ШВЕДСКА ШКОЛА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:57:"ЈастигнавмеиШведска.Од19век

    1 Бев неколку дена во Шведска. Се сретнав со некои колеги од весниците што излегуваат во Стокхолм. Сакаа да ми покажат дел од нивната историја и ме одведоа во Скансен. Тоа е еден остров во Стокхолм што во 19 век е претворен во прв музеј под отворено небо во светот. Во Скансен има околу 150 историски куќи кои таму биле донесени во оригинален изглед од речиси секој дел на Шведска. Повеќето од овие куќи се од 18 и 19 век. Идејата е да се покаже животот на Шведска од тој период, па има селски куќи, фарми, градски живеалишта, кафеанчиња, пекарница, работилница за стакло…
    Шетавме низ Скансен и дојдовме до една дрвена куќа која била училиште изградено во средината на 19 век во некое село од северна Шведска. Сиромашкиот уредник на весникот од Стокхолм, демек мој колега, ми рече: “Дојди, те молам, да видиш како изгледало типично шведско училиште во 19 век”. Гледам и што да кажам. Училиште, како и секое училиште. Ама, тој продолжува да се обидува да ме импресионира: “Гледај, гледај… ниту едно столче не е исто, види ги овие дрвени клупи колку се необработени, види каква смешна табла…”. Најстрашно било што немале кујна, па учениците морале да јадат на клупите.
    Гледам јас и си молчам. Дури, за да не го навредам колегата почнав и јас да се чудам. “Леле колку им било тешко на малите Швеѓанчиња во 19 век!”.
    Сакав да му кажам на колегата: “А да дојдеш ти во Македонија да ти покажам едно училиште од 21 век. Не мора да патуваме до село. Во центарот на Скопје ќе шетаме. И не мора да броиме колку столчиња се исти. Ќе одиме до тоалетите”.
    Ама не сакав да му ја расипам приказната на колегата. Како да го разочарам домаќинот? Што да му кажам? Да се пофалам? И ние ја стигнавме Шведска. Од 19 век.

    2 Приказната за училиштето некако ја проголтав. Одглумив чудење, му раскажав дека и нас кога нѐ тераа да правиме државен универзитет на албански јазик, ни велеа да го направиме по урнек на Универзитетот на шведски јазик во Финска и продолживме да си правиме муабет за фини работи во Шведска.
    Арно ама, стигнавме до некои куќи што биле фарми од 19 век. Ми раскажа дека во тоа време селаните работеле со договор за работа на определено време од една година кај газдите. Газдите не им ја плаќале цела плата, туку им давале компири, зелки, свинско месо, пилешко… Ако некој од селаните се разболел газдата им плаќал и лекар, ама затоа пак селаните морале да го одработат тоа со уште една година договор за работа на фармата. И наместо пари, добивале компири, зелки, свинско месо…
    Е тука веќе не додржав. И му велам: “Па така е и кај нас. Знам колеги на кои газдата не им плаќа здравствено осигурување. Кога го прашуваат зошто не им ја пријавува цела плата, им вели: ‘Кога ќе се разболите, ќе ви дадам пари’. Тие колеги не можат да си купат кола, или да си го заменат мебелот дома. Банката не им дава кредит оти тоа што легално го примаат на трансакциска сметка е многу малку за да им биде одобрена солидна сума за отплата на кредитот. Затоа пак газдата им дава кола и мебел од компензација за реклами на телевизија и во весник. И после им одбива од платата што не им ја пријавува. И тие мора да работат додека не му ја отплатат колата”.
    Му раскажувам јас на колегата од Шведска фини работи за Македонија, а тој ме гледа зачудено, чинам многу позачудено, отколку што јас се чудев за страшните услови на шведските деца од 19 век. Не издржа и ме праша: “И вие молчите?”. “А кому да се жалиме?”, му велам јас. На Владата што за малку медиумско влијание ја храни новата бизнис елита со народни пари за реклами? Или на ЕУ? Ете, Шведска ќе биде претседавач со ЕУ во јули 2009. А ние, нели многу сакаме во ЕУ.

    3 Шведска има советодавно професионално тело наречено Новинарски совет формирано уште во 1919 година. Во 1969 година ја создале и институцијата Новинарски правобранител Прес омбудсман.
    Прес омбудсманот во Шведска е една госпоѓа со потекло од Финска. Била главен уредник на тиражниот таблоид “Афтонбладет” и е ценет автор на неколку книги.
    И нејзе ѝ ја раскажав приказната за медиумските феудалци блиски до премиерот Груевски и неговите министри.
    “Така било и кај нас”, ме тешеше таа. Кога? Во 1919 година?
    Добро е. Имаме уште шанси да ја стигнеме Шведска. Од почетокот на минатиот век.

    4 Додека бев таму сите весници на насловните страници одеа со теми за светската финансиска криза. Се занимаваат со минорни работи, наместо да го следат премиерот. За Норвешка и Данска раскажуваат само вицови. Во еден часот по полноќ пуштаат порно филмови и хорор, наместо да ги комбинираат тие два жанра со директен пренос од седница на влада. Дури и за кралското семејство баш им е гајле. Толку се очајни моите колеги.
    Вчера се вратив дома. И веднаш ми стана јасно зошто ние не сме загрижени за светската криза. Ќе ја стигнеме ние кризата. По два века.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира