1 Грција е велесила. Тоа го призна НАТО, а сега и Европската унија. Ги натера претседателите и премиерите на земјите членки на ЕУ да ги погазат основните принципи на слободата и демократијата и да го прифатат кршењето на меѓународни спогодби како нешто што е нормално.
Што направија претседателите и премиерите на земјите членки на ЕУ на последниот самит во Брисел? Рекоа дека за Македонија важат сите критериуми за членство во ЕУ, ама клучен критериум е промената на името.
Можам да прифатам дека во ЕУ не можеш да влезеш ако пукаш на избори, ако имаш ѓубре по улиците, лоши затвори, партиско судство, партиска администрација, очајно образование… Не си за во ЕУ ни ако не врзуваш ремени и не почитуваш сообраќајни знаци, ако избегнуваш даноци, не плаќаш струја и немаш цитостатици за деца во болниците…
Сето тоа е во ред. Затоа што сите тие работи се нешто што се учи и се поправа.
Ама ако некој ми каже дека во ЕУ не можам да влезам затоа што се викам како што сакам, тогаш тој не е за ЕУ, а не јас.
Најсмешно е што и во ЕУ и во НАТО, кога го поставуваат овој услов, се повикуваат на добрососедски односи. Ако ова е добрососедство од Грција и од ЕУ, тогаш не знам што е непријателство. Тие сакаат да нѐ снема, а ние треба да се извиниме што не го прифаќаме тоа.
Што мислат кога ќе речат “заедничко прифатливо решение”, а притоа упорно истакнуваат дека Грција е членка на ЕУ, а Македонија сака да стане членка на ЕУ? И што мислат кога на Грција ѝ го прифаќаат аргументот дека Македонија ја загрозува? Веројатно не мислат ништо.
2 Еве како функционира апсолутната власт на новото парламентарно мнозинство. Видовме завчера со донесувањето на Законот за поделба на Клиничкиот центар. Претседателот на Владата му испраќа Предлогзакон на претседателот на Собранието во 10 сабајле. Во 2 попладне Законот е изгласан во Собрание. Нема комисии, нема јавни расправи, нема експерти да ја кочат реформата. А и Судот не важи. Ќе се соберат пратениците од владејачкото мнозинство и ќе си донесат нов закон.
Уште ако влезат и ДПА и ДУИ во Влада, тогаш каде ќе ни биде крајот со реформите. Како во времето на Социјалистичкиот сојуз на работниот народ на Македонија што беше претставник на политичкиот плурализам на самоуправни интереси.
Само СДСМ нека остане во опозиција. Треба декор за да глумиме дека сме демократија. А и за да има Бранко каде да се врати.
3 Кога се скара со дописниците од Брисел, Груевски им порача барем еднаш да ги стават интересите на државата пред себе.
Премиере, не карај се со новинарите. Не ти се тие непријатели. Непријатели ти се твоите мегафони што некритично фалејќи те тебе и валкајќи ги другите ги разнебитија новинарската професија и демократијата во Македонија.
На крајот на краиштата, не си ти тој што нам ќе ни кажува дали сме патриоти или не. Напротив. Ти ја водиш државата. Ти си сервис на народот. А ние сме тие што треба да те потсетуваме на патриотската должност.
4 Бранко ја спасува СДСМ. Ги викнал старите претседатели и генералните секретари во својот кабинет да бараат излез од кризата во партијата. Кога, одеднаш ја открил Америка, и видел дека сите биле полтрони.
Веројатно му се слошило, па затоа заборавил дали е претседател на државата или претседател на одбор за спас на СДСМ.
Ако мисли да го спасува СДСМ, нека си даде оставка од Претседател на државата. За нови предвремени избори барем немаме гајле. Има уште оружје кај ДПА и кај ДУИ.
Не е убаво тоа што кабинетот на Претседателот на државата се користи за партиски состаноци. Ама уште полошо би било ако Бранко отишол состанокот да го држи во седиштето на СДСМ. Оти ако тргне шеф на држава по партиски седишта, ќе мора да оди и во ВМРО-ДПМНЕ и во НСДП.
Затоа, најдобро е Бранко да ги собира другарите на неутрален терен. Во некоја кафеана. Најпригодно е. Со кафеански интриги ја растури партијата. Сега со кафеански муабети нека ја спасува.
5 Вестите во светските медиуми за серискиот убиец и педофилите ја анулираа лошата слика за Македонија која ја направија изборните пукања. На таква бесплатна реклама Македонија има идеални услови да развие криминален туризам.
Оазата на мирот се претвори во оаза на криминал. Не сме веќе земја на природата и колепка на културата, како што одеше рекламниот слоган за Македонија до лани. Повелете во Македонија земја на педофили и сериски убијци.