1 Јас ја имам Енциклопедијата. И многу сум среќен поради тоа. Сега, кога ќе ја сменат, ќе и порасне вредноста. Којзнае колку ќе можам да заработам на неа ако ја продадам како колекционерски примерок.
Само, ме загрижува дали како сопственик на неподобна книга, и мене заедно со Македонија ќе ме примат и во ЕУ и во НАТО. Ако не ги укинат визите, дали воопшто и ќе можам да аплицирам за излегување од земјава оти сме ги налутиле Велика Британија и САД? Дали покрај М1/ М2 обрасците, авионските карти, покани, гарантни писма, број на чевли, осигурувања и слични документи, амбасадорите ќе испраќаат некој дома да ми ги провери книгите. Енциклопедијата ќе ја скријам. Тајно ќе ги читам поглавјата за ОНА и за Албанците. За да го испочитувам Рамковниот договор и стратешките партнери на Македонија.
Се направила грешка, се отвори дебата, грешката ќе се поправи во второто издание и… толку. Луѓе мои, заборавате дека во Македонија прв пат се објавува толку сеопфатно и обемно дело. Не сакам да ги амнестирам авторите од одговорност ако нешто згрешиле. Дај боже да има помалку грешки. Ама, луѓе сме, ќе се разбереме. Нема белким пак пушки да земаат за да ни ги запленуваат колекционерските парчиња од енциклопедиите. И кога ќе ги соберат, што ќе прават со нив? Ќе ги палат на плоштад?
2 Апсолутно сум сигурен дека ЕУ не може да смисли толку бенчмаркови, колку што ние можеме да направиме глупости. Ама сепак. Енциклопедијата е само книга. Уште не ми е јасно кому му текна во 21 век да повика на забранување книги. Па нели баш таа демократска Европа и уште подемократска Америка не учеа дека цензурата е недозволива и неоправдана. Или, оправдана е само ако на Албанците од Македонија не им се допаѓа нешто што е напишано.
Напишано е дека САД и Велика Британија ги обучувале припадниците на ОНА. А тие не ги обучувале. Само им помагаа.
Не се сеќаваат? Заборавија дека Питер Фејт самиот се фалеше дека тој ги извлекувал припадниците на ОНА од Арачиново за да не ги дотепа Љубе Бошковски со хеликоптерите. Американците им пратија автобуси за да ги пренесат на “слободна територија” кон Кумановско. Велат дека дури автобусите биле и со клима, ама таа теорија се уште не е докажана, па не е за во енциклопедија.
Се сеќавате ли како се смеевме на една ТВ снимка кога тогашниот британски амбасадор Марк Дикинсон го караше тогашниот пратеник Кастриот Хаџи Реџа како мало дете? Тој Реџа беше лидер на некоја нова партија и даваше радикални изјави, а британскиот амбасадор го тераше пред камери да изјави дека веќе нема така да прави.
Впрочем, изјавата на тогашниот генерален секретар на НАТО Џорџ Робертсон дека Македонија ја нападнале “разбојници и бандити” стана симбол на апсурдот што потоа ни се случи. Разбојниците и бандитите станаа борци за човекови права, а сега се гарант на стабилноста на Македонија.
Значи кога тоа било објавено во весниците и на телевизија, тоа било слобода на печатот. Зошто тоа што било во весниците тогаш, сега не може да влезе во книга? За да ни направат дупка во меморијата.
3 Кога Албанците во Македонија зедоа оружје и убиваа го користеа терминот “борба за човекови права”. Сега за се што не им се допаѓа се кријат зад фразата “почитување и имплементирање на Рамковниот договор”.
Сето тоа е убаво. Ја добија војната. Живееме во држава во која едно од најголемите богатства треба да биде соживотот на различни нации, култури и религии.
Ама осум години по војната во 2001, се уште не ми е јасно кој е придонесот на тогашните борци за човекови права во градењето соживот во Македонија. Дали само тоа што не се фаќаат за оружје секогаш кога за нешто не се согласуваат?
4 Соседите пак тренираат на нас. Прво албанскиот премиер Сали Бериша побарал од претседателот \орге Иванов “надлежните институции да интервенираат околу содржината на енциклопедијата во делот за Албанците”.
А и Бугарите да се најдат во муабет и да не бидат мрзеливи имаа нешто да кажат. Не знаат кои им се забелешките, ама енциклопедијата не чини оти “е користен јазик и терминологија од Студената војна”.
А со кој јазик тие не ја регистрираат ОМО Илинден како партија? Со јазик на топлата војна? Или со истиот јазик со кој и Грција го негира постоењето на македонскиот народ.
5 Претседателот \орге Иванов ја продолжува традицијата на претходните македонски претседатели, кои одеа дури до Њујорк за да се видат со соседите. И со Метју Нимиц, нормално.
За да не излезе дека и \оле во Њујорк не може да се пофали со некоја завидна дипломатска активност објавија и ваква вест: “Поранешниот американски амбасадор во Унгарија, Доналд Блинкен, ќе организира посебен прием за Иванов. На приемот ќе учествува Ентони Блинкен, синот на амбасадорот и воедно советник за национална безбедност на потпретседателот Џозеф Бајден”. Ваууу… Каква вечера, каква чест за еден претседател. Ем бивш амбасадор, ем син му ќе биде таму…
Ме чуди како не објавија дека Иванов остварил средба и со рецепционерот на хотелот. Не е белким дека пропуштил можност да се сретне со него. А и со братот на рецепционерот. Тој работи како келнер во ресторан, ама претседателот најде време во набиената агенда и размени мислења за состојките на ручекот. За жал, поради презафатеност на собарицата, Иванов не можеше да се оствари средба со неа. Но, затоа пак на маргините на генералното собрание на ОН се задржа во кус пријателски разговор со синот на собарката кој воедно е и портир во ОН.
6 Минатиот пат предложив на местото на петокраката на грбот да ставиме банана. Денес имам нова идеја за јавната расправа. Би предложил да остане ѕвездата и наместо црвена, ќе ја направиме жолта. Така нема да мора да се менуваат и личните документи и таблите на државните установи. Нема да ја викаме петокрака, туку европска ѕвезда.
Ако не помине и тоа, имам и друг предлог. Во грбот има и тутун и афион. Дај сега да ставиме и лист од марихуана. Не верувам дека ЕУ ќе и најде маана. Особено не Холандија, каде што марихуаната е легална. На раат да испушиме и релаксирано да ја завршиме приказната со расчистувањето со старата идеолошка матрица.