1. Русите доаѓаат! И тоа прво во фабриките што имаат некаква врска со производство на оружје. Како партнери во мир да видат со кои капацитети се подготвуваме да влеземе во НАТО. Мора да се признае дека посетата на руските офицери е многу интересна во време кога Македонија ги стави во сила сите можни дипломатски и воени канали да го убеди НАТО дека сака да биде со него.
Којзнае, можеби и Русија сака да влезе во НАТО. Можеби нé одбрала токму нас, како најсериозни кандидати за прием, да се прошлепува, па кај е Македонија ќе ја примиме уште и Русија. Од таа гледна точка воопшто не е чудна и обиколката на македонските фабрики што имаат производствени линии за воена опрема. Руските офицери учеле во производните погони на “11 Октомври” во Куманово, Металскиот завод “Тито” во Скопје и “Сувенир” во Самоков. Впрочем, воопшто нема потреба ни за изненадување, ни за сомничавост во намерите на руската воена делегација. Во НАТО се влегува и со “Тито”.
Тие што не се разбираат во глобалните политички прашања објаснуваат дека Русите дошле да видат што има да се купи во нашите фабрики. И дека ние, ако сме паметни, од оваа посета уште ќе излеземе и со добивка. Демек, ние ќе им продаваме. Само сосема да не им се продадеме. Дури тогаш ќе бидеме – ќар до гуша.
2. Како воздушна поддршка на руската пешадија дојдоа и Србите. Во четвртокот на скопскиот аеродром слета авион на ЈАТ. Во него имаше српски стопанственици. На аеродромот ги пречекаа македонските стопанственици. Имаше и бакнување и шампањско и многу телевизиски камери и изјави. Српскиот јазик повторно се врати како јазик за универзалната комуникација на овие простори. Такво воодушевување какво што предизвика слетувањето на авионот на ЈАТ не верувам дека би предизвикало дури ни слетување на “спејс шатл”.
Се разбира за сосема нормална неконтролираната емотивна реакција на луѓето. По четири години пауза ЈАТ се врати во Скопје. По четири години на стопанствениците на Душан Петрески повторно светот им е на дланка. Затоа што ним секогаш светот им бил – Белград. А патувањето со “млекарските” линии на авионите на ЈАТ, што уште во рани зори полетуваа од Скопје за Белград, им беше врвен дострел во стопанисувањето и потврда на нивната успешност.
Во меѓувреме, како ништо да не се случило. За нив изгледа и по четири години нема други пазари освен српскиот, други јазици не им требаат кога добро знаат српски, па дури и ова македонските авиокомпании можат да се укинат, кога веќе си го имаме “нашиот” ЈАТ да нé вози до Белград и назад. Ако е веќе така, нема причина двајцата претседатели на Комората Петрески и Влајко Стоиљковиќ да не бараат намалување на административните бариери, а стопанствениците укинување на царините. Утре ќе побараат царинска унија. Потоа ќе прашаат – а што ќе ни се и граници?
Оваа година наесен ќе треба да ја прославиме петгодишнината од независноста. Некој ќе рече: “Доста ни беше и толку!”
3. Голема штета е што Србите го сменија нивниот гувернер на централната банка Драгољуб Аврамовиќ. Тој се имаше договорено со нашиот гувернер Борко Станоевски идната сабота во Охрид да го делат златото што остана блокирано од бившата СФРЈ. Гувернерот Станоевски имаше задача да им организира полни пансиони на гувернерите од бившите ЈУ-републики покрај Охридското Езеро, а Аврамовиќ требаше да ги собере и да ги донесе во Охрид.
Арно ама, Аврамовиќ веќе не е гувернер на Југословенската народна банка, другите гувернери не го ни најавија доаѓањето во Охрид, и си остана Борко Станоевски, разочаран, осамен и несреќен и без злато. А баш си имаше купено еден ќуп на струшкиот пазар зашто грне му било мало и единствената грижа му беше дали и ќупот е доволно голем да го собере целото злато што според критериумите на Меѓународниот монетарен фонд треба да ѝ припадне на Македонија. Си остана гувернерот, без злато и со празен ќуп. Му остана само охридскиот – бисер!
4. Министерството за правда се ослободи од потписите за референдум за предвремени избори. Министерот Поповски пак му ги врати на Тито Петковски. Овој пат прочистени од Заводот за статистика. Тој откри дека околу 46 илјади потписи се со недостатоци.
Од нив, пет потписи биле на ретардирани лица, на кои со судска одлука им е одземена деловната способност. Што ти се вика сеопфатна статистика. Статистичарите дури знаат и кој е ретардиран во оваа држава. Јас пак си мислев дека проверката е едноставна работа. Или те има или те нема во избирачкиот список. Немав поим дека ако те нема, Заводот за статистика има податок и зошто те нема. Значи, независната статистика, покрај тоа што е поврзана со независното судство, поврзана е и со независното здравство.
Податоците на Заводот се основа за организирање на изборите. Што поголем број ретардирани, тоа поизвесни изборни резултати. Само не знам дали Заводот за статистика има податок колкумина нé има со ампутирани мозоци!