Ова не е грешка. Ова се стари текстови од колумната “Сакам да кажам”. Секоја сличност со актуелните настани е намерна.
Зошто објавувам веќе прочитани текстови?
1. Затоа што извесно време ќе бидам на одмор.
2. За да ве потсетам дека 16 години во Македонија се случуваат истите настани, со истите луѓе и со истите компликации. Додека регионот оди напред, Македонија оди назад.
Дај боже во меѓувреме да се случи нешто различно, или барем поубаво од ова што ни се случуваше до сега.
До гледање до јули.
6 март 1993
Пред божјите порти стоеле Французин, Американец и Русин и плачеле. Поминало Македонче, се сожалило над нивната судбина и ги прашало зошто плачат.
Американецот рекол: А бе, го прашав Господ кога САД ќе станат господари на вселената. Тој ми одговори дека тоа нема да го доживеам.
Французинот рекол: Го прашав Господ кога Европа ќе се обедини, а тој ми рече дека тоа нема да го доживеам.
Русинот рекол: Го прашав Господ кога Русија ќе има стандард како САД, а тој ми одговори дека тоа нема да го доживеам.
Љубопитното Македонче си реколо, ајде и јас нешто да го прашам Го9спод и влегло кај него. Излегол – без плачење. Другиве тројца се зачудиле што станало и пак влегле кај Господ. Кога таму – Господ рида, плаче, солзи не запира. Го прашале: Господе Боже, што ти стана? А тој им рекол: Она Македончето ме праша кога Македонија ќе биде призната? Што да кажам, кога тоа и јас нема да го доживеам.
10 април 1993
Настрана обичната човечка радост и како новинари конечно, по 15 месеци, ќе можеме да здивнеме по прашањето на приемот на Македонија во ООН. Особено кога треба да се направи вест и кога нема вест. Како на пример почетокот на ТВ дневникот од пред некој ден кога ни беше соопштено дека “Советот за безбедност одржа неформална средба на која НЕ СЕ РАЗГЛЕДУВАшЕ нацрт-резолуцијата за прием на Македонија во ООН.
9 април 1994
Покрај трите услови за подигање на ембаргото, Грција го заострува ставот и сега поставува четврт услов. папандреу бара н претседателот Глиготов да си го смени името. наместо Киро да се вика Гиро.
25 април 1998
Зошто Европската комисија расправала за реформите во Македонија пред роденденот на СДСМ. Да биле барем малку попрофесионални, тие ќе го сослушаа говорот на Бранко Црвенковски и немаше да даваат оценки дека ни е потребен натамошен напредок во развојот на прватниот сектор, вклучително промоција на директните странски инвестиции и во банкарскиот сектор. Како можат тие во Брисел да зборуваат така, кога кај нас резултатите покажуваат подем и раст на индустриското производство, на вработеноста, на странските инвестиции… Место да го слушаат претседателот на СДСМ, тие таму слушаат некоја комисија која не дошла тука да види како убаво се живее, или барем да присуствувала на прославата на роденденот.
Претседателот на СДСМ се пофали дека се бележат 30 илјади нови вработувања, ама изгледа не го слушал портпаролот на Владата пред две недели кога рече дека билансот од пред нова година до сега е само шест илјади невработени помалку. Што значи, на 30-те илјади пријавени како ново вработени, од нова година до сега, во заводите има пријавено 24 илјади нови невработени. Само, не вреди роденденската прослава да се расипува со игра на бројки. Башка, можеби опозицијата намерно секој ден пријавува нови невработени и работи против државотворноста на СДСМ.
15 јануари 2000
Зошто опозицијата толку викаше дека Владата на Љубчо Георгиевски ќе нî бугаризира. Џабе се плашат. Овие и да сакаат да нî врзат со Бугарија, Бугарите не нî сакаат. Еве најавија воведување визи, зашто морале да се прилагодат на Шенгенските стандарди на Европската унија.
Колку што ги познаваме Бугарите, тие од пусто подлизурковство сигурно и ќе ни воведат визи, за да им се додворат на Европејците. Впрочем во историјата само тоа и го правеле.
Ако, така ни треба. Да ги почувствуваме веќе еднаш плодовите од позитивната енергија кон соседите.
Туку, да се молиме на Бога Милошевиќ да остане на власт во Србија. Зашто, падне ли Милошевиќ, ќе избегаат од нас и Србите. Си останавме сами на западниот Балкан.
19 февруари 2000
Европската унија í препорачала на новата хрватска влада да го следи примерот на Македонија на нејзиниот пат кон асоцирање и стабилизација. Бидејќи се знае што на ЕУ í е најважно во Македонија, препораката до Хрватска е под итно да почне да увезува Албанци.