МИЛО ЗА ДРАГО

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:46:"КојгоубиЧентовторпат

    1 Ако не сте знаеле, вака изгледа борбата против криминалот и корупцијата. Со прекршување на процедурата и на правото.
    ВМРО-ДПМНЕ има мнозинство во Собранието и без проблем можеше по најрегуларен пат и да му го одземе имунитетот и да одобри притвор за Владо Бучковски или за кој било пратеник. Ако е виновен, судот ќе го осуди, ќе си лежи в затвор и сите ќе бидеме среќни.
    Зошто им требаше ваков циркус преку ноќ, спроти Илинден, за кривично дело што наводно се направило 2001?
    Што сакаа да ни покажат? Дека живееме во правна држава? Или да нѐ исплашат.
    Велат: Процедурата е почитувана, читајте го записникот. Ама ние гледавме што се случува на телевизија. И “Телетабиси” да ти се единствената емисија што си ја гледал, ќе сфатиш дека седницата на Комисијата за мандатно имунитетни прашања е лакрдија.
    Велат: Така беше и за Љубе Бошкоски. Убаво. Па ние лани не ве избравме дека сте исти како СДСМ. Мислевме дека сте подобри. До која година ќе се враќаме наназад? До 1945? Или до 1903? Или до свети апостол Павле кога газел низ Македонија?
    Секој што ќе дојде на власт, одново ја има историската шанса да му овозможи на овој народ да се занимава со просперитет и со светла иднина. Таа шанса лани ја доби и Груевски. И супер му е тоа што се бори против корупцијата. Само треба да реши дали тоа ќе го прави со тоа што ќе направи држава во која ќе владее правото, или држава во која ќе владее стравот.
    Не се плашам што денеска парадираат со луѓе во лисици без разлика на тоа колку им е висок профилот и дали имаат кабает. Ама се плашам од тоа што ќе биде утре кога еднаш кога власта ќе се смени, ќе дојдат други да се борат против корупцијата на ист начин. Со паради, наместо со закон и процедура.
    Се плашам дека перспективата во оваа држава ќе биде само враќање “мило за драго”. Така секој пат кога ќе се смени власта ќе се најде некој да потсети дека за време на војната едни купувале тенкови, а други станови.

    2 Премиерот Никола Груевски од Мечкин Камен порача дека борбата против криминалот и корупцијата ќе продолжи бескомпромисно. И треба да продолжи.
    Тешко ќе му биде ако треба да ги апси сите бивши премиери. Така ќе стигне и до Љубчо. И тогаш ќе треба да се уапси самиот себеси.

    3 ВМРО-ДПМНЕ ја консолидираше СДСМ. Додека претседателката на партијата брани магистерска во Америка, нејзиниот главен ривал стана столб на обединување на партијата. Груевски ги обедини и лутите партиски непријатели на Бучковски. Се сплотија околу лидерот што пред неколку месеци го уриваа.
    Магистрирала лидерката, или не, на СДСМовците веќе им е сеедно. Сега кога пак се обединија, Рада може да искористи прилика. Да остане во Америка и да докторира.

    4 Министрите во имотните листови што ги објави Антикорупциската комисија открија дека давале и заеми. Бидејќи немаат доказ дека зајмиле пари, правниците велат дека тоа може да биде добра финта и солидно објаснување за прилив на пари додека се на функција. Демек, ми го вратија заемот.
    Директорот на Управата за јавни приходи Горан Трајковски вели дека лесно се откриваат фиктивни позајмици. Тој објасни дека проверките се вршат така што се контролираат и заемодавачот и оној што ги зел парите на заем.
    Пари на заем дала и неговата сопруга, вицепремиерката за евроинтеграции Габриела Коневска Трајковска. Така што директорот најлесно ќе ја контролира жена му. Не се знае само дали ќе ја испрашува дома. Или, ќе ѝ закаже состанок на работа.

    5 За одбележување на 50 годишнината од смртта на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ Методија Андонов Ченто направиле плакат на кој му ја избришале петокраката од капата. Борците се бунат, а организаторите во Прилеп велат дека тоа е банално прашање.
    Фотошопот како компјутерска алатка е само современа верзија на една стара практика. Фотографиите ги фризирале уште на времето Гебелс и Сталин. На една фотографија со Сталин каде што биле снимени 15 мина, како што ги убивал со ретуширање станувале сѐ помалку. Биле 12мина, па четворица… Па на крај сам Сталин.
    Да бришеш историски факт од сопствената историја значи да си полош од тие што не ти признаваат ни име, ни народ, ни знаме, ни јазик, а богами, ни граници.
    Најтрагично е тоа што на Ченто петокраката му ја избришале во негово име. Божем, го сториле тоа со најдобра намера, оти бил жртва на комунизмот. И со тоа го навредиле баш Ченто. Тој се борел под тој симбол. Да не сакал петокрака немало ни да ја носи.
    Тоа е исто како на црквата, во нејзино име да ѝ го избришеш крстот. И да се правдаш дека тоа си го направил за нејзино добро.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира