1 Претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Баросо му одговори на писмото на премиерот со кое бараше ЕУ да се заложи за правата на Македонците во Грција.
Не знам кој дел од писмото повеќе ме изнервира.
Дали првиот дел во кој Баросо пишува дека ЕУ “не е компетентна да го третира прашањето за идентитетот и правата на малцинствата, нивната националност и враќањето на нивната сопственост во земјите членки на Унијата”.
Или пак вториот дел од писмото во кој вели дека “фундаментален аспект на имањето европска вокација е да им пристапуваш на такви тешкотии со конструктивен и кооперативен дух, да си отворен за дијалог и за наоѓање заемно усогласен начин за одење напред”.
Преведено на македонски јазик, Баросо во првиот дел вели дека правата на Македонците не се негова работа, а во вториот дел соли памет како ние како земја што не е членка на ЕУ треба да се однесуваме кога преговараме со земја членка на ЕУ.
Единствено ми олесна оти нему му било многу жал оти сме имале билатерални проблеми со сосед, земјачленка на ЕУ.
И тоа преведено на македонски јазик значи: “Кој ви е виновен што си имате проблем со земја членка на ЕУ”. Да имавме проблем со земја што не е во ЕУ, дури немаше ни жал да му биде. Тогаш ЕУ и уште како ќе беше компетентна да ги решава малцинските права.
Ако ЕУ не е компетентна за малцински права, тогаш што бараше Леотар како ЕУ претставник за Рамковниот договор во 2001 година. Не ќе да е дека само џогирал низ Горица во Охрид. Зошто се сликаше Хавиер Солана како комесар за надворешна политика и безбедност на ЕУ. Што правеше Ван дер Штул? Зошто ни наметнаа Бадинтеров принцип, зошто ни наметнаа Рамковен договор. Или, тие се грижат само за правата на малцинствата, ама во земјите што се надвор од ЕУ. Оти, кога веќе си во ЕУ, немаш ни малцинства.
Е тоа е европскиот дух на Баросо. Да се криеш зад европски вредности кои станале цивилизациски стандард, а самиот не ги почитуваш. Или, преведено на македонски јазик “Вие сакате да бидете во ЕУ, ама Грције е веќе во ЕУ”. Или, уште појасен превод: “Нека извинат тие што немаат мајка”.
2 И амбасадорот на ЕУ во Македонија Ерван Фуере има забелешка дека во Македонија многу брзо се донесени законите.
И на тие од ЕУ не можеш крајот да им го најдеш. Прво 15 години нѐ караа зошто доцниме со донесување на законите. Сега нѐ караат зошто брзо сме ги донеле законите. За на крај да ни кажат: “Батали законите, сменете си го Уставот, сменете си го името. Оти само така ќе влезете во ЕУ”.
3 Кога баравме информација каде бил премиерот на одмор, ни велеа дека тоа е навлегување во неговата приватност и дека има граница под која не може да се нарушува приватноста.
Да речеме дека информацијата каде Груевски бил на одмор е приватна работа. И да речеме ќе му ја почитуваме приватноста.
Ама, ако веќе толку инсистира на приватност зошто ја открива најприватната од сите информации религиозното чувство. Вика камери и новинари кога оди да се моли во црква, заедно со шефот на Кабинетот.
Македонија, фала му на Господ, е сѐ уште секуларна држава. А и правото да се биде религиозен е исто толку големо колку и правото да не се биде религиозен.
Затоа не можам да сфатам, зошто кога оди премиерот на одмор, тоа е приватна работа, а кога оди во црква тогаш тоа е државен настан за на вести.
4 Сега се покажа зошто не влеговме во НАТО. Погрешен бил слоганот. Ние цело време игравме на мотото: “Со јато во НАТО”. Арно ама, етимолошкото значење на презимињата на неколку министри за одбрана не одговара на зборот “јато”. Имавме еден министер што се презива Пауновски, па го имавме Еленовски, а сега го имаме Коњановски. Настрана што и Бугарија кога стана членка на НАТО министер за одбрана беше Свињаров.
Слоганот “Со јато во НАТО” нѐ одведе во погрешен правец. Подобро ќе беше: “Со стадо во НАТО”.
5 Истиот ден кога во Америка беше промовирано првото летало за вселенски туризам, на скопскиот аеродром “Александар Велики” беше промовиран 17 години стар авион, каков што не се произведува веќе неколку години.
Историјата се повторува. Во 1903 година, кога во Америка е создаден првиот мотор “харли дејвидсон”, во Македонија се направило топче од дрво.
Денес во Македонија сигурно има луѓе кои можат да издвојат по 200.000 долари за туристички лет до вселената. Ама немаме ние време за шетање меѓу ѕвездите. Имаме уште многу незавршени работи со ѕвездите во земјата. Уште не сме откриле на кого личи Александар Македонски.
6 Прво струшкиот градоначалник Рамиз Мерко беше осуден на една година затвор, ама условно, затоа што бесправно изградил споменик. Тоа значи дека ќе лежи в затвор, ако оваа година направи уште еден споменик.
Струмичкиот градоначалник Зоран Заев беше ставен во притвор додека трае истрагата затоа што можел да го повтори делото за кое е осомничен. Како може да го повтори? Да изгради уште еден трговски центар.
Ако веќе Заев треба да лежи во затвор, глупаво е да лежи за трговски центар. Ако го осудат условно, нека направи аеродром во Струмица. За инает на Штип и на Никола Груевски.
7 Владата сѐ уште нема портпарол. Ама, фала му на Господ, барем емисијата на Велија Рамковски “Фармер” има одличен презентер. Школуван во странство. Вицепремиерот Зоран Ставрески. Препорачана доза: “Најмалку три пати на ден”.
8 Бранко вчера пак се појави со план за спас на демократијата.
Навистина, не мислам дека ни е многу добро. Ама сигурен сум дека не ни е толку лошо за да мора баш Бранко да нѐ спасува.