1 Ја обожавам Калиопи. И јас, и жена ми и децата. И ги пееме песните по дома.
Ја видов на онаа реклама 24 часа/7 дена во неделата како ја фали Владата. И после прочитав како се правда дека случајно ја сретнале на улица.
Па ако е така, не видов дека стегнала тужба против Владата за злоупотреба.
Калиопи, душичке, зошто ти требаше тоа понижување? Па ти си многу поголема и од Никола Груевски и од сите министрикои ги фалиш. Си ги поминала и Бранко и Љубчо и Киро… И Тито си го поминала, уште на “Златно славејче”. Сите тие доаѓаат и си заминуваат. Само ти си ѕвезда и остануваш. Па тие деца на кои сега им се умилкуваш би биле пресреќни да бидат во твоја близина. Би се тепале да ти земат автограм. Наместо да го уцениш Груевски да ти ги платат авторските права за “Месечина”, ти ја фалиш Владата оти и рекла “Не” на Европа. Што фајде имаш ти од тоа? дали тоа ти помага да живееш добро од твојата работа, без да мора да очекуваш милост од власта. Без разлика дали е Груевски, или некој друг, дали е од оваа, или од онаа партија.
Замислете ја Викторија Бекам да застане на улица во Лондон. И да рече: “Многу е фин овој Гордон Браун, работи нон-стоп како драгстор”. Или, Мадона. Оти Мадона е поп кралица, а Калиопи е поп -дива.
Работел Груевски 24 часа, седум дена во неделата. Па зошто го плаќаме? Тоа му е работа. Зошто Калиопи би требало да биде зачудена, а премиерот да плаќа реклами за тоа да ни го соопшти.
Малку ѕвезди имаме во Македонија. Едната лани загина на автопат во Хрватска. Другата се понижи. Се самоуби пред камера.
2 Можете ли да најдете некоја германска ѕвезда што ќе застане на улица и ќе ја фали Ангела Меркел?
Може. Ете, Борис Трајанов. Тој ионака има само германски пасош. Кога го зел, се откажал од Македонија. Значи, нема ни резервна татковина. Гајле му е. Затоа и може некритично да ја фали македонската влада. Ако Владата направи беља, тој има каде да ја дувне. Ќе си се врати дома. Во Германија.
3 Не знам зошто во А1 Телевизија се потресоа толку дека државата била обезглавена. Не бил тука ни претседфателот, ни премиерот, ни претседателот на Собранието, ни пет-шест министри…
Што се секираат? Велија е тука. Тој го урива претседателот, менува министри и градоначалници, води борба со урбаната мафија, се справува со сива економија, дели субвенции за земјоделците, го чува името, затвара пазари, организира концерти, го анализира буџетот… Поактивно работи државнички работи и од претседателот и од премиерот заедно.
4 Уште еден бисер на македонската транзиција е кога олигарсите плаќаат данок, а пилјарите не. Ама затоа пилјарите се јаки на вилица, па Владата им се плаши и не ги казнува. Затоа и државата ни е претворена во пржилница за смоки. 24 часа, седум дена во неделата. Драгстор пилјара.
5 МВР уапси полицаец што ја возел групата што уби специјалец околу новогодишните празници. Веднаш потоа ДУИ се јави со ветување за фер судење на полицаецот. Од кога политичка партија ветува фер судење? Откако ЕУ побара политички дијалог.
Полицаецот бил примен на работа во 1999 година. Бил унапреден во командир во 2003. Кога масовно командантите на ОНА по рамковен договор стануваа полициски командири.
Место да ветува фер судење, сега ДУИ нека вети дека рамковните полицајци ќе ја бранат државата и редот и мирот во неа, а не да пукаат во неа. И дека на останатите полицајци не мора животот да им биде во ризик од колегите.
Арно ама, за таков политички дијалог не и се слуша на ЕУ.
6 Владиката Иларион додека си се возел во скапиот џип смислил едно слово и го објавил во “Дневник”. Владиката со нехристијанска јарост и без контакт со реалноста го осуди абортусот. Вели дека жените заради земни задоволства правеле чедоморства. А тој заради врска со Бога и во име божје вози скап џип што може да прехрани барем едно одделение.
Ова е слободна земја. Секој си има право да си каже што сака. Ама кога тоа ќе го каже од насловна страна на голем весник владика, тоа веќе ја надминува дискусијата за темата абортус. Тоа е обид на црквата за брутален упад во државата и начинот на живот со кој сака да ни ги одрече главните цивилизациски придобивки, како правото на слобода на избор, граѓански и човекови права, демократија. Се со цел да воспостави реакционерни, фундаменталистички вредности и да приграби власт.
И е гајле на црквата за децата. Колку деца прехраниле? Да не изградиле случајно градинка? Или згрижиле бездомни деца?
Нашата држава и по устав и по закон е секуларна. Но, ако заговараш општествена и државна организација која се базира на Библија и шеријатско право, тогаш добиваш талибанска држава, како Иран или Саудијска Арабија. Црквата со години во нашава транзиција прави напори да упадне во државното и општествено ткиво и да и се слуша зборот. Со оваа Влада која заради евтин популизам кокетира со религијата темата абортус е идеална за тоа.
Се потепаа жените да имаат квота во Парламентот. Не слушнав дека некоја од нив излезе да ги брани женските права. Утре можеби истиот владика ќе побара забрана на абортусот. А тие ќе го поддржат затоа што така ќе им каже партијата.