1. Добро е што конечно во државата ни се случи еден поголем скандал од областа на културата. Дејствува оптимистички, кога ќе се направи глобална оценка на состојбите во земјата. Културни скандали се случуваат во културни држави.
Дали навистина постепено стануваме здодевно место за живеење, во кое телевизиските термини до неодамна резервирани за трибини во кои политичарите ја спасуваа државата, им го препуштаат местото на трибини во кои културните дејци некултурно се навредуваат? Исто како во оние стерилни демократии, чиишто народи се отепуваат од меланхолијата на системите во кои сé функционира и бескрајно се радуваат на некој скандал, макар и културен, колку да би имале со што да ги исплакнат устите.
Скандалот на театарскиот фестивал “Војдан Чернодрински” во Прилеп пукна кога битолската претстава “Мајсторот и Маргарита” ги доби речиси сите најважни награди, кога еден дел од наградените одбија да ги примат наградите, кога артистите на Македонскиот народен театар не излегоа да ја играат завршната претстава на фестивалот, а министерот за култура Слободан Унковски поради тоа побара оставка од директорот на МНТ.
Дали ве интересира што вели претседателот на Советот на Фестивалот? Што вели жирито? А селекторот? Што велат наградените? Што велат навредените?
Ако сте биле еден од оние што купиле билет за завршната вечер на Фестивалот, сте се разочарале, бидејќи парите сте ги дале бадијала. Во тој случај не верувам дека некого би го интересирале одговорите на сите останати прашања. Главното прашање е: Зошто не сум го добил тоа за што сум платил? И тука дискусијата престанува.
Којзнае, можеби кога ќе го пронајдеме одговорот на тоа прашање, ќе станеме нормална држава на која скандали ѝ требаат колку само да не умреме од здодевност. Кога ќе го добиеш тоа за што си платил, без притоа да те тормозат со разни објаснувања за селектори, претседатели, директори, жирија, министри… Затоа што нам скандали ни се случуваат секојдневно. Затоа што секој човечки живот самиот за себе е драма, само што опкружувањето ни прави театарски игри. Како и да ја завртиш работата, пак најоштетени се тие што не се на сцената, кои можат само да аплаудираат или да свиркаат.
Само на фестивал може да се случи и мајсторот и Маргарита да добијат многу признанија. Во животот е поинаку. Многу мајстори, а Маргарита – незадоволена.
2. Започна трката за членство во НАТО. Неделава Македонија ја потпиша Индивидуалната програма за соработка со Северноатлантскиот пакт.
Програмата ја подготвуваа Министерството за одбрана и Министерството за надворешни работи. Додека министерот за одбрана Благој Ханџиски го дочекуваше Вилијам Пери, министерот за надворешни работи Љубомир Фрчковски побрза за Брисел, да ја потпише програмата. Пери си замина, по него за Брисел уште вечерта одлета и Ханџиски. Ама, Фрчко му избега од Брисел за Фиренца.
Кој прв ќе стигне во НАТО: Фрчковски или Ханџиски?
3. Што се случува? Нешто не е во ред? Поминаа веќе два дена откако не сме го виделе Вилијам Пери во Македонија.
Ја знаете онаа изрека што се употребува кога некој ќе каже нешто што сите го знаат: “Ех, ја откри Америка”! Ако продолжи вака да се појавува американскиот секретар за одбрана, почесто отколку некои наши министри, во САД ќе ја прифатат изреката: “Ех, ја откри Македонија”!
Претседателот Глигоров ни откри дека Пери не дошол три, туку четири пати во Македонија. Му го брои првиот пат, кога авионот не можеше да слета поради маглата на скопскиот аеродром и кружеше извесно време над Скопје. Тогаш Пери ја видел Македонија. Ама ја гледал низ магла. Којзнае како сме му изгледале. Потоа чекаше да дувне ветер. Да ја однесе маглата. Тоа што при неговата последна посета беше пукнало летното сонце е уште еден прилог во правецот на идната македонско-американска воена соработка. Да види Пери дека овде не е сé ветер и магла.
4. Новинарите повторно имаа проблеми со службите за обезбедување. При посетата на американската делегација во почетокот на неделава, веднаш по приемот кај претседателот Киро Глигоров, обезбедувањето пред нос им ја тресна вратата на известувачите кои сакаа да земат изјава од гостите.
Минатата недела репортерите што отидоа на аеродром да го чекаат министерот Јорго Шундовски по враќањето од Истанбул, беа “шуткани” наваму-натаму низ аеродромската зграда од страна на полицајците, додека не реагираше службеник на Секретаријатот за информации.
Слично беше и при посетата на малезискиот премиер на Македонија. Новинарите немаа пристап до платформата речиси цел час и беа задржани далеку од бесцаринската зона, како да се обични патници, небаре таму се за забава, а не по работа.
Министерот Чокревски навистина објави офанзива против новинарите, ама ние тоа го сфативме фигуративно. Сигурно и тој самиот не очекуваше полицајците да го сфатат буквално.