1 Еврокомесарот Оли Рен, на прашање на германски новинар дали ЕУ применува двојни стандарди по прашањето на Србија и Македонија одговори: “Ние не сме во натпревар на победници и губитници, туку сме во позитивен натпревар во кој државите можат да си помагаат една на друга во напредокот”.
Амбасадорот на ЕУ во Скопје Ерван Фуере на прашањето дали ЕУ има двојни стандарди оти Србија многу полесно доби преговори за укинување на визите одговори: “Кога ќе почнат разговорите со Македонија можат да доживеат прогрес многу брзо, поради тоа што сите напори кои ги направи земјата се многу важни во овој процес”.
Оли Рен во декември минатата година на прашањето кога Македонија ќе добие датум за преговори раскажуваше вицови за композиторот Јан Сибелиус. Кога во шест часот наутро жената го прашала кога ќе си дојде дома, Сибелиус ѝ одговорил: “Драга моја, јас не сум претскажувач, јас сум композитор”.
Драги Оли Рен, си се прашал ли што би рекол Јан Сибелиус за твојата изјава сега. Не ти е ни тебе лесно. Мораш нешто да измислиш. Ама немој да ни ја потценуваш интелигенцијата. Не ти е секој збор бисер.
Верувам дека и Оли Рен и Ерван Фуере се паметни луѓе. Штом се паметни, тогаш сигурно се свесни кога мораат да кажуваат глупости.
2 Македонија има нови биометриски пасоши, интегрирано гранично обезбедување и визен центар.
Србија нема биометриски пасоши, нема интегрирано гранично обезбедување, нема визен центар. Ама го нема ни Косово. Значи, нема ни Албанци, кои штом малку на државата ќе ѝ тргне на добро, ќе се степаат на улица колку да не ги заборават ЕУ и САД.
Што би ни кажал сега Јан Сибелиус?
Драги мои, ако ги избркате Албанците, ние прво ќе ве бомбардираме, па потоа ќе ви ги вратиме назад, ќе ви отцепиме дел од територијата, ќе ја прогласиме за независна држава. А вас ќе ве наградиме со политичка одлука за побрз прием во ЕУ.
Србија го има радикалот Томислав Николиќ за да ѝ помогне во европската интеграција. Што е пораката на Брисел кон Македонија? Вратете си го Љубчо Георгиевски.
3 Започнувањето на преговорите за укинување на визите со Србија, додека Македонија уште ги брка стандардите беше оправдано како политичка одлука.
Како еднаш ЕУ не донесе политичка одлука за Македонија? Оти кога ги примаа балтичките земји, да не ги имаа исполнето стандардите? И Словачка, исто така? За Романија и Бугарија ич муабет да не правиме.
За сите нив можеше да се донесе политичка одлука. Само Македонија мора да ги исполни стандардите.
Еден брокер во француската банка “Сосиете женерал” потроши колку три буџети на Македонија. И ништо не му можат. А ако на 2 милиона луѓе им ги укинат визите, веднаш ќе им ги урнеме стандардите.
4 Се извинувам. Не е точно дека ЕУ за Македонија нема донесено политичка одлука. Има. Единствената политичка одлука беше во 2001 година кога решија “бандитите и криминалците” за кои зборуваше Солана да ги трансформираат во “борци за човекови права”.
5 Од Брисел да е, од кал да е. Дури и нашата Влада има разбирање за политичката одлука на ЕУ.
Вицепремиерката Габриела КонескаТрајковска изјави дека не се чувствува фрустрирано затоа што Србија пред Македонија ги почна преговорите за укинување на визите.
Па не би се чувствувал фрустрирано и јас. Кога би имал дипломатски пасош како неа.
6 Градоначалникот на Арачиново завчера ја избрка полицијата од селото. Рече дека “полицијата не сакаат да ја гледаат со око”.
Затоа ја гледаат преку нишан.
Градоначалникот многу се налути оти полицијата при апсење уби криминалец кој се сомничи за убиство на полицаец и се бара за грабнување, силување малолетнички, тешки кражби, носење оружје без дозвола и за дрога. При апсењето во колата му нашле репетиран пиштол и пушка, а дома уште пет килограми марихуана.
Зошто градоначалникот не се налути кога два дена пред Нова година беше убиен Македонец во сопствениот дуќан за сточна храна. Соседите велеа дека старецот сите го сакале. Зошто тогаш го убиле? Зошто градоначалникот тогаш не ја избрка полицијата оти не ги фатила убијците на нивниот добар сосед?
Затоа што Македонецот не бил борец за човекови права. Бил обичен граѓанин кој плаќал струја, вода и данок на државата.
7 Претседателот Бранко Црвенковски беше во Катар. Таму бркал инвеститори. Ама тие биле многу брзи. Тој ги бркал, а тие му бегале.