РОБИН ХУД

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:158:"Македонскиначинзавладеењенаправото-акопочитувашзакон,правишисторискагрешка

    1 Се слуша ли вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески што зборува? И ако се слуша, дали си верува во тоа што го слуша? Оти не може министер за финансии да објаснува дека Владата ќе ја намали цената за купување на дворовите на едно евро, а во исто време вели дека нема податоци колкумина ги купиле дворовите по повисоки цени и уште колку дворови останале за продавање. Министер за финансии, а не знае колку досега заработила државата. И не предвидел колку ќе заработи со намалените цени.
    Само богаташите ги купиле дворовите по високи цени. И таму некои исплашени пензионери и домаќини се задолжиле по банките и зеле кредити да си го средат имотот. А сега Владата им дава шанса на сиромашните да си ги купат дворовите по ниски цени. Така вели вицепремиерот.
    Колкумина се и едните и другите, не се знае. Зоки не ги знае бројките, ама мерката е популистичка. Робин Худ. Ги зезнале гнилите пензионерски богаташи што верувале во државата, за да им дадат на сиромашните.
    Не верувам дека и самиот Ставрески го слуша тоа што го зборува. Глуми конзервативна десница, а ги мрази богаташите. Или се изгубил некаде во транзицијата меѓу комунизмот и капитализмот.

    2 Прво Владата ќе ти даде рок за откуп. Па ќе те плаши дека подоцна ќе било или многу поскапо, или нема да имаш можност да го откупиш земјиштето. Ќе се малтретираш половина година. Ќе поминеш милион бирократски процедури, ќе земеш кредит за да си го купиш дворот, и на крај Владата ќе ги награди тие што решиле уште од почеток да не и веруваат.
    Ќе вложиш пари да го применуваш ХАСАП, Владата ќе ја одложи примената на Законот оти други не вложиле. Ќе плаќаш редовно пензиско и здравствено осигурување и ако задоцниш малку, ќе ти наплатат камата. На тие што не плаќале со години здравствено, ќе им го простат цел долг кога ќе решат да плаќаат.
    Законите во Македонија важат цели три минути. А парадоксот е што државата постои баш благодарение на тие будали што во првите три минути го почитувале законот.
    Според Ставрески, кој не убедува дека со новата цена за откуп на дворовите се исправала историска грешка, излегува дека баш тие што го почитуваат законот се историска грешка.

    3 Сега ми е јасно што значела оставката на министерот за транспорт Миле Јанакиески од “морални причини”. Тоа значело дека мора да остане на функција. Оти, така вели шефот.
    Несреќата во Охридското Езеро, во која загинаа 15 бугарски туристи, е чиста како солза.
    Бродот бил претоварен со 13 патници над капацитетот. Никој не контролира колку патници се качуваат во охридските бродови и кајчиња. Никој не води сметка колку фискални сметки им се издадени на патниците. И бродот потона.
    Но тоа што никој не контролира, не е божја волја. Оти си има капетан на бродот, си има Капетанија на пристаништата, си има капетан на Капетанијата си има инспектори, си има министер. Значи има одговорни за несреќата по име и презиме и по функција.
    Миле Јанакиески испушти да се повлече како херој и да му го споменувавме името како еден од ретките политичари што имал образ сам да се повлече од функцијата веднаш по голема несреќа. Уште го споменуваме како светол пример само Антони Пешев, кој си даде оставка од министер за транспорт во 1993 година, дури откако му паднаа два авиона и загинаа над 200 луѓе. Млад е Миле. Има време за политика, лидерот му е наклонет и секогаш може на голема врата да се појави на друго место. Нема амбиција белки скопскиот водовод да му биде најголемиот политички успех во животот.
    Ама си остана Миле за сожалување, за понижување, за политичко поткусурување и за мајтап. Оти сакал да си оди, ама не му дал шефот. А Груевски ја послушал пратеничката група на ВМРОДПМНЕ која направила сопствена истрага и побарала од премиерот да не му ја прифаќа оставката. Како ли само течела истрагата на пратеничката група? Преку охридскиот пратеник, чиј братучед бил капетанот на Капетанијата што се крие цела недела? И ако веќе пратеничката група ги знае резултатите од истрагата, зошто не ни ги кажа. Почнаа ВМРОвците многу да се дружат со ДУИ и со ДПА, па станаа како нив. Прават паралелен систем. Ем се законодавци ем се истражни судии. Ем му сугерираат на премиерот.
    Баш и е гајле на пратеничката група за Миле. Ќе го бранат тие и кога ќе му го извадат повторно ревизорскиот извештај за Министерството. И шефот ќе реши да не го сменува оти пратениците не констатирале неправилности.
    Ама во Македонија не е само “Илинден”, обично старо кајче претоварено и надградено со потпокрив. Колку потпокриви и натпокриви има натоварено врз зградите? И едните и другите се во ресорот на Миле.

    4 Кога ги слушам СДСМовците како коментираат дека оставката на Миле била фарса, се сеќавам каква фарса беше оставката на тогашниот министер Фрчкоски по атентатот врз претседателот Глигоров во 1995. Таа не беше ни од морални причини. Таа беше неотповиклива, ама Црвенковски реши да не го отповика министерот.
    Ај Фрчко барем понуди оставка. Ама во 2004 на СДСМ додека беше на власт му падна владин авион во кој загина Претседател на државата, па никој не ни помисли на оставка. За владиниот авион одговорна беше Службата за општи и заеднички работи. Директор на Службата беше Горан Минчев, тогаш висок функционер на СДСМ. Пилотите не беа пратени на симулатор со години.
    Нека не ми зборуваат многу за оставки и за морал. Паметиме ние ако тие не паметат.

    5 Македонија е трета земја топреформатор во светот. Како земја за водење бизнис е рангирана на 32. место, што е скок за 37 места во однос на лани.
    Баш ме интересира како го прават тој список? Ај нека дојдат во Македонија сега кога сме толку напреднати и цела година нека водат бизнис. И в година да видиме за колку места стварно сме напреднале.

    6 Слушав завчера некаква расправа за туризмот во Охрид. Што да слушаш? Дека ако имало домашни легални туристички водичи, ќе немало да потоне бродот. Тие ги знаеле бродовите и можеле да проценат колкумина може да се качат, а да не се претовари. Ако оставивме на водичите да прават рамнотежа на бродот, не е ни чудо што имаме ваков туризам. Чудо е како не потонале повеќе бродови досега.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира