Ѓорге Иванов и да го советува дека како Претседател не може да им раскажува на фудбалерите приказни за некакви проклетства. Претседателот има овластувања и одговорност и ако веќе ја отвори таа тема можеше да им каже дека како Претседател ќе побара да се испитаат сите околности што довеле до меѓународната бламажа на Македонија, да се откријат виновниците за тоа и да бидат казнети.
Најлесно е да избегаш од одговорност и да речеш дека некој н проколнал. Како децата што се жалат дека имаат единица оти ги мрази учителката. А не дека не напишале домашно.
3 Не сум љубител на фудбалот. Затоа можев сеирџиски да следам како се мачат љубителите на фудбалот како од шест сабајле чекаа со саати и се туркаа да ги сменат картите што МВР нареди да се препечатат.
Тие први што ќе успееја да ги заменат картите, од другите маченци беа поздравувани со скандирање “Оле!”. Во околните кафеани седеа сеирџии и ги зафркаваа тие што се мачеа за карта. Пајаците најревносно ги дигаа колите, а полицијата строго ја координираше акцијата. И тоа траеше цел ден и голем дел од вечерта.
Да беше некој друг народ, а не македонскиот кој во генот го има запишано златното правило “Наведната глава сабја не ја сече”, Хаџи Ристески и неговите од ФФМ сами ќе си славеа и 100 години фудбал и пуштање нова трибина и пријателски меч со европски шампион. Ама ние сакаме да се мачиме. Така полесно ќе си се самосожалуваме.
Небаре ни треба оправдание за самосожалување. Клетва ни фрлил некој…
4 Советот за радиодифизија објасни дека емитувањето на ТВ “Нова” било кршење на Законот за авторски права и ќе било пречка за влез во ЕУ.
Штом е пречка за ЕУ, дај да се помириме со судбината. Само, како Советот за радиодифузија се повикува секогаш на ЕУ кога се загрозени бизнис интересите на коалициските партнери на Владата, а за ЕУ не е пречка ако некој прави концентрација на телевизии и весници и не се крие, иако тоа е забрането со закон?
Така што, сега покрај телевизиите ВМРО 1, ВМРО 2 и ДУИ 1, ќе ги гледаме и ТВ Стојменов, ТВ Ѕинго и ТВ Рамковски.
Мора некој да фрлил клетва штом и по 19 години самостојна и независна Македонија н снајде голема трагедија. Немаме телевизија. Затоа што откако ни ја забранија ХТВ 2, сега ни ја укинаа и хрватската ТВ “Нова”.
5 Музејската неолитска населба Тумба Маџари ќе добие уште две куќи од кал. Како за тоа да треба посебен музеј.
Напротив, во Скопје треба да се исчисти една улица, на тротоарите да нема паркирани коли, контејнерите да бидат затворени, во тревникот да нема кучешки гомна и кога ќе врне водата нормално да истекува.
Градоначалникот на Скопје Коце Трајановски треба таа улица да ја заштити и да ја чува за покажување. Како за музеј. Да се чудиме колку може да биде нормално и чисто.