1 ВМРО-ДПМНЕ треба да ме убеди дека не апси политички. А СДСМ да ме убеди дека ги почитува институциите на државата. Оти, по спектаклот со Зоран Заев не сум убеден ни во едното, ни во другото.
Полицијата, заедно со СМС пораките на портпаролот, направи супер политичка забава, а опозицијата со излегувањето од Собранието и плачењето пред Џилијан Миловановиќ и Ерван Фуере направи косовизација исто како што правеше ДУИ.
И што да правам јас сега како обичен граѓанин? Да се плашам дека може да ме уапсат оти на власта не ѝ се допаѓам, или да се радувам дека власта се бори против криминалци?
Како да верувам дека имам држава? И што да очекувам од неа?
2 Владата сега може да работи на реформите без запирање. За кусо време да ги помине сите закони. Да остварува, без запирање.
Откако во Собранието веќе нема опозиција ни за декор, за еден закон ќе им требаат три минути. Една минута за образложение. Една минута додека спикерот прочита што става на гласање. И една минута додека прочита што изгласале заедно со времето потребно за гласање.
Да направиме проста математика. Ако еден закон се носи за три минути, тогаш за еден час можат да се донесат 20 закони. Доволно е пратениците да работат по пет часа дневно. Ќе донесат 100 закони дневно. Тоа се илјада закони за две недели. Две илјади закони за еден месец.
После пратениците може да одат на одмор. И да не се враќаат до 2012 година.
Ако сепак треба да биде ептен демократски, некој пратеник може да достави амандман на предлогот од Владата. На пример, Влатко Ѓорчев да даде амандман, а министерот ќе одговори: “Амандманот не се прифаќа”. А ако пак ептен сакаат да глумат лудило, министерот ќе каже: “Амандманот се прифаќа”.
Тоа не е добро за развојот на демократските процеси. Оти ќе ги забави реформите за уште минута минута и пол.
3 Ако премиерот на Грција вели дека македонско малцинство во Грција не постои, тоа значи дека не постоеле ни бегалците од Егејска Македонија.
Кој бегаше од 1946 до 1949 година? И кај нас, ама и во Полска, Чешка, Унгарија, Словачка, Романија… Илјадници пребегнати деца Македонци од Грција пораснаа по домовите на овие земји…
Сите се тие земји на ЕУ, солидарни партнери на демократска Грција. Ако Караманлис не ни верува нам, нека им верува ним. Оти, како што би нѐ подучил Шефер, “тие се во ЕУ, а ние сакаме да бидеме”.
4 Уште не ми е јасно што очекуваа Грците кога ставија вето за Македонија во НАТО? Како мислеа дека ќе продолжат преговорите? Дека туку така ќе заборавиме еден крајно непријателски чин и ќе се правиме како ништо да не било?
И во ЕУ и во НАТО знаат дека сите оние приказни за добрососедство, европски стандарди и божем гледање кон иднината се глупости. Затоа и предлагам вака да се реши прашањето:
Сѐ што ѝ одговара на Грција да стави на хартија. И потоа нејзиното решение нека го испрати и до ЕУ и до НАТО. Со оглед на тоа што тие се исто што и Грција, нека го стават решението на Атина најофицијално како “бенчмарк” што Македонија мора да го исполни. На некој самит во Брисел нека речат: “Еве ние вака сакаме, натерајте ја Македонија флексибилно да дојде до заеднички прифатливо решение”. Па да видиме до каде ќе оди резилот и интелектуалниот капацитет и на НАТО и на ЕУ.
Еве, на пример, нека ми каже Холанѓанецот Јап де Хоп Шефер што е “разумно решение”. Ако, на пример, Германија би барала од неговата земја Холандија да си го смени името, како Шефер, ако е премиер на Холандија, би покажал флексибилност?
Да го прашаме и претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Баросо. Кога тој би бил премиер на неговата Португалија, ако Шпанија побара да си го сменат уставот, како тој ќе покаже флексибилност?
Ама да не го тупат со божем принципиелни изјави. Нека кажат како тоа конкретно би го решиле во Холандија и во Португалија и ние тоа само ќе го прекопираме. Кога веќе го имаат прашањето, сигурно го имаат и одговорот.
5 Многу се загрижив дека Бранко немало да се кандидира за втор мандат за претседател. Еве, веќе ги пакувам куферите, да бегам од земјава. Не можам да си ја замислам иднината на Македонија без Бранко за претседател.
Имав еден процент надеж и си седев релаксиран и неспакуван, оти Бранко прво рече дека 99 отсто е сигурен дека нема да се кандидира в година. Два дена не спиев со надеж дека тој еден процент ќе надвладее и ќе се премисли. Ама, тоа ти е. Сигурно во одлуката му помогнал неговиот бивш коалиционен партнер Амди Бајрам. Сега е 102,2 отсто сигурен дека нема да се кандидира.
Сепак, му благодарам што барем викендот ми го спаси, оти соопшти дека нема да се кандидира во четвртокот. Замислете вчера да соопштеше. Ни викенд ќе се видеше, ни Охридско лето ќе се одржеше, ни маратон ќе се пливаше.
Ни нему не му е лесно. Не сака да кохабитира со Влада со чија политика не се согласува. Толку му е тешко што заборави дека за да кохабитира со Влада со која не се согласува прво треба да победи на изборите.
Единствена утеха во овие тешки моменти ми е тоа што Бранко вети дека до последен момент функцијата ќе ја врши крајно одговорно и со целосна посветеност и секогаш водејќи се од државните и националните интереси.
Тоа значи дека до крајот на мандатот, кога ќе каже нешто треба да кажува само кога е 100 отсто сигурен. Да знаеме. За да си го планираме животот.
6 Владиката Петар рече дека кралот на Хунзите од Пакистан многу му личел на Александар Македонски.
Кога владиката Петар последен пат го видел Александар Македонски?