1 Груевски не може да биде среќен само со успешните потези што ги направи. Нему не му требаат само рекламни кампањи по странските весници и медиумски балони на топол воздух. За комплетна среќа му треба и конфликт.
На премиерот му требаат непријатели за да си го прави животот интересен. Не му беше доста со караницата со ДУИ. Со неа можевме и да преживееме. После дојде караницата со Бранко. Па дојде законот за државни празници и караницата со коалициониот партнер Тито. Па дојде Александар Велики за да се скара и со Грците. Па се скара со стечајците. И на крај заврши во кавга со лекарите. За СДСМ и Рада ич да не правиме муабет.
Како што СДСМ во овие 16 години не успеа да направи економски развој, така и ВМРО-ДПМНЕ не успева да направи политичка стабилност.
Убаво е тоа што Груевски се зафати со економски реформи. Ама преку глава ми е од тоа и реформите и ние да бидеме заложници на политички хирови. Ми е страв дека оној цепелин над Владата што ја огласува Македонија како рај за инвестирање ќе заврши како најголемиот цепелин Хинднебург во 1937 година. Се запали и – падна.
Цепелинот е само балон. Лесно се дува, ама уште полесно пука.
2 Бранко треба да му побара на Груевски авторско право за слоганот “Нов бизнис рај во Европа”. Има ли поголем рај за инвестиција од условите што Бранко ги даде за Рамстор? Плаќаш 25 евра за квадрат земја во центар на главниот град и градиш супермаркет што ти ги враќа парите истиот ден кога ќе се отвори.
3 Почна втората фаза преговори со ЕУ за олеснување на визниот режим. Ние сме веќе олеснети. За неколку полицајци кои шверцувале луѓе преку Скопскиот аеродром. Преку “Александар Велики” ги испраќале на велико во ЕУ. Не ги шверцувале преку планини и диви гранични премини, туку господски ги качувале на авион.
По ЕУ стандардите за фаќање криминалци за трговија со луѓе, полицајците не беа задржани во притвор.
И ние сега очекуваме олеснување за визниот режим како прва фаза до конечно укинување на визите. Тоа ќе се случи кога во авионите што доаѓаат од Скопје во Виена наместо луѓе, ќе наоѓаат бомби.
4 Грчкиот премиер Коста Караманлис во Стразбур рече дека е Македонец. Каква случајност. Па и јас сум Македонец. Не знам зошто тогаш се расправаме.
Имам предлог во 2009 година да го избереме Караманлис за претседател на Македонија. Ќе собереме 10 илјади потписи и ќе го кандидираме.
Во Грција велат дека наместо “Александар Велики”, сме требале аеродромот да го крстиме според некоја посовремена личност. Имињата за Охрид и Скопје ги потрошивме. Ќе мора да правиме аеродром во Струмица. Таму логично би било аеродромот да се вика “Борис Трајковски”. Само што тоа име може да буди непријатни асоцијации кај патниците при слетувањето.
Затоа аеродромот во Струмица ќе го крстиме “Караманлис Македонецот”. Грчкиот премиер можеби не е толку голем Македонец како Александар Велики, ама е посовремен.
5 Избрана е новата антикорупциска комисија. Независна како и до сега. Членовите беа предложени од партиите. Партиите ги избра за да може ефикасно да се борат против корупциите на тие што ги избраа.
После ќе добијат награда. Ај сега да типуваме кој од нив ќе биде директор на Полициска академија, а кој ќе стане министер.
Не знам кој е новиот Михајло Маневски. Ама за Слаѓана Тасева се најде достојна замена. Таа се вика Мирјана Димовска. Слаѓана беше ем член на антикорупциска, ем на невладината “Транспарентност”, ем директор на Полициска академија. А Мирјана е главен и одговорен уредник на МТВ 1, претседател на Здружението на жени на Македонија и медијатор.
Битката против корупцијата се засилува. Мирјана води пред Слаѓана со 4:3.
6 Македонија не е само рај за инвестиции. Ние можеме да кажеме: “Добредојдовте во рајот на ТВ рекламите”.
Многу ми е убава онаа реклама кога стјуардеса во авион му закажува преглед на патник со расипан заб на Стоматолошката клиника во Скопје. Патникот во придружба на згодна цуца седнува да го пломбираат. А слоганот е: “Само најуспешните се наши пациенти. Бидете и вие успешен”.
Во Македонија се е наопаку. Бидете успешен. Бидете пациент.
На темата здравство е и рекламата за детските сирупи за искашлување “Проспан”. Собери три бар кода од кутијата “Проспан” и ќе добиеш гумена жаба за на плажа.
За да ти испие детето три сирупи треба да кашла барем цела зима. Ама не очајувајте. Не е се изгубено. Играчката доаѓа како ќар од болеста. Со пластичната жаба на лето ќе го пуштиш детето цел ден да во вода. Таман за да направи подлога за пневмонија за следната зима. За да можеш да собереш не три, туку шест бар кодови.
Најромантична е рекламата за супите “Подравка”. Вљубената кокошка го бара петелот и оди музиката “Од срце за срце”. Кокошката прашува “Каде е? Каде е?” И оп. Петелот се јавува со истата песна од кесичка за супа. Готов е. Станал прав. Го кремирале.
Рекламата е рајска. Не знаеш дали е за супа, или за крематориум.