ДРАЧЕВСКА МАКЕДОНКА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:89:"ЗабранетпрелетнадГрцијанапатницисомустаци

    1 Странските дипломати се растрчаа да нѐ убедуваат дека предвремените избори мора да бидат фер и демократски. И дека не треба да има насилство.
    Фино што ни кажуваат. Ама барем еднаш нека покажат јавно со прст кој во Македонија има најдебело досие на нефер и недемократско однесување на изборите. За ВМРО-ДПМНЕ и за СДСМ приказната за фер и нефер завршува на тендерите и предизборните вработувања. Зависи само кој е на власт. Ама кога зборуваат за насилство, се знае кој пука на избори.
    Затоа, нека не ги генерализираат работите. Нека си ги подберат малку борците за човекови права што и САД и ЕУ нонстоп ги тинтраат и ги прават поеднакви од еднаквите.

    2 Нели кога нѐ откачија на самитот на НАТО во Букурешт, рекоа дека сме ги постигнале критериумите за да станеме членка на НАТО? Тогаш зошто се загрижени? Во земја што ги исполнила критериумите за НАТО фер и демократски избори се подразбираат по дефиниција. За тоа не се прави муабет.

    3 Иако мислам дека по срамот што го доживеаја во Букурешт, странските дипломати малку треба да замолчат. Немаат лице да нѐ повикуваат на што било. Ако имаат потреба некого да доведат во ред, нека ја повикаат Грција да ги почитува меѓународните договори што самата ги потпишала и европските закони за основни човекови права.
    Тоа не го направија во Букурешт. Па сега, за да нѐ утешат, им пишуваат писма на Црвенковски и Груевски дека многу сакале да ја видат Македонија како членка на ЕУ и на НАТО. Ако толку нѐ сакаат, што не нѐ примат?
    Грција сите ги направи мајмуни. И сега ние треба да ги жалиме што ете тие сакале, ама не можеле да нѐ примат во НАТО. И уште треба да имаме разбирање дека ветото на Грција не е непријателски акт. Да не треба и да се извиниме што ги сметаме за непријатели?

    4 Не е непријателски акт ни тоа што Грција забрани дури и прелети на македонската компанија МАТ. Зошто? Затоа што се вика “Македонски авиотранспорт”.
    Меѓународната ознака на МАТ е ИН. Регистрацијата на македонските авиони е З3. Кому на 10.000 метри му пречи зборот “македонски”. Таму нема ни птици. Освен ако не мислат дека зборот “македонски” го вознемирува Зевс.
    И што е најстрашно и тоа им поминува кај партнерите. Што да помисли човек? Или оние од ЕУ и од НАТО не знаат како да реагираат, оти не можат да сфатат какви примитивци имаат во своите редови, или и тие се исти како нив. Или се збунети, или тоа однесување на Грција и во ЕУ и во НАТО е сосема нормално.
    Што и да побара Грција, тие ќе ѝ дозволат.
    Утре ќе бараат патниците што ја надлетуваат Грција да не бидат ќелави. Или да бидат боси. Или да немаат големи газови. Добро, тоа е малку апсурдно. Оти, сепак, ќелавоста нема да ги вознемири грчките национални чувства за кои ЕУ и НАТО партнерите имаат разбирање. Но кога се работи за емоциите, многу е веројатно Грците наскоро да побараат патниците што ја надлетуваат да немаат мустаци. За да не личат на нивните мајки.
    Бидејќи од сите вредности со кои се фалат и ЕУ и НАТО, им остана само солидарноста, ништо чудно утре да забранат да ја прелетуваме Грција и со авионите на други земји членки на ЕУ и на НАТО.
    Пред секое полетување, списокот на патници ќе треба да се испрати на одобрување кај грчките воздухопловни власти, оти “грчкиот народ е многу емотивен”. Ќе им се забрани качување на авион на сите што се викаат Александар или Александра. Затоа што тоа е “иредентистички чин кој се смета за територијална аспирација”. Не дај боже некоја патничка да се вика Македонка. Ич нека не купува карта. Ќе може да се качи во авион само ако си додаде географска одредница што во Грција ќе биде оценета како “заемно прифатливо решение”. На пример, Драчевска Македонка.
    Како тргнале, утре пак ќе ни ја затворат граница. Тие би нѐ оставиле и да умреме, а сите од ЕУ ќе викаат: “Извинете, ние имаме разбирање за грчките емоции и мораме да бидеме солидарни”. А ние, како што сме си будали, ќе ги сожалуваме оти, ете, ним им е многу тешко да ѝ се спротивстават на Грција.
    Таков е животот. Фино ни викаше генералниот секретар на НАТО Јап де Хоп Шефер: “Грција е членка на НАТО, а вие не сте”.

    5 Може Грција да бара што сака, ама мене ме загрижува тоа што ни претседателот ни премиерот не ме убедија дека се истомисленици по прашањето за името и дека имаат некаква идеја што ќе правиме понатаму. Продолжуваат да се сликаат заедно и веќе следниот ден едниот кажува едно, а другиот друго. Или и двајцата молчат и чекаат кој прв ќе каже нешто за да може другиот да го испизми.
    Така стапот го окрка преговарачот Никола Димитров.
    Навистина не му требаше многу да зборува, оти тој сепак е само преговарач. Ако не му се допаѓа како се води политиката, може да се повлече.
    Ама затоа, пак, премиерот се покажа. Прво го навреди Димитров преку Боцевски. Па другиот ден излезе самиот да го доизнавреди. Демек, немало тој што да ѝ се исповедува на јавноста. И на крај не го викна на состанокот со Нимиц.
    Груевски заборава дека Димитров ја претставува Македонија. И дека некогаш суетата мора да си ја остави дома, или барем во партијата. Оти, ако дома му го уриваш кредитот на Димитров, каков кредит тој ќе има надвор?
    После се чудиме зошто Грците успеале од глупаво и апсурдно барање да направат меѓународна драма. Е па успеале. Не видовме дека јавно се караат. И не видовме дека тој што преговара во име на Грција јавно го навредуваат.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира