1. Авионот со којшто претседателот на Републиката Киро Глигоров се враќаше од Стразбур слетал на скопскиот аеродром, се паркирал на платформата, стјуардесата ја отворила вратата, ги донеле и скалите до неа и таман претседателот да излезе, протоколот го вратил назад во авионот, да си седне на своето седиште.
Претседателот немало кој да го пречека. Глигоров и министерот Фрчковски, заедно сосе соработниците и новинарската екипа што го следеше настапот на претседателот во Советот на Европа, десет минути трпеливо чекале во паркираниот авион, на триесет и кусур степени, на платформата на аеродромот, да дојде некој да ги пречека. Потоа се појавиле претседателот на Собранието Тито Петковски и претседателот на Владата Бранко Црвенковски, па Глигоров можел да стапне на скалите надвор од авионот, како и што му личи на шеф на држава.
Велат дека Протоколот не пресметал најдобро кога треба да слета авионот од Стразбур. Или Бранко Црвенковски попусто го вртел бројот на шалтерот за информации на скопскиот аеродром да праша кога ќе слета авионот, а таму било зафатено? Можеби заедно со Петковски се заглавиле во метежот низ скопските улици, или доцна тргнале од своите кабинети. Излегло дека до скопскиот аеродром побрзо се стигнува од Европа, отколку од центарот на главниот град.
Добро е што воопшто некој доаѓа да го пречека претседателот кога се враќа дома, па макар и со задоцнување. Може некој ден да му се случи на Глигоров да си отседи цел ден во паркиран авион.
2. Колку и да не сакам да размислувам за некои работи како за типично балкански, случувањата ме тераат на тоа. Дали воопшто некаде во цивилизираниот свет е можен погреб како оној на Папандреу? Дали само на Балканот најомилена забава за народот се случувањата на улица, па макар повод за тоа била и смртта на голем политичар. Се сеќавам на погребот на Тито во 1980 година. И во Атина беше слично како оној пат во Белград. Погреб што трае седум часа, на температура од 39 степени, милион луѓе на улиците, скандирање и аплаузи, плачење пред камера, потресни бакнувања на ковчегот, фотографирање на семејството на починатиот… Дали се работи за премногу емоции, за врела медитеранска крв која нé тера бурно да реагираме и во радост и во жалост, или пак за ексхибиционизам? Ај што свадбите ни се такви какви што ни се, да си простиме одбивајќи си на балканскиот менталитет, бидејќи на крајот на краиштата знаеме да се радуваме. Ама зошто и во тагата од погребите правиме циркус?
Како што е редот, кога на соседот ќе му умре некој што многу му значи, човечко е да се изрази сочувство. И претставниците на Македонија се изредија во испраќањето сочувства до Грција по повод смртта на Андреас Папандреу.
Во телеграмата со сочувство на претседателот на Социјалистичката партија на Македонија Љубисав Иванов-Ѕинго стоеше дека починатиот претседател на ПАСОК бил голем човек. Навистина, Папандреу беше голем човек за сите што благодарејќи на двегодишното ембарго, што поранешниот грчки премиер го воведе против Македонија, направија голем шверц и невидени пари во трговијата со Србија, која исто така беше под ембарго. Деновиве се гледа како тие што беа успешни за време на ембаргото сега, кога блокадите и на север и на југ се укинати, а се отворија можности за легална трговија, постепено пропаѓаат. Како на нив сега добро би им дошол некој друг “голем човек” да ни воведе барем уште две години ново ембарго, па да им тргне работата!
3. Кога ќе се погледне составот на Собранието, веднаш се гледа кои се луѓе од спортот. Пратеникот Зоре Темелковски завчера мораше да се пресоблече во летна маичка. Му личи, бидејќи е претседател на Кошаркарскиот сојуз на Македонија. Ѕинго, како газда на фудбалскиот клуб и претседател на Фудбалскиот сојуз, нормално, на седницата дојде облечен во дрес. Не ми е јасно само зошто и министерот за правда Владо Поповски ден пред тоа во Собранието се појави во маичка.
Велат дека облеката не го прави човекот. Ама има и една народна поговорка која вели: “Руба краси – руба гнаси!” Со каква руба прилега да се појави народниот избраник и претставникот на власта во највисокиот дом во државата е прашање што веројатно одамна го апсолвирале некои западни демократии, па си го ставиле и во закон.
Добро е што камерите не ги “фаќаат” пратениците и министрите подолу од половината. Им ги гледаме само маичките. Кога би можеле да ги видиме во нозете, би откриле колкумина од нив се – боси.
4. Со голема помпа беше најавена директната линија на “Малезијан ерлајнс” од Куала Лумпур за Скопје. Конечно една голема светска компанија реши да ја стави Македонија на картата на светот. Пред два месеца дојде малезиска делегација со три авиони, нивниот премиер беше примен со сите почести, компанијата реши од скопскиот аеродром да прави регионален центар за Југоисточна Европа, луѓето ќе инвестираа и во изградба на хангар за карго, ќе го купуваа нашето јагнешко, што Европа не ни го сака…
Скопскиот аеродром требало да вложи околу 400 илјади долари за дополнителна опрема за редовно слетување и полетување на интерконтинентални авиони. Тие пари ги нема. А Претпријатието за аеродромски услуги неколку години по ред е меѓу првите десет најуспешни во државата.
Изгледа дека ние сме родени да бидеме провинција. И осудени најголемата компанија што ќе слетува во Скопје да биде ЈАТ.