1 Од кога е вест дека претседателот Црвенковски и премиерот Груевски ќе се сретнат? Кој воопшто се среќава тука? Премиерот на една држава во рамките на посетата на друга држава ќе има официјален прием кај претседателот? Или претседателот и премиерот ќе се сретнат на некој самит на шефови на држави и влади и таму неофицијално ќе разменат мислења?
Во која држава медиумите јавуваат дека претседалот и премиерот ќе се сретнат и уште ни кажуваат за што ќе разговараат, а за што нема да разговараат. Демек, прашањето за амбасадорите го затворија, па сега ќе дискутирале за името. Бре, бре… Страшна работа. Сигурно е многу страшна штом и Фуере имаше да изјави нешто по тој повод.
Каде го има тоа? Само во Палестина.
Имаме среќа што Груевски и Црвенковски се уште се среќаваат лично. Може да им текне да си испраќаат емисари што ќе се среќаваат наместо нив. И добро е што се уште се среќаваат дома. Ако тргнат по умот на Палестинците, ќе ги собираат на преговори во некое Осло, или Дубаи.
2 Овие новиве австриски газди на ЕСМ се многу безмилосни. Во Чаир и Арачиново со години не плаќале струја и овие замислете им ја исклучиле струјата. Како да не се од ЕУ и како да не треба да почитуваат човекови права. Така нека одат дома на своите да им гасат кога нема да платат. Ленсо им е кога нам ни продаваат демократија и пазарна логика.
Кога ЕВН реши да го купува ЕСМ требаше да знае дека во оваа држава има 25 отсто граѓани на кои им е дозволено да не плаќаат струја, вода, ѓубретарина, да не издаваат фискални сметки, па дури да немаат купено ни каси. Затоа луѓето од Чаир во заштита на своите човекови права ги блокираа улиците.
Уставот на Македонија уште може да трпи промени. Затоа што рамковниот договор не е библија па да не може да се менува. Тоа ти е процес. Ако треба и со устав ќе се гарантира дека 25 отсто граѓани не треба да плаќаат струја и вода.
Единствената дилема е дали одма да го менуваме уставот, или да чекаме од барикадите во Чаир прво да одат со пушка во планина.
3 Осумгодишно девојче од Тетово шест дена седело дома со мртвата мајка. Никој во училиштето не прашал зошто девојчето не доаѓа на часови.
Социјалните работници сега се правдаат дека имале многу работа. Наставниците како по обичај се потресени и вознемирени. Немале потреба да се јават да прашаат што се случува со детето толку денови. Мајката и била само социјален случај. Да била некоја што дава скапи подароци за осми март сигурно ќе нашле време да се јават.
4 Трезорот на Народна банка се пљачкал поредовно, отколку што се контролирал. Не еден, не два клучара, седум души од 1992 година до сега си земале колку што им требало. Нели тоа има шифри, брави, камери… Нели вообичаено се вели: Го чуваат како трезор на Народна банка.
Кај нас, тоа ти било како самопослуга, само што не мораш да плаќаш. Подигни колку сакаш, ќе вратиш ако те фатат. Ако не те фатат, земи и за мене. И на крај ставија полицја пред трезорите, а таму нема што да чуваат.
Да го гледаш ова на филм ќе мислиш дека те прават будала.
5 Пред Владата и во неа има антички столбови и разни споменици најдени на археолошки локалитети низ Македонија.
Во Италија се наоѓа 80 отсто од светското културно богатство, па никому не му текна да стави скулптури пред Владата. Како да им текне? Тие немаат кому да тераат инает.
Мене лично ич некако не ми стојат античките споменици пред онаа современа зграда. Како да се насадени. Ама кога слушнав дека на Грците и ова им пречи, одеднаш ќе почнат да ми се допаѓаат. Дури и симпатични ми се. Нема да ми кажува комшијата дома како да си украсам. Ако сакам и викиншки брод ќе ставам во фонтаната, па нека се бунат и Скандинавците дека со такви потези не се влегува во НАТО.
Замислете, во грчкиот печат напишале дека со овој потег “сме ги мобилизирале и археолошките откритија со кои располагаме во обид земјата да ја претставиме како основен, ако не и единствен наследник на историјата и културното наследство на античка Македонија”.
Е па сега, спомениците се откриени кај нас. Нека докажат Грците дека не е така.