1 Да гледаш со свои очи, да слушаш со свои уши, и пак да не веруваш. Бранко зборува за некакви изгубени години. И ни ветува дека ако реши народот да излезе на улица против Владата, тој ќе застане на чело. Лидерот на СДСМ ќе чека да се случи народ за да има кој да застане зад него. Овчарот ги чека овците.
Ако се случи буна, Бранко ќе н води во иднината. Може уште еднаш ќе го смени името. Може ќе го смени и знамето. Може ќе санира уште некоја банка како Стопанска. Може ќе донесе нов закон за загубарите. Може ќе направи уште една успешна приватизација. Може ќе направи уште еден Бранков закон за вработување. Па уште еден. Па ќе го фати октоподот за опашката. Па ќе има “по еден вработен во секое семејство”. Па ќе го обнови проектот “Ауди”. Па ќе ја пополнува дупката на бродот на пензионерите за да не потоне….
Имаше многу успеси, и не можам сега да се сетам на сите. Така што ако народот реши да излезе на улица и баш Бранко го избере да му биде на чело, ќе бидеме сведоци на уште еден успешен проект враќање во иднината.
2 За разлика од поранешниот претседател кој има амбиција да н враќа во минатото, новиот претседател е поконзистентен. Тој упорно н враќа во минатото. Ѓорге Иванов конечно има агенда. Шета по светите места низ државата. И да не го видев завчера како ѕирка во една дупка, немаше да знам дека селото Паљурци кај Богданци името го добило според свети апостол Павле.
Зошто Паљурци би се викало според светецот Павле? Можеби затоа што богданчани, свесни за “идејата за мир која апостолот ја ширел со доаѓањето во Европа, врз која денес се гради западната цивилизација”, како што убаво се изрази Претседателот, Павлета нагалено го викале Паљо. Од бунарот во кој за малку ќе ни паднеше Претседателот, апостолот Павле пиел вода и се напојувал со идејата за сплотување на луѓето, па народот ја измислил песната “Павле ми пие, Павле ми пие…”. Тоа “вино ем ракија” што оди понатаму во песната е обид на комунистите кои сакале да го омаловажат нашето свето минато. Среќа наша што си ги избравме Груевски и Иванов, па тој комунистички заговор е разоткриен, и приказната за бунарот во Паљурци конечно доби научна потврда.
Медиумите јавија дека Претседателот бил импресиониран од посетата на остатоците на манастирот во Паљурци. Затоа “изразил надеж во пресрет на празникот да посети и други места што претставуваат гордост на државата и на кои треба да им се даде она значење што го заслужуваат”.
Ако Ѓоле избира каде ќе оди според преданијата за имињата на селата, тогаш сигурно знаеме дека нема да оди во Куратица, Прдејци, Подмочани и Долнодупени. За разлика од Паљурци, ним не треба да им се даде она значење што го заслужуваат.
3 Замислете каква новинарска дрскост беше тоа што некојси таму дописник го праша Претседателот да каже нешто за преговорите за името. Каде се видело среде светото место Паљурци, шефот на државата да се вознемирува и тоа не со какви било туку со сериозни државнички прашања. И кои се тие новинари што ги интересира иднината, наместо да погледнат во бунарот да видат колку свето минато имаме.
Се налути Претседателот. Не е професор. Претседател е. А Претседателот одговара само на прашања на главни уредници. И до шести септември не одговара ништо, оти тогаш ќе има отворена програма на телевизија. Плус дотогаш можеби и Груевски ќе се врати од пат, па ќе има Ѓоле кого да праша што смее да одговори.
4 Груевски се спотера дури до Канада за да потпише договор за пензиите. Премиер потпишува нешто што во нормални држави може да потпише министер за труд и социјала. Или министер за надворешни работи.
Што да правиш? Не смее да му се дозволи на Бранко да зборува дека Македонија со оваа влада е во меѓународна изолација и во бунар. Па на Груевски му смислија некаква божем меѓународна активност.
5 Турската компанија што ја доби концесијата за изградба и менаџирање на македонските аеродроми пак ја одложи инвестицијата. Нема да се реновираат ни Скопскиот ни Охридскиот.
Но тоа не е некоја голема штета. Најмногу ми е жал што и Штип остана без аеродром. Како ли ќе стигнуваат сега професорите од Сорбона што ќе предаваат на Штипскиот универзитет?
6 Гледав извештај од некоја стручна расправа за транспарентноста на судовите. И слушнав дека сега, за разлика од порано, од македонските судови излегувале задоволни граѓани.
Кои се граѓаните што излегуваат задоволни од суд? Веројатно само тие со бракоразводни парници.