3:2

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:257:"ГрцитетребадасеповлечатодпреговоритезаиметоидагиоставатпретседателотЦрвенковскиипремиеротГруевскидапреговараатмеѓусебе

    1 За дисциплинирање на локалните партиски моќници ВМРО-ДПМНЕ воведува внатрешна контрола по примерот на историските тројки за елиминација на предавниците од крајот на 19 и почетокот на дваесеттиот век. Во партијата објаснуваат дека тројките ќе одговараат лично пред генералниот секретар на партијата Мартин Протоѓер и ќе имаат задача да ја следат работата на партиските функционери и да спречуваат создавање локални шерифи.
    Како им текнуваат вакви демократски методи, па макар биле и внатрепартиски? Сигурно имаат објаснување дека тоа е “во духот на историјата, осовременета со духот на конзервативната идеја и европската десница”.
    Тројките на историското ВМРО за елиминирање на предавниците функционираа во време кога Македонците немаа своја држава. Немале полиција, обвинителство, судови… Ама сега, наследниците на тоа ВМРО имаат апсолутно мнозинство од 63 пратеници и мандат од 480.000 гласачи да направат сериозна држава со сериозни институции кои функционираат.
    Што ќе му се на Груевски тројки за дисциплинирање на сопартијците, кога државата што ја води има полиција, обвинителство, судови…
    А ние им се смеевме на министрите и градоначалниците од ДУИ и ДПА кога изјавуваа дека тие му одговараат само на лидерот, а за државата баш им е гајле. И дека го признаваат само судот на партијата.
    При држава која самите треба да ја изградат, ВМРОвците си прават паралелна држава. Локалниот шериф не треба да одговара пред законот. Ќе одговара пред партијата. Не треба да се плаши ако го скрши законот. Се плаши само да не го фатат тројките на Мартин.
    А тројките од кого ќе се плашат? Над секоја тројка ќе има тројка? А над пирамидата од сите тројки ќе варди светото тројство Груевски, Протоѓер и братучедот Мијалков.
    ВМРО-ДПМНЕ сега гради музеј на жртвите на комунизмот. Кога ќе се смени власта, некој друг ќе гради музеј на жртвите на тројките. И на крај, ако имаме среќа да се освестат и едните и другите, некој ќе изгради музеј на глупоста.

    2 Грците треба да се повлечат од преговорите за името. Извесно време треба да ги остават претседателот Црвенковски и премиерот Груевски да преговараат меѓу себе. Оти едниот си се консултира со преговарачот Никола Димитров, а другиот со министерот Милошоски. А Нимиц го примаат во одвоени средби. И “првата страна” не знае што договорила “втората страна”.
    Ако тоа не е намерна тактика за збунување на непријателот, тогаш поголем проблем од Грција во спорот за името е државниот врв на Македонија.
    Во тој случај, ако Грците толку сакаат преговорите да продолжат, ќе мора да помогнат во процесот. За посредник меѓу Црвенковски и Груевски да ја испратат Дора Бакојани. Ни таа не може да смисли толку гадости колку што Груевски и Црвенковски можат да си смислат еден за друг.

    3 Каде се сите оние видни професори, уметници, дипломати, политичари и витези на франкофонијата од Македонија? Додека го чекаат приемот на францускиот амбасадор за Денот на Француската Република, можат да се соберат во Паркот на франкофонијата и да срочат едно протестно писмо за изјавите на Саркози. Ама да го објават во “Ле Монд” и во “Фигаро”, а не да се караат со нас и да нѐ убедуваат дека Саркози е шутрак и никој не го сака во Франција.
    Дури и да е така, Саркози ќе биде претседател на Франција уште повеќе од четири години и следните шест месеци претседавач на ЕУ.
    Туку, ај што ја испуштивме Франција да ја направиме наш пријател во ЕУ ја испуштивме. Кај сме чекале толку, ќе почекаме уште шест месеци. Ама место да плачеме на веќе изгубена битка, дај да се фатиме за работа. Да бараме нови пријатели во ЕУ.
    Знае ли некој во Владата кој е следниот претседавач со ЕУ?

    4 Пред два дена во паркот пред јавниот сервис на МРТВ беше расфрлана датотеката на Македонското радио. Никој не знае колку од архивата на јавниот сервис е изгубена или уништена. Тоа се записи со слика и со тон на македонски јазик за најважните настани во современата историја на македонската држава со непроценлива вредност.
    Утре во БиБиСи ќе има повеќе архива за македонската историја отколку во Македонска телевизија
    Владата ќе гради музеј на восочни фигури, ќе гради родна куќа на Мајка Тереза и нови цркви, ќе обновува стари театри, а тоа што е слика и тон за Македонија пропаѓа пред нивни очи.
    Историјата не почнува од никого од нас. На тоа треба да се сети Груевски кога следниот пат ќе фрли лопата на некој новоизмислен музеј.

    5 Во организирање демократски избори Македонија го претрка Зимбабве. Таму имаше две прегласувања. Кај нас три. Македонија: Зимбабве 3:2.

    6 Одговор на прашањето од точка број 3.
    Следниот претседавач со ЕУ е Чешка, а во втората половина на 2009 ќе биде Шведска.
    Ама ние ќе си ја чекаме 2014. Тогаш претседателството го презема Грција.
    Ако и тогаш ништо не направиме, има надеж. Во втората половина на 2018 година претседавањето со ЕУ го презема Бугарија.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира