1 “Ти си Македонија” и “Од тебе зависи” се слоганот и пораката на новата владина кампања. Според објаснувањата, кампањата била потребна бидејќи “индивидуалната одговорност и енергија се претвориле во пасивност, бездушност и апатија”.
Значи тоа било работата. Билбордите со тупаницата што ми се заканува треба да ми ја вратат душата и да ме извлечат од апатија. А јас, пак, си мислев дека требало пари да се исперат.
Уште кога ја најавија кампањата, се чудев зошто Груевски има потреба да ме убедува дека јас сум Македонија.
Е па сум! Сум останал тука, тука ми живеат децата, одат во државни градинки, чесно и успешно работам, плаќам данок, гласам на избори, немам бугарски пасош, ме малтретираат во редиците за визи, се лекувам во јавното здравство и нема да одам на одмор во Грција.
И Владата сега, место да си ја заврши својата работа, сака да ме убеди дека јас сум во апатија и не сум доволно свесен за Македонија, па ќе ме освестува со билборди. И тоа со мои пари.
Не, господине Груевски. Ти си Македонија! Затоа што ти си на власт и ти треба да создадеш услови за да бидам јас горд, да не бидам пасивен, бездушен и да не ме држи апатија. Јас покажувам секој ден што правам за Македонија. Ај сега ти покажи што имаш да направиш за Македонија. Никој не ти брани. Напротив.
2 Мислам дека Владата лудо се забавува на наша сметка. Истовремено со кампањата “Ти си Македонија”, тргна и кампањата за правење многу деца.
Го гледав оној спот кога старец лежи во болница, се сеќава на целиот живот, демек се подготвува да умре, ама не му е тешко оти во посета му доаѓа внуката. Ете, оставил поколение.
Среќа што болницата беше како за на филм. Оти ако внуката се појавеше во вистинска државна болница, и таа ќе легнеше до дедото. Од шок и од изгубени илузии за иднината.
Што е смислата на кампањата? Да има повеќе Македонци за гладување? Или да има повеќе Македонци во редиците за визи? Или вистинската цел е Владата да се подбива со нас, за наши пари?
Кампањата е бесмислена. Не значи ништо. На тие што сакаат и можат да имаат повеќе деца не им треба охрабрување од билборди и морбидни спотови. А тие што сакаат, а не можат да имаат ни едно дете, може да бидат само уште поогорчени.
Лекувањето стерилитет не е на државна сметка. Со државни пари можеш да направиш ин витро оплодување само два пати, и тоа не ти ја враќаат целата сума.
Многу жени не се решаваат да родат затоа што се плашат дека ќе загубат работа или ќе ги сменат по партиска линија.
Болниците каде што се родилките и новородените бебиња ги затвораат затоа што има бактерии.
Породилното боледување е голгота. Ако мајката е вработена и ако има среќа газдата да ја пријавил во Фондот за здравство на цела плата, ќе си ја земе првата плата најмалку по три месеци откако ќе се породи. Тоа се случува дури и ако си легално вработена во државна служба, ем сопруга на премиер. Ако жената реши да раѓа деца затоа што има добра плата и по некоја случајност е легално пријавена на целиот износ, додека е на породилно боледување ќе прима максимум 25.000 денари. Тој закон на мала врата го донесе СДСМ. Значи, државата ги обесхрабрува да раѓаат оние што потенцијално не би имале економски пречки за повеќе деца.
Детскиот додаток е толку мал и толку доцни што исто како да го нема.
Во градинките ќе се соочиш со 30 деца на една воспитувачка. Нема пари за нивните плати, нема пари за нови вработувања.
Ако детето се разболи и, не дај Боже, дојде дотаму да му требаат цитостатици, на Клиника ти викаат: “Таква му била среќата. Цитостатици нема, дури ни да ги купиш”.
Владата не треба нам да ни ја менува свеста за семејните вредности и за намалениот наталитет. Ние си ја имаме. Нека си ја сменат свеста себеси. Оти, очигледно, не знаат каде живеат.
И ако веќе толку се решени да нѐ убедуваат да правиме деца, ги молам либидото да не ни го подигаат со спотови од болници. Тоа ич не ме пали. Какво ни е здравството, се плашам дека ќе нема мајки за раѓање деца. Умираат од рак на матка и од рак на дојка оти пак нема цитостатици.
3 Во Хрватска протестираа средношколците поради хигиената во училиштата. Една од причините беше што нема тоалетна хартија во клозетите. Се дигна цела јавност. Некој од Министерството за образование пластично објаснуваше дека за момчињата и така и така, ама за девојчињата не било убаво да нема тоалетна хартија и плус да бидат скршени клозетските даски. А разни социолози и психолози дебатираа на тема дека било под човечко достоинство да нема тоалетна хартија во 21 век.
Во нашите училишта нема вода, не пак тоалетна хартија. Половина од основците имаат воспаление на мочниот меур зошто стискаат да не одат во веце во школо, оти им е грозно.
Имало ли воопшто некогаш тоалетна хартија во нашите училишта? Мислам дека тоа го немаше дури ни во времето на најгосподскиот комунизам. Дали е воопшто предвидена со буџетот? Или не е, оти нам хартијата ни треба за билборди.
И Хрватска во НАТО, и Македонија во НАТО. И Хрватска во ЕУ, и Македонија во ЕУ. Секој со своите проблеми.