1 Да сум јас некој жител на Скудриње, или Могорче би се нашол во чудо што ли има да ми каже министерот за надворешни работи, а што навистина го засега мојот живот.
Антонио Милошоски отиде во мавровските и дебарските села оти шефот му порача да згази во калливите улички за да не заборави кој го плаќа и во чие име ги гази теписите на бриселските хотели.
Министерот на селаните им зборувал за НАТО. Ја утнал темата. Подобро да им зборувал за Ната. Или Ката. А кога се осврнал на евроинтеграциите, селаните не се потресле премногу за Уставот на ЕУ и што кажала Ангела Меркел за проширувањето. Луѓето си имаат роднини во Италија и Словенија, ама не можат да добијат виза за да ги посетат.
2 Кога веќе Груевски го пратил Милошоски по селата да води дипломатија и тој може да влезе во нашите чевли и да тргне по виза. Сака да оди во Брисел? Убаво. Прво нека добие покана од Солана и гарантно писмо заверено во полиција дека има доволно простории за да го прими на гости. Така им бараат на луѓето во нашите чевли.
После нека застане во редица за виза пред Холандската амбасада (оти тука нема белгиска) и со купишта документи во рацете да си чека трпеливо да го викнат. Треба да има посебно осигурување, извод од тековната за кредитните картички, повратен билет, М1/М2 образец за постојано вработување, тапија од становите на мајка му, копија од здравствена книшка и сини картони и други документи по потреба…
Соработниците што во кабинетот работат со договор за дело не може да патуваат во делегација. Не се вработени и немаат шанса да добијат виза.
Така е кога се патува во нашите чевли.
Кога премиерот ќе дојде пред амбасадата, нека ги пушти телохранителите да ја блокираат улицата. Ако треба и оро нека заигра, како што им бараа Британците на играорците.
Сака популизам. Ќе добие. Ќе го сликаат за сите светски агенции. И тоа нема да биде срам за него, туку ќе биде срам за ЕУ.
Во исто време Милошоски нека ја почне процедурата за добивање бесплатна бугарска виза. Прво треба да добие писмо од Доста Димовска дека таа ќе му плаќа за јадење и спиење и здравствено осигурување. После да се јави на телефон на “кол центарот” за да закаже после колку месеци ќе застане во ред. Кога ќе се појави пред амбасадата, ќе треба прво да ги пропушти пред него тие што бараат деловни визи, па туристичките агенции, па луѓето од Косово… Така ќе се увери колку Бугарија ги почитува македонските граѓани. Ако не му се допаѓа третмаот, нема гајле. Нека си извади бугарски пасош.
Габриела Коневска ќе оди пред австриската амбасада уште во 4 саат сабајле. Лично ќе осети како изгледа да се интегрираш во Европа. Само по искуството што ќе го доживее поарно е да не дава никакви изјави. Сигурно ќе ни раскаже некоја розова приказна, па сите ќе тргнеме пред австриска амбасада да уживаме.
3 Владата решила да ги подобри условите во затворот во Шутка. Во секоја ќелија ќе стават по еден доктор. Затворениците веќе имаат правна заштита оти со нив има и адвокати и нотари и судии.
Проблем е само ако сакаш некому во затвор да му однесеш цигари. Оти таму има и цариници. Не смееш да внесеш повеќе од една штека. Има и полицајци. Ако треба одма да те казнат. Затворот во Шутка ти е држава во мало. Се има. Фали само уште претседател и премиер.
Додуша фалат и борците за човекови права. Ама тие се оправдано надвор од затвор. Тие се амнестирани. Ги фати хуриетот во 2001.
4 Градоначалникот на Скопје Трифун Костовски рече дека до крајот на оваа година градот може целосно да банкротира.
Што се случува кога еден град ќе банкротира? Ќе одиме сите во стечај? Ќе бидеме банкротирани граѓани?
Ете, затоа премиерот Груевски ги испраќа сите министри по селата. Има резервен план. Кога Скопје ќе падне во стечај, ќе мора некое село да го преземе управувањето со главниот град.