1 Овој текст го пишувам под голем притисок. Наместо да мислам интензивно на Црвенковски, Груевски, Заев и компанија, сакав да гледам отворање на Олимпијадата во Пекинг. Барем малку да се почувствувам како дел од светот. Да бидам таму каде што вчера беше цел свет.
Тој проблем го немаат Претседателот и премиерот. Никој од македонскиот државен врв не отиде во Пекинг.
Премиерот Груевски вчера од поставувањето камен темелник во Охрид порача дека не може да стигне на сите места. А и настанот во Пекинг не е обврзувачки. Плус Олимпијадата апансас ја закажаа. Во 2001 година.
Затоа пак претседателот Црвенковски “го поздрави одржувањето на овој важен светски настан”. Оти, ако тој не го поддржеше, можеби немаше ни да се одржи. Плус, Кабинетот соопшти дека кога последен пат Бранко бил во НР Кина видел како течат подготовките и се уверил дека Олимпијадата ќе биде добро организирана. Така што Бранко нема што да се грижи да ја оправа ситуацијата во последен момент. Нека одмора во Бодрум. Има и таму телевизија.
Двајцата најдобро се снаоѓаат на домашен терен. Претседателот Црвенковски не оди во Пекинг затоа што со црногорскиот и со српскиот претседател се гледаат традиционално секој септември на Генералното собрание на ОН во Њујорк. А премиерот Груевски затоа што со премиерите на народните партии се гледал секои три месеци. Плус, на Олимпијадата се оди под мотото: “Важно е да се учествува”. А тој сака само да победува.
2 Забележавте ли дека до вчера попладне, Македонија немаше поим дека некаде во светот оваа недела почнува Олимпијада? Да не прочитавте во некој весник? Или, да не сте чуле на вести на телевизија?
Мораше повторно да интервенира Дора Бакојани за да ни обрнат внимание на светскиот настан. Да не се побунеа тие за името под кое продефилираа македонските олимпијци, ние немаше ни да знаеме дека во Пекинг има некаква Олимпијада.
Грците правеле проблем и во Пекинг. Нека прават. Тоа им е работа.
3 Во првата половина од оваа година дефицитот бил рекорден. Речиси две третини е поголемо негативното салдо во надворешно трговската размена во однос на истиот период лани.
Статистиката бележи однос на увоз и извоз. Замислете што би било кога би бележела глупости? Би оствариле рекорден суфицит.
Така, додека светот оди на Олимпијада, ние се занимаваме со Бранко и Никола. Замислете колку златни медали би освоиле кога би се натпреварувале во глупости? Најмалку три. Во дисциплината судство, здравство и образование.
Впрочем, што ќе ни е нам Олимпијада во Кина? Непотребно ќе ни го одвлекува вниманието од реалноста. Ние дома си имаме Олимпијада на глупости. Сите дисциплини ги имаме истренирано до перфекција.
4 Уште кога почна приказната за Заев напишав оти ВМРО треба да ме убеди дека не апси политички, а СДСМ дека ги почитува институциите на државата. Како што се развива приказната веќе не ми треба убедување. Сега веќе сѐ е јасно. Тешко нам.
Прво, Заев два пати го ставаа во притвор затоа што била искористена некаква дупка во законот. Па потоа Претседателот го ослободи Заев затоа што и таму имало некаква дупка во законот. Собранието два пати носи исти закони, оти имало некаква дупка во законот. Претседателот нема рок да ги потпише законите оти имало дупка во законот. И на крај Заев ја споменува кофата вода во која се самоубил новинарот Таневски.
Целиот правен систем ни се темели врз дупки во законот. И не носат нови закони за да ги пополнат дупките. Туку си продолжуваат да бараат нови дупки.
И така мал проблем, се решава со поголем проблем. Поголемиот проблем се решава со уште поголем. И на крај доаѓа најголемиот проблем. Се појавува Бранко и потпишува со аболиција.
Од дупка во дупка, до кофа со вода.
5 Како демант на Фуере дека интелектуалците се плашат да зборуваат, некоја нова невладина организација организираше трибина. Петшест души се собрале на една маса и си зборуваа нешто против Бранко, а дваесет медиуми ги следеа. Исто како во времето на едни други невладини организации што сега се плашат да зборуваат и се жалат кај Фуере. Тогаш други петшест души си зборуваа нешто, ама за Бранко и дваесет медиуми ги пренесуваа.
Владата се крие зад независното судство, а интелектуалците зад невладините организации. Само што некои невладини се малку поневладини од другите. Додека не дојдат нивните на власт.
6 И ај нека се обиде некој да биде Монти Пајтон во Македонија и да ја пародира следнава ситуација.
Директор на затвор држи прес конференција од име на затворениците и бара од Претседателот да ги помилува.
Му наредил ли некој од Владата да ја држи прес конференцијата за да не го избркаат од работа? Или пак Собирот на затвореници го овластил да ги претставува во јавноста? Или и нему му се заканиле со кофа вода, па мораше сиромашкиот да ни кажува дека “временските услови се многу топли и влијаат врз психата на осудените лица што може да доведе до несакани последици во одржување на редот и дисциплината во затворот”.
Изгледа на затворениците стварно им зоврела главата штом барањето за помилување го адресирале до “квазипретседателот и граѓанинот Бранко Црвенковски”. Да мислеле со студена глава ќе знаеле дека обичен граѓанин не може да помилува затвореник. Мора да биде Претседател.
Плус, ако граѓанинот навистина ги помилува затворениците, знае ли директорот на затворот дека ќе нема на кого да му биде директор. Па, како и да ја свртиш, ќе остане без работа.
Временските услови се навистина топли. За последиците нека мисли Монти Пајтон.