1 Ако некој треба да му се сити на Фрчкоски што доби толкава казна за клевета на премиерот, тогаш и јас сум еден од нив. Оти на времето кога беше министер за внатрешни работи, тој мене ме тужеше за клевета како главен уредник на “Вечер”. Бевме на суд, се спогодивме и поминав со лесно.
Не дека Фрчкоски во случајот со Груевски заслужува сожалување. Но во случајот на реакцијата на премиерот баш на овој текст за продажбата на “Окта” нешто друго ме загрижи.
Во објаснувањето од Владата се вели дека тужбата и клеветата не се однесува на прашањето дали е склучен штетен договор и дали е тоа направено од глупост, корупција или двете заедно туку поради тврдењето дека еден од анексдоговорите за продажбата на “Окта” во 2000 година го потпишал токму Никола Груевски како тогашен министер за финансии.
Премиерот тврди дека никогаш не потпишал анексдоговор со “Окта”. И судот му поверува и пресуди во негова корист.
Но Груевски, наместо само лично да се пресмета со Фрчкоски, можеше да го искористи ова судење и конечно да ги покаже тие фамозни договори и анекси поради кои сите плаќаме милиони евра отштета за “Окта”. Веројатно никој не ги зел дома. Сигурно стојат некаде во Владата. Со тоа и ќе ја завршеше приказната и сите нагаѓања, озборувања и пресметки околу “Окта”. Во крајна линија и најефикасно ќе си го заштитеше своето име.
Ама тој тоа не го направи. А и судот тоа не го побара како доказ.
Што порака ни испратија Груевски и судот? Дека секој што во иднина ќе го постави прашањето за “Окта”, ќе заврши на суд. И дека тоа прашање иако формално не е ставено под ембарго, не смее да се отвара и ќе остане табутема.
2 Владата уште не знае што да прави со пресудата од Уставниот суд за укинување на патриотските фискални сметки, кога ете уште една беља. Уставниот суд ја разгледува уставноста на законската одредба за надоместок за трето дете во општини каде што природниот прираст е помал од 2,1 отсто.
Што правиме ако Уставниот судот ја поништи и оваа одредба?
Замислете си ја оваа ситуација. Врз основа на одредбата што законски стапува во сила од 1 јануари, некој си почнал да прави дете во ноември за да му се роди некаде во јуни 2009. И детето се раѓа, мајката чека пари од државата. Ама пари нема оти Уставниот суд ја поништил одредбата. Што ќе прави мајката со третото бебе? Таа најсериозно си ја сфатила Владата, а Владата ја зафркнала. Да го остави детето покрај скулптурите на скалите пред Владата не оди. Да му го подари на некој министер и тоа не оди. Ќе го остават без воспитување, цел ден нема да се свртат дома од работа. Да бара отштета од Владата како трговците за патриотските фискални? Пак не оди. Трајко Славевски не предвидел таква ставка во Буџетот.
Да бевме друга држава, нарачателот на кампањата за трето дете ќе беше казнет за лажно рекламирање. Оти никаде во кампањата не се кажува главниот податок. А тоа е дека државната поддршка не важи за сите што ќе имаат трето дете туку само за оние општини кои имаат помал природен прираст.
Ај што кампањата е дискриминаторска. Туку нема контакт со реалноста. Кој ќе се офајди од државната помош? Освен ако не решат бабите од Мариово допрва да раѓаат трето дете.
Затоа што ако родиш во Мариово ќе добиеш пари, а во Тетово не.
Тито кога беше кум на тринаесетто дете не правеше разлика дали е кум во Словенија или на Косово. И мандаринки за Нова година од Титовата градина на Бриони добиваа сите деца, не само словенечките или хрватските.
Ете уште еден доказ дека комуњарите го имаат под свое Уставниот суд.
3 Гледам деновиве пак зајакна владината кампања за трето дете. На две недели пред Божик ни порачуваат дека со раѓањето деца сме поблиску до Бога. Големите верници од Владата во најстрог пост повикуваат на секс. Најпоучен ми е оној спот каде што се прикажуваат два пара. Едниот пар прави деца. Другиот пар прави кариера. На крај едниот пар е среќен оти седи опкружен со внуци. А другиот е несреќен оти нема никој околу нив. Дури ни муабет не прават меѓу себе.
Што е пораката од овој спот? Дека сите ние сме во фабрика и на посебни производствени ленти. Па ќе не двојат на успешни со повеќе деца, просечни со помалку деца и неуспешни без деца? Ако се бележат тие што немаат деца, можеме ли да очекуваме уште една кампања? Во која тие што немаат деца ќе се каменуваат.
4 На повидок е големо недоразбирање меѓу премиерот Груевски и вицепремиерот Ставревски. Груевски вели дека в година растот на БДП ќе биде 5,5 %. А Ставревски вели дека ќе биде 4,5 до 5%. Море батали расцеп во Владата. Туку и кумството е доведено во прашање. И тоа за некои бедни 0,5 до 1 процент.
За разлика од Македонија чија економија ќе расте за 5 проценти, речиси цел свет прогласи рецесија.
Мене ми е жал за Германците. И за Французите и за Британците. Затоа решив доброволно да се жртвувам. Ќе дадам оглас. “Менувам стан Барам четиричлено семејство од Лондон, Париз или од Берлин да се пресели во Скопје, а на нивно место јас и моето семејство ќе се преселиме кај нив”.
Тие, бидејќи се научени на 5процентен раст, нека дојдат тука на 4,5процентен раст за да им биде добро и натаму. А ние ќе се жртвуваме и од 5 проценти раст на БДП ќе одиме да живееме на 2,5 проценти. Доста ми е од добро. Да видиме и ние што е лошо. Па макар и во Лондон.
5 Колку партијата во Македонија е над сѐ и колку, особено партиите на Албанците се над животот, покажува случајот дека командант Лека добил црвен картон од ДПА. Зошто? Затоа што, наводно, зел пари од друга партија за да ја напушти својата.
Тоа е оној Лека што беше обвинет за злосторства против цивилно население во 2001 година. Тоа е истиот Лека што е главен обвинет за киднапирање и убиство на 12 Македонци за време на конфликтот во 2001 година. Тоа е истиот Лека против кого МВР распиша потерница во 2004 година, но за да го спаси, ДПА во 2006 година го постави за пратеник.
Значи сите злосторства што му се припишуваат на Лека не биле доволни за да му даде ДПА црвен картон. Ама затоа, пак, кога Лека решил да ја смени партијата, тогаш веќе е крај со него.
Во Македонија поголемо злосторство од сите злосторства е изневерување на партијата. Оти функционира само судот на партијата.