1 Дали го гледавте обраќањето на премиерот на државната телевизија? Она што беше снимено на скалите пред Владата, кога Никола не гледаше одозгора. Не може да сте го промашиле. Гарант сте го фатиле. Имаше едно 156 репризи во сите делови од денот. Кога не одеше на МТВ интегрално го пренесуваа на Сител. За да го утврдиме материјалот едно 105 пати ни го читаа и интервјуто што претходно го дал за Вечер. Во меѓувреме, за тие што не биле екстра внимателни по 53 пати одеше долгочасовно лежерно интервју на една од скопските телевизии.
Ако сте фатиле барем дваесетина појавувања на премиерот, сигурно сте го научиле напамет. Тоа е добро. Никогаш не се знае. Оти, можеби утре ќе не застануваат на улица и ќе не испрашуваат што сме запамтиле.
Кој не знае, за казна ќе добие ДВД со снимениот материјал.
2 Премиерот набројувајќи ги успесите направи пропуст. Како достигнување на Владата не спомена дека оваа година ќе има 366 дена.
3 Опозицијата во Собранието се побуни дека Владата го узурпирала Собранискиот канал за пренесување на отворената седница.
Зошто се бунат? Да не им е криво дека ним не им текнало да го користат. Имаа барем четири влади во последните 15 години.
Ама што ќе покажеа. За да имаш јавна владина седница треба да покажеш дека нешто работиш. А тие цело време се бавеа со интриги. Кога тоа не можеа да го скријат им се распадна партијата.
4 Излезе ли Хелсиншкиот комитет со некакво соопштение по завчерашното пукање врз полицајците во Автокоманда? Да не протестираат оти била употребена непропорционална сила, како што пишуваа за акцијата во Бродец. Оти убијците што ја оставиле колата на влезот во Арачиново низ град се шетале со зоља, митралез и автоматска пушка. Или, нападот врз полицијата не е интересно за Хелсиншкиот комитет, оти полицајците не се борци за човекови права?
5 Дали некој се сеќава дека два дена пред Нова година беше убиен еден Македонец – жител на Арачиново. Старецот бил застрелан во дуќанот во сопствената куќа.
Да не излезе случајно градоначалникот на Арачиново да го осуди насилството во неговата општина. Оти комшиите на старецот не чуле и не виделе, како по обичај, па барем градоначалникот можеше да повика на доследно спроведување на Рамковниот договор. Колку да потсети дека тој важи и за враќање на протераните Македонци.
Да беше убиен Албанец ќе се одложеше доаѓањето на Новата година додека Ахмети не се одоброволеше за нов политички дијалог. Посматрачите на ОБСЕ и на ЕУ ќе ги прекинеа Божикните прослави и ќе побрзаа да испратат специјални извештаи.
Старецот едноставно немал среќа. Го убија во ден кога Македонците се зафатени со виткање сарми и сецкање руска салата. А ОБСЕ и ЕУ не се вознемируваат на празник. Кога ќе загине Албанец во Македонија тоа веднаш е политички случај поврзан со човекови права. Кога ќе убијат Македонец тоа е дело на криминални банди.
6 Дипломатската офанзива за НАТО, по Србија и Кина се пресели на Блискиот исток. И претседателот и премиерот рекоа дека во јануари ќе го Бранко се пожали дека посетата му била планирана уште од 2005. Поканата стигнала во април 2007. Сега само го прецизирале датумот.
Бранко, од многу набиената програма, патувајќи меѓу Белград и Подгорица две години не можел да најде слободен датум за посета на емиратот. Ако кон крајот на месецов не чини времето, веројатно ќе ја одложи посетата за 2009. По посетата на Белград и Подгорица. Иако, за волја на вистината секој септември оди и во Њујорк за таму да се сретне со српскиот и црногорскиот претседател.
Никола се откажа од патувањето. Нема да оди. Премиерот му направи на претседателот атер за Катар.
Цела 2007 година Никола ја изгуби карајќи се со Бранко. Таман 2008 ја почна со зголемување на пензиите и субвенции за земјоделците, пак му се појави Бранко. А штом на Никола му се појавува Бранко, овој губи концентрација и станува како играч во македонскиот “Милионер”. Па и за Катар, не ги мери кантар.
Ќе се отепа од работа, ќе излезе со 10 добри вести и на крај ќе му се појави Бранко спремен за кавга и овој ќе му се фати за јадицата. Сета енергија ќе ја троши карајќи се со Бранко, наместо да ја води државата.
Овој пат конечно му текна. Никола, глеј си работа. А Бранко пушти го нека оди кај сака.
7 Владата како успех го претстави и тоа што на ОКТА наместо 96 милиони евра отштета, ќе и платиме само 40 милиони. За возврат, нема да бараме подобрување на квалитетот на нафтените деривати. Оти, ако бараме да се намали сулфурот во бензинот, мазутот и дизелот, ОКТА пак ќе тужи.
А да ја тужиме ние Владата што ќе и дозволи на ОКТА да продолжи пак да на труе? Или, да си гледаме сеир. Толку време сме дишеле сулфур, ќе дишеме уште две – три години. Остатокот од 56 милиони што ни го простила ОКТА ќе го вратиме преку фондот за здравство. Ќе се лечиме, па ќе си ги потрошиме. Ама барем за наше здравје. Нема да им ги дадеме на Грците.