ДОБРИ КОМВШИВКИ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:120:"ЗарадичувствителностанаГрција,целоНАТОтребадаизгубиразум

    1 Одвај чекам Грција да стави вето. Да им го гледам сеирот и на Американците и на сите други демократски држави кои се колнат во владеење на правото. Како ќе си објаснат дека една земја членка ќе прекрши меѓународен договор што самата го потпишала и тоа под покривителство на Обединети нации затоа што Македонија не сака да си го смени уставното име. Или, исто како за Косово ќе се правдаат дека ова е преседан и ќе важи само во овој случај.
    Цело време зборуваат дека стабилноста во регионот им е најважна. Во име на таа стабилност истото тоа НАТО во 1999 година ја бомбардираше Србија. А сега се подготвени да го дестабилизираат регионот само за да не падне владата на Караманлис.
    Баш и е гајле на Грција за регионот. Да не им прави случајно некој проблем за името? Или, да не имаат проблем со знамето? Или границата не им е нацртана? Или пак осоебно со малцинствата имаат проблем.
    Ама, Грција била многу чувствителна. Значи емоции се во прашање. И заради нејзината чувствителност, цело НАТО треба да изгуби разум.

    2 По неколку пати повторените изјави на генералниот секретар на НАТО Јап де Хоп Шефер дека правилата на игра се јасни: “Грција е членка на НАТО, а Македонија не е”, си поставувам прашање: Дали ние сме глупави, или наивни?”
    Прво не убедуваа дека постојат вредности и ни дадоа задачи што мора да ги исполниме. Поверувавме во нивните вредности и ги исполнивме задачите. И сега одеднаш доаѓаат и ти викаат: Се било џабе. Сте требале да го смените името.
    Батали партнерства за мир, реформи во АРМ, приказни за јато во НАТО, Брус Џексон и лобирање, а богами батали и војници во Авганистан. Ние да сме знаеле немаше да пишуваме молба до Брисел. Ќе си пишувавме до Атина. Нас во НАТО ли треба да не примат, или во Грција?
    Доаѓаа тука и ни велеа дека сме трчале маратон и дека последните метри треба да бидат спринт. И баш кога дојдовме при крај на трката ни ги сменија правилата. Ќе ти стават пречка и ти речат: “Што си бил будала. Кој ти е крив што си трчал.”

    3 Сега и Оли Сибелиус Рен за Европската унија истата песна ја пее. Демек носи некои задачи за перформанси што за да изгледаат многу сериозно ги викаат “бенчмаркови”. Море, море… Лажги со опашки. Имало осум задачи, ама главната задача ја поставила Грција.
    Оли Рен нам ни поставува задачи, а тој доаѓа во Македонија како неспремен ученик што ќе се вади на протекција. Како може еврокомесар за проширување да не знае дека меѓу Македонија и Грција има меѓународна спогодба која не и дозволува на Грција поради името да го блокира влезот на Македонија во меѓународни организации.
    Ама тој бил прагматичен.

    4 Караманлис и Дора Бакојани цело време викаат дека Македонија има иредентистички амбиции. Само чекаат кога ќе ги нападнеме.
    Е па ќе почекаат. Би ги нападнале ние, ама немаме со што. Треба прво да ја повлечеме војската од Авганистан. Во меѓувреме напорно ќе работиме да набавиме резервни делови за хеликоптерот што ни остана.

    5 Викаат и дека за НАТО кандидатите треба да имаат добрососедски односи.
    Нека излезат денес на Цимиски во Солун да видат кој им е вистински добар сосед. Најмалку триесет автобуси само од Скопје и тоа само со жени по повод Осми март ќе се истоварат среде Солун. Добри комвшивки колку ти душа сака. Само во “Зара” ќе има повеќе жени од Македонија отколку демонстранти на Караџефирис против Македонија. И ќе бидат погласни и поборбени, особено ако начекаат намаление.
    Министерот Антонио Милошоски изјави дека Грција ниту имала ниту ќе има подобар сосед од Македонија.
    Така е. Еве еден пример во поткрепа на изјавата на Милошоски. Ако секоја жена од Македонија денеска потроши барем 200 евра во Солун, ете ти пари за дневниците на Бакојани. Нека шета по светот и нека го разнесува гласот за Македонија. Без неа немаше да знаат дека постоиме. А и НАТО ќе имаше попаметна работа.

    6 Ај Грците, ама сега и Бугарите имаат нешто да кажат. При посетата на Бранко Црвенковски на гробот на Јане Сандански имаше некои демонстранти. Носеа транспарент на кој пишуваше: “Без Бугари во Македонија, нема НАТО”.
    А без Македонци во Бугарија – има НАТО. Ете ти ги демократските принципи на Алијансата.

    7 Идејата секој да засади дрво е одлична. Дури и идејата на Владата да прогласи ден на дрвото.
    Ама не ми е јасно зошто баш 12-ти март и тоа во среда треба да биде неработен за да се засади дрво, а сабота 15 март да се одработува. Во сабота не се садат дрва? Или мора да се садат во среда за среќа?
    Што може да се посади на 12-ти, а што не може да биде посадено на петнаесетти?

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира