ДРЖАВНИК ПРЕДАВНИК

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:246:"БитолчанинеморадасемачатдавиткаатсармикакоприлепчанизадавлезатвоГинис.Доволноепакдаѝдадатпо100.000евранаСоњаодТАТ

    1 Откако со билборди и спотови Владата ме убеди дека “јас сум Македонија”, сега со реклами ќе ме убедува дека “сакам да бидам во ЕУ”. Се вика: “Останал попот без работа, па ги крштавал јарињата”. Па така, пред два дена вицепремиерот Ивица Боцевски лансираше нова кампања од 400.000 евра, со слоганот “На патот кон Европа тргни од себе”.
    Идејата на кампањата, како што вели Боцевски, е промоција на европските вредности. Тој објаснува дека тоа е “почитување на другиот и почитување на различниот, слобода на говорот, еднаквост пред законот, заштита на околината и доброто владеење”.
    Е ај сега да видиме што ќе ни промовира Владата. “Почитување на другиот”, како што се почитуваат ВМРОвците и “комуњарите”, Претседателот и премиерот, лидерот на власта и лидерот на опозицијата, религиозните и атеистите? Или “слобода на говорот”, како што се вестите на “А1” и “Сител”? Или, можеби, ќе се повикаат на “еднаквоста пред законот”, како што се еднакви граѓаните на Арачиново, со граѓаните на Штип? Или “заштита на околината”, како што е заштитена околината на “Окта”? А особено ќе учиме од “доброто владеење”, како што е, на пример, почитувањето на Уставниот суд, на институциите Претседател, премиер, Собрание, пратеник… Оти институциите ни се државата. А не некој Бранко, Никола, Трајко или Ивица…

    2 Мината година во октомври, кога комесарот за проширување на ЕУ Оли Рен му рекол на претседателот Бранко Црвенковски да се погледне во огледало и да каже дали Македонија му личи на земја кандидат за ЕУ, јас го напишав ова:

    Сабајлево се погледнав во огледало. И можам да му кажам на Оли Рен дека не сум само кандидат туку и сосема спремен за ЕУ.
    Работам во фирма што ги плаќа даноците, пензиско и здравствено осигурување и пријавен сум на цела плата.
    Ги почитувам законите.
    Ги почитувам сите вери и националности и остро се противам на полова и сексуална дискриминација.
    Остварувам дијалог во секоја смисла на зборот и политички и неполитички.
    Ако со некого влезам во спор, одам на суд и не вадам пиштол за да го убијам.
    Не носам калашников на свадба и не се тепам на работно место и на улица.
    Барам фискални сметки во продавница и пријавувам мито и корупција.
    Работам нормално работно време, и пак успевам да остварувам.
    Плаќам патарина.
    Чекам во редици и за излез и за влез во земјата.
    Не доцнам на приеми и на состаноци.
    Поддржувам и домашни и странски инвестиции.
    Не возам 200 на саат низ град .
    Плаќам струја, вода и одржување на лифт, а ѓубрето го фрлам во контејнер.
    Гласам на избори.
    Не се викам ни Александар за да можат Грците да ми стават вето.

    Е па, драги вицепремиеру Боцевски, се надевам дека на патот кон ЕУ некаде ќе се сретнеме. Ако и ти и твојата Влада го видите истото ова кога ќе се погледнете во огледалото.

    3 Кога се објави пресудата за Бучковски за набавката на резервни делови за тенкови, од СДСМ веднаш обвинија дека судството е партизирано. Затоа, пак, во ВМРО-ДПМНЕ рекоа дека судството покажало независност.
    Кога се објави пресудата на Уставниот суд за укинување на патриотските сметки од ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека судот е под влијание на Бранко. СДСМ, пак, ја поздрави одлуката на независниот суд.
    Значи, во Македонија судството е независно колку што зависи од ВМРО-ДПМНЕ или од СДСМ. До таму до каде што фаќа телефонот на Бранко, а од каде мобилката на Груевски.
    Се разбира, двајцата тргнале од себе на патот за Европа.

    4 Словенија стави вето на продолжувањето на пристапните преговори за влегување на Хрватска во ЕУ. Исто како што Грција стави вето за членство на Македонија во НАТО и како што се заканува дека ќе стави вето и за почнување преговори со ЕУ, додека не си го смениме името. Искрено кажано, малку и си гледам сеир. Додека Грција се изживуваше врз Македонија, земјите членки на ЕУ си свиркаа и се правеа недугави. Сега, кога истото ѝ го направи Словенија на Хрватска, почнаа да ја караат својата земја членка.
    Но не е само тоа разликата меѓу Хрватска и Македонија. На ветото на Словенија во Хрватска одговорија единствено. Претседателот Месиќ и премиерот Санадер не сакаат да се видат, ама даваат исти изјави. На ветото на Грција, кај нас Претседателот и премиерот не само што не сакаат да се видат. Туку за да не си ги извадат очите, и со различни авиони се вратија од Букурешт.
    А што се случува од тогаш до денес читајте во говорот на Бранко. Претседателот се амнестираше од своја одговорност. Владата му е виновна затоа што ништо не сработил. Па, иронично самиот се прогласи за предавник. Арно ама иронијата никој не ја сфати. Затоа што претходно се имаше прогласено за државник. Ама и тоа никој не го зеде за сериозно.

    5 Прилепчани влегоа во Гинисовата книга на рекорди со направени над 80.000 сарми за Свети Никола.
    Како ли на овој предизвик ќе одговорат битолчани?
    Тие не мора да се мачат да виткаат сарми. Ќе ѝ дадат по 100.000 евра на Соња од ТАТ и ете веќе си го заслужиле Гинис. И не само тоа. Гинис ќе отвори нова категорија: Колку пати Соња може да ја измами Битола? Откако ја закла цела Битола со милиони евра во ТАТ и одлежа затвор, сега на Соња, на стара слава, петмина ѝ дале половина милион евра за да ѝ тргне работата. И факт е ѝ тргна работата. Во непознат правец.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира