1 Па и не било толку страшно што не добивме датум за почеток на преговори со ЕУ. Живи сме, Вардар тече кон Солун, се разденува, се стемнува, може и снег ќе падне. Така што, пострашен од недобивањето датум е свинскиот грип. Од него досега умреа 14 луѓе. А поради тоа што не добивме датум уште никој не умрел.
Ова колку за да ја релативизирам хистеријата дека по 7 декември ќе стане потоп. А и за да ги мотивирам докторите што чекале пример од новинарите за да почнат и тие да се вакцинираат. Така рече претседателката на Комисијата за пандемски грип Јованка Костовска. А јас, пак, мислев дека кога се работи за вакцини и болести, ние треба од нив да се мотивираме. Како што тие не слушаат нас кога им кажуваме за фатални датуми за Македонија.
Ние тука и не сме навикнати да живееме поинаку, освен да чекаме фатални датуми. Па меѓу два датума некако преживуваме. Само што оваа последна зафрканција од ЕУ конечно ни ги отвори очите. Овој пат не ни криеја дека ќе не откачат само за атер на Грција.
Така што евроамбасадорот Ерван Фуере џабе везе кога не убедува дека Брисел не било исто со Букурешт. Па и не е. Во Букурешт дури и поарно поминавме. Таму ни рекоа дека сигурно ќе влеземе во НАТО кога ќе го решиме спорот со Грција. А во Брисел, откако се обидоа да најдат решение, си го одложија проблемот. Па ни рекоа дека ако го решиме прашањето следниве шест месеци ќе се навратат да расправаат дали да ни дадат и кога да ни дадат датум за да почнеме преговори. Ако не, пак ќе го одложат. Имаме ние уште датуми за чекање.
2 Не би сакал баш сега да сум во кожата на Фуере. Да морам да ги убедувам и граѓаните и политичарите во Македонија дека европските вредности што тие не тераат да ги почитуваме, тие можат да ги кршат, и тоа на наш грб.
Сега божем се загрижени, па уште и не караат дека во Македонија ќе се развие евроскептицизам. Ало Брисел? Штотуку не зафркнавте. Веројатно имаме право да се лутиме. Нема белки да ни ставите цензура на чувствата?
3 Груевски, како поранешен боксер, во Брисел успеа да ги избоксува притисоците за промена не само на името туку и на јазикот и името на народот. Тоа беше удар за странците, и да се надеваме дека ќе донесе поен. Но како со тој удар тој сега ќе поентира дома. Што ќе правиме во следните шест месеци?
Ние не можеме веќе да си допуштиме да се караме меѓу себе. Прв премиерот треба да престане да ја злоупотребува темата за името за карање со опозицијата и со медиумите. Наместо спонтано да собира автобуси на протести и да не дели на предавници и патриоти, поарно ќе му е да ги собере сите за да го дефинираат конечно заедно интересот на Македонија. Тоа треба да го направи ако сака на светот да му покаже што навистина бара Грција. И ако сака светот да му поверува и да ни помогне.
Доста му беше веќе улогата на боксер аматер. Нека почне малку да се однесува како боксерски тренер. Кој ќе смисли стратегија за меч во кој ќе има повеќе од една рунда.
4 Овие шест месеци, за време на следното претседателство со ЕУ, едно е сигурно. Можеби датум за преговори нема да добиеме. Но датумот за одмор во Грција имаме време да го фиксираме.
5 Градоначалникот на Скопје Коце Трајановски најави дека ќе ги вади гранитните плочи од плоштадот Македонија и ќе ја враќа старата коцка. “Скопје треба да стане како европските градови во кои, ако прошетате, ќе видите дека сите плоштади се со вакви камења”. Тој вели дека главниот град ќе стане како Париз. “Идејата за коцката ми дојде додека шетав низ тој град”.
Леле, Коце, кој го пушти да шета?. И како од сите работи во Париз него го инспирирала баш калдрмата.
Ај да не одиме до музејот “Бобур”. Тој е нов. Или стаклената пирамида во Лувр. И таа е нова. Бидејќи Коце сака стари работи, можел да се инспирира и од Ајфеловата кула, и од Версај, и од мостот Пон Нев, и од Операта, и од плоштадот Конкрод, па дури и од подвозникот каде што загина Лејди Дијана.
Коце сега е во Истанбул. Пред да добие идеја да го изгради Топкапи и Долно Бахче сарајот, за да има каде достојно да ја пречекаме Шехерезад, да го прашаме: Дали во Париз ги чистат лисјата наесен и ги собираат? Дали ги метат рабовите на тротоарите? Дали, кога дува ветер, парижани дишат прав и се бранат од пластични ќесиња? Дали Шанзелизе свети по цела должина или само од Карпош 1 до Влае и чатпат околу Буњаковец? Дали по секој дожд се блокира цел град? Дали сите коли се на тротоарите, а луѓето одат по улица….
6 Добро е што на 19 декември и Владата ќе однесе стотина студенти во Париз за да го слават укинувањето на визите. Кога ќе се вратат студентите и нив ќе ги прашаме што ги инспирирало на патувањето. Ако и тие одговорат дека од Париз во сеќавање им останала само калдрмата, тогаш ни нема спас. Веднаш на помош да се викне онаа сенаменската фирма која набавува од полициски панцири до новогодишни светилки. Да набави и околу 800 илјади чифта опинци за скопјани.