1 Од 2006 година, откако дојде на власт, Груевски упорно се обидува да го врати Бранко во политиката. И конечно му успеа.
Сѐ уште не ми е јасно зошто покрај 480.000 гласачи, нему му треба баш Бранко.
Не е лесно да се води држава. Ама тоа да го признаеш е многу помал грев, отколку да го вратиш Бранко пак да биде битен.
2 Неделава се прославија седум години од потпишувањето на Охридскиот договор. Тој беше потпишан за да се гарантира рамноправноста на Албанците во Македонија.
По седум години почна да се остварува и рамноправноста на Македонците во Македонија. Но, вистинската гаранција за рамноправност не е Рамковниот договор. Тоа е ЕВН.
Требаше да дојде странскиот капитализам за да почнат Албанците да плаќаат струја. Значи, не било само до пушките, шумите и борците за човекови права. До ножиците за сечење струја било.
Конечно и ние што плаќаме струја да бидеме рамноправни во оваа држава. И ние да видиме некој ќар од Рамковниот.
3 Невладините организации “Сакам да бидам Заев” и “Сакам бела маичка” продолжија да бараат правда и правдина.
Сега се очекува да одат и пред затворот во Шутка. Да носат маици “Сакам да бидам Кирил Тодоровски”. Затоа што градоначалникот на Аеродром е во притвор веќе петшест месеци. Или “Сакам да сум змиско око” на предната страна на маич ката, а на задната ќе пишува “Ставете ме во затвор, па после прибирајте докази”.
Откако ќе ги соблечат маичките “Сакам притвор од половина година”, нека се преселат пред Идризово. Ќе протестираат против смртта на еден 37 годишен затвореник. Ќе облечат маичка “Сакам да умрам во затвор”.
Директорот на затворот што во име на затворениците од “граѓанинот и квазипретседател Црвенковски” на прес конференција бараше нивно ослободување, оваа недела го немаше. Ете ги непредвидените последици од ослободувањето на Заев. Топло е, па и директорот испари. А вработените во затворот, зафатени од читањето на писмата на затворениците против Бранко, заборавиле тежок болен да префрлат во болница.
Директорот не држи прес конференции кога му умираат затвореници на 37 години? Тој е портпарол на тие што сакаат да излезат од затвор. Не на тие што умираат.
Но не е сѐ толку црно во македонските затвори. Оти, најдобро поминуваат тие што самите решиле да умрат. Ним им даваат кофа за да се удават.
4 Спикерот Трајко Вељановски му напиша писмо на претседателот Бранко Црвенковски. Претседателот му врати писмо на спикерот. И му закажа состанок утре. Да не губат време, оти секој ден одат по 100.000 евра за струја.
Кабинетите на Трајко и на Бранко се на пет метра еден до друг. Ама ако не си пишуваат писма, нема да знаеме дека комуницираат меѓу себе.
Во која нормална држава Претседател и спикер на Парламент си закажуваат средби преку медиуми? И тоа не е сѐ. Во која нормална држава нивната средба е вест за насловна страница?
Фалеше уште да објавевме дека Бранко и Трајко ќе се сретнат со посредник. Штета што Мартин Протоѓер беше во Њујорк. Ете му уште една работа кај што Груевски не му дал задача да се замеша.
5 Зошто на преговорите за името Грција има еден, а Македонија двајца претставници?
За да ни се смеат. И да не нѐ сфаќаат сериозно.
6 Сите што летово биле на одмор во Грција, без ништо да ги прашаш
не ти кажуваат како си поминале, туку дека се изненадени колку Грците биле љубезни кон нив.
Баш ми е гајле дали некој решил да ѝ даде дневница на Дора Бакојани. Ама ме чуди зошто би се изненадувал дека некој бил љубезен со тебе, ако му даваш пари за тоа? Нели е тоа целта на туризмот. Плаќаш за да ти го прават ќефот.
Што сакале нашиве да им прават Грците? Со какви очекувања тргнале на пат? Дека таму ќе ги тепаат, ќе им ги кршат колите, или ќе ги дават во море?
Ако навистина мислеле дека ќе ги тепаат, тогаш има само две објаснувања зошто ја избрале баш Грција за летување. Или се авантуристи што сакаат ризици и тргнале во непознато. Или, пак се вистински Македонци. Знаат дека ќе ги малтретираат, ама спремни се да трпат.
7 Ние пак што решивме да не одиме во Грција на одмор, сега купуваме панцири и шлемови. Оти министерот за одбрана Зоран Коњановски нѐ исплаши. Рече оти “долго гледаме дека и на самата граница се случуваат вежбовни активности на грчката армија. Јас сега засега немам такви податоци, сигурно ќе се консултираме со сите релевантни структури во државата и ќе заземеме став”.
Што став заземале релевантните структури? Покрај шлемовите и панцирните елеци да му се купи на министерот и двоглед. Во иднина кога ќе гледа, да има и податоци за тоа што го видел. Човекот е машински инженер. Ја знае разликата меѓу тенк и авион.
А ако Грција реши да нѐ нападне ќе побараме помош од Турција. Затоа што новиот началник на Генералштабот бил по потекло од Македонија.