КАМЕРНА ПРЕТСТАВА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:85:"СефатилаМаразаработаисијашиналадундата

    1 Ги замолувам Радмила Шеќеринска и Никола Груевски веќе да не си пишуваат писма. Нека комуницираат со СМС пораки. Или, нека си праќаат електронска пошта. Се случуваат ли некои други работи во државата што се поважни од писмата на Рада и Никола?
    За волја на вистината тие се втори во вестите на телевизија. Оти, што и да направи Али Ахмети, тој е се уште убедливо на прво место.

    2 Другите многу важни работи што ја одредуваат судбината на оваа држава се случуваат во Парламентот. Откако некако заврши еуфоријата околу државните празници, сега пратениците расправаат за деловникот за работа.
    Во меѓувреме се занимаваа со тоа кој колку минути седел во пратеничката клупа. Владо Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ побара од камерманот на Македонската телевизија да го прошири кадарот од камерата. Откако и спикерот Љубиша Георгиевски интервенираше камерата да покаже широк агол Ѓорчев ги покажа празните клупи на СДСМ и соопшти колку минути Шеќеринска седела зад нив.
    Штом пратеник од владејачката партија смее да му нареди на камерман на јавната телевизија каков кадар да прикаже, можеме да зборуваме за камерно собрание. Или, за камерна претстава.
    Режисер имаме. Имаме и глумци. Само премногу долго се игра истата претстава. Речиси 16 години. Здодевно е. Време е публиката да ги исвирка.

    3 Освен реформите што ќе не придвижат кон ЕУ и НАТО кои се огледуваат во работата на Собранието, очигледен е и напредокот во судските реформи. Ќе се прави нова зграда во Скопје.
    Но, при остварувањето на оваа реформа министерот за правосудство Михајло Маневски наидува на голема пречка. На плацот има споменик од НОБ. Сега споменикот треба да се тргне. Особено што претставува стилизирана бомба. Па министерот Маневски бескомпромисно изјавува: “Каде се видело бомба среде суд”. И тоа најсериозно го пренесуваат сите медиуми. Нормално. Министер дал изјава.
    Баба ми често пати знаеше да каже: “Се фатила Мара за работа, си ја шинала дундата”

    4 Првенецот на Македонскиот балет Василиј Чичијашвили беше протеран од Македонија како последен криминалец. Немал регулиран престој во државата. Имал туристичка виза, ама не се пријавил во полиција да каже каде отседнал во рок од три дена.
    Чичијашвили го имаше викнато од Грузија министерката за култура Ганка Самоилова Цветановска во времето на Љубчо за да го заживее македонскиот балет. Потоа го прифатија и владите на Бранко и на Бучко. Како држава сме го викнале, сме го плаќале од наши пари, бил првенец во балетот, ја претставувал Македонија на европски балетски сцени,… Доби две години забрана за влез во Македонија затоа што пет години играл во Македонскиот народен театар. Да играше на шипка во Шипковица можеби имаше шанса да стане и директор. Ако не и пратеник во Собрание.
    Замисли да те викнат во Метрополитен операта во Њујорк да им пееш пет години како главна ѕвезда и после преку ноќ да те депортираат оти не ти бил регулиран престојот. Со таа разика што Метрополитен не е државна институција, а Македонскит балет е државен, а уметникот бил поканет од државен орган како Министерство за култура токму за да ја развива македонската култура.
    Чичијашвили има среќа што е странец, па заврши само со депортација од државата. Замисли да си подобар од другите, а да немаш шанси да те депортираат. Што ќе ти направат? Не знам. Да ги прашаме уметниците што си отидоа од Македонија и немаат намера да се вратат.
    Инаку јасно е дека ова е протерување по европски терк. Со полиција нема зафрканција. Верувам дека сите што ни се шетаат низ државата, а кои се дојдени од Косово имаат регулиран престој. Три дена откако ќе влезат во Македонија се пријавуваат во полиција.

    5 Патем, гледам дека полицијата дава дополнителен придонес кон кампањата на Владата за привлекување странски инвестиции.
    Ќе дојдат инвеститорите во Македонија. Ќе ги истресат парите во новиот инвестициски рај во Европа. И со профитот кој го спечалиле благодарејќи на рамниот данок ќе излезат навечер да се забавуваат. Може ќе си купат карти за фестивал. Или можеби ќе одат во диско. Одвај чекаат да ги слушнат новите песни од “Нота фест”. Или, со возбуда ќе се туркаат да влезат во “Процес”.

    6 Премиерот Груевски се пофали дека одбил поткуп од 3 милиони евра. Во неговиот кабинет рекоа дека “тоа е порака дека се афирмира нов тип политичари, за разлика од досегашните лоши искуства”.
    Кои лоши искуства. Кој премиер во Македонија до сега воопшто прифатил мито? Кој од нив лежел во затвор за тоа.
    Не очекувам од премиерот Груевски да се фали дека не примил поткуп. Очекувам дека веднаш ќе го затвори тој што ќе му понуди. Тогаш веќе може да се пофали.

    7 ВМРО-ДПМНЕ ги нападна претседателот Црвенковски и лидерот на СДСМ Шеќеринска дека кодошеле при нивните средби со официјалните лица на ЕУ и НАТО.
    Ај, нека е и така. Ама, зарем Груевски навистина верува дека ако не добиеме покана за НАТО и не ги почнеме преговорите за ЕУ во 2008, за тоа ќе биде затоа што некој кодошел во Брисел!?

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира