1 Владата завчера обелодени мерки со кои ќе му се помогне на македонското стопанство да се ублажи глобалната криза која ја зафаќа и земјава.
Меѓу десетината мерки за кои зборуваше премиерот Груевски е и онаа со која на компаниите што подолг период имаат неплатени здравствени придонеси, ќе им се даде можност да им се замрзнат тие долгови. Во интервју за А1, Груевски рече дека на досегашните неплаќачи, “ако четири години редовно плаќаат здравствен придонес , потоа старите долгови ќе им се отпишат”.
Што убаво. Веднаш им порачувам на моите директори, ако уште не ја пресметале платата за ноември, да не ги плаќаат здравствените придонеси и обврските за пензиско осигурување. Бидејќи мерките на Владата ќе важат од 1 јануари, не треба да плаќаме придонеси и за декемвриската плата. Така ќе заштедиме барем за два месеца.
Истото им го порачувам на сите компании што редовно ги плаќале обврските кон државата. Нека не ми биде забележано дека повикувам на непочитување на законот. Напротив. Повикувам на штедење. Ако можел некој да штеди со години и да ја краде државата и своите вработени, дај и ние будалите што плаќаме редовно да заштедиме барем два месеца. После четири години ќе ни ги простат долговите. А овие два месеца ќе гледаме да не се разболуваме.
На прашање на новинарот дали со репрограмирањето долгови и отпишувањето камати не се создава нелојална конкуренција, Груевски одговори: “Не, ова е исклучиво за оние кои веќе западнале во криза… Тие што редовно плаќале, тие се успешни фирми, тие одат понатаму”.
Точно е. Одат понатаму. Но наместо да возат со петта брзина, ќе се мачат со прва оти ќе шлајфуваат во калта влечејќи ги тие што не плаќаат.
Нека праша Груевски колку чини само една гума од џиповите што ги возат газдите на фирмите што не плаќаа редовно и нека продолжи да ги жали колку биле во криза.
Уште кога ги гледам најголемите неплаќачи како со полни усти се прават најголеми патриоти, а Владата тоа им го купува, ме фаќа очај. Затоа што тие што не плаќаат посилни се од државата.
2 Како му се падна на Бичиклиски да ја изговори онаа реченица дека во ВМРО-ДПМНЕ имаат сознанија оти СДСМ го организирал штрајкот во образованието. Се чудам како успеа да не се насмее на тоа што го кажа? Верува во тоа, или кажува вицови?
Можам да замислам колку се израдувале СДСМ-овците кога ја чуле таа изјава. “Јухууу…Многу сме јаки…”
Тие сиромашките не можат една општинска организација да организираат, а не пак штрајк низ цела Македонија.
СДСМ излезе дека е посилен сега отколку кога беше на власт. А тие пустите се истите. И сега не прават ништо. Исто како што не правеа и кога беа на власт.
3 Ова со штрајкот си го поврзувам со неколку изреки на тема образование со кои сум растел.
Уште во СФРЈ учевме дека “Знаењето е сила, знаењето е моќ, учете деца и ден и ноќ”. Тоа беше од српскиот писател Јован Јовановиќ – Змај.
Арно ама, Ристо Крле ни кажа: “Парите се отепувачка”.
Е сега… Народот убаво си рекол: “Колку пари, толку музика”.
И која е лекцијата од штрајкот и сите приказни за кризата во Америка, малите плати на наставниците, притисоците врз штрајкувачите, неположените матури, времените вработувања на учителите, загрижените градоначалници и директори, учениците на улица, компјутер за секое дете…
Како што би рекол Френк Синатра “Шуби дуби дуууууу…”
4 Од извештаите на некои колеги што ја следеа посетата на премиерот на Норвешка прочитав дека “Норвешка ја поддржува Македонија во судскиот спор со Грција”.
Како!? Ќе ни фатат врски? Жената на министерот за правда на Норвешка ќе се ја вува кај судиите во Хаг и тие исплашени ќе ја слушаат за да не ги сменат? Или, норвешкиот крал ќе донесе декрет за да го добие Македонија спорот?
Норвешка не е членка на ЕУ. Па, некој си помислил дека и судството им е како нашето. Реформирано. Ама уште неспремно за ЕУ.
5 ЕВН му ја исклучи струјата на цело Арачиново.
Еден од селаните со сметките во рака викаше дека имал платено и жестоко критикуваше: Камо полиција, камо ли суд во оваа држава? ”
Е камо де, камо? И јас тоа се прашувам сите овие години.
Во албанскиот политички блок сî повеќе се форсира тезата дека поради името, Албанците од Македонија ќе бидат колатерална штета на Македонците затоа што не можат да влезат во ЕУ и НАТО.
Нека почнат да плаќаат даноци, струја и вода, па тогаш ќе влезат во ЕУ и НАТО. Ако плаќаат можеби ќе помогнат и Македонците да го решат проблемот со Грција.
Само ден пред прилогот на телевизија во кој совесниот плаќач на струја повикуваше на правда одеше анкета со прашањето: На што се греете?
Про тоа еден од анкетираните на Бит – пазар даде логичен одговор: “Па на струја, нормално. Немам работа, немам плата, на што да се греам?”