1 Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска првиот ден во Новата година го промовираше новиот штембил што ќе се удира на границите за излез од Македонија. Вториот ден ја промовираше машината за новите пасоши.
Печатот бил европски. И пасошот ќе биде европски. Со новиот печат на новиот пасош ќе добиеме и нова виза за ЕУ. Бугарска.
Скопје не било никогаш поблиску до ЕУ. Има само 113 километри до Деве Баир.
2 Се сеќавате ли кога Бранко не плашеше пред десетина години дека ако не гласаме за него и за неговата СДСМ ќе завршиме како Бугарија. Ние го послушавме и си гласавме за него. Се покажа дека Бранко бил визионер. Навистина не завршивме како Бугарија.
3 По приемот на Бугарија и Романија во ЕУ не знам кој во Македонија може сериозно да ги сфати пораките од Брисел дека “Европската унија нема капацитет да прима нови членки”.
Има капацитет за 30 милиони Романци и Бугари, а нема капацитет за 2 милиона Македонци. Таман и сите да се иселиме, нема да пополниме едно предградие на Лондон. Така што, ако не не примаат заради тоа што се плашат дека ќе се отселиме кај нив, ич нека не размислуваат да не примат. И Французите нека не си арчат пари за нови референдуми. Тие што сакаа да се иселат веќе си земаа бугарски пасоши. Таму им се, им работат на црно, па сега ќе ги легализираат.
Во Бугарија не важи каско осигурувањето од кражба на возилата. Половина авионска флота е приземјена заради небезбедност. Британскиот весник “Сан” откри дека во Бугарија може најевтино да се купи фалсификуван пасош. За мајтап дури му направија таков пасош на име на британскиот министер за надворешни работи. Независното судство во Софија одбива да регистрира партија на македонското малцинство…
Откако Македонија стана независна држава, ние сме полигон за експерименти на ЕУ. Уште во 1991 година самите не си го признаа мислењето на сопствената Бадинтерова комисија со која само Словенија и Македонија можеа да бидат признати како независни држави од поранешна СФРЈ. После со години ги аминуваа хировите на Грција со економското ембарго. Ни смислуваа разни договори, принципи кои сами не ги почитуваат, критериуми кои ни тие не ги задоволуваат, исчашени политички решенија кои важат само за Македонија, а не и за нивните проверени демократии…
На Македонија се бранат магистратури и докторати. Не тестираат уште колку можеме да издржиме. Владата ни е со министри од триесетина години, па имаат време за чекање.
На кого ли официјалните лица од ЕУ во Македонија можат да му ја продадат глупавата приказна за “капацитетот на Европската унија”? На премиерот Груевски, на министерот за надворешни работи Милошоски, или на вицепремиерката за евроинтеграции Коневска – Трајковска? Со изолацијата која свесно ја применуваат врз два милиони Европејци што живеат тука, излегува дека Македонија повеќе нема капацитет да ја прими Европската унија.
4 Упатствата за пополнување на образецот за бугарски визи во амбасадата во Скопје се истакнати само на бугарски јазик. Бугарскиот амбасадор Михо Михов во тоа гледа само техничко прашање.
Техничко прашање е јазикот. Техничко прашање е одбележувањето на границата со Косово. Техничко прашање во 1995 година беше промената на знамето.
Македонија е техничко прашање.
5 Техничко прашање бил и изборниот закон за кој се скараа ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.
Бидејќи Груевски не сака да го повлече предлогот за измени на законот, Шеќеринска не му доаѓа на состанок. Прво одби доручек. Вчера одби ручек. Следниот пат Груевски ќе ги покани лидерите на партиите на вечера. После вечерата не останува ништо друго освен партнерите да преноќат заедно.
Овие состаноци странците ги нарекуваат “политички дијалог”. Но, тука нема дилема. Ако има ноќевање со доручек, ручек и вечера, тоа е полн пансион.
6 Охридската локална самоуправа се жали дека не била консултирана за промената на името на Охридскиот аеродром во “Свети Апостол Павле”. Откако грчката држава се побуни за името “Александар Велики” на Скопскиот аеродром, охриѓани се плашат дека за името на Охридскиот аеродром ќе се налути Грчката православна црква.
Не знам како да се заштитиме од лутината на Грците. Треба да ги прашуваме за име и кога ќе ни се роди дете. Предлагам ЕУ да воведе нов критериум што ќе важи само за прием на Македонија. Штом некоја жена дознае дека е трудна, со закон да биде обврзана да поднесе барање до официјална Атина да и го одобри името на детето. Таман ќе има девет месеци да го чека одобрението.
7 Во понеделник нема да се работи. Портпаролката на Министерството за труд рече дека иако тоа не е законски владата ќе го прогласи понеделник за неработен ден “под притисок на јавноста”.
Фала и на Владата. Ако така се прогласуваат неработни денови, ај да притиснеме уште малку па да не работиме и во вторник.