1 Има напредок во односот на власта кон новинарите. За време на завчерашниот бојкот на пресконференцијата на Владата, обезбедувањето не им ги зеде лентите. И ниеден новинар не беше истепан затоа што ја напушти салата.
2 Премиерот Груевски сакаше да се пофали дека на списокот на земји на најголеми реформатори, Македонија е на 4. место. Сигурно со пресконференцијата сакал да ја објасни забуната што се создава со рекламата дека Македонија е “на 4. место во светот”. Има две листи. Едниот е список на топреформатори, на кој има 10 земји. Таму Македонија е на четврто место, а пред неа се Египет, Хрватска и Гана.
Другата листа е список на земји рангирани според можностите за најлесно водење бизнис во светот. На него се 178 земји. На тој список води Сингапур. А Македонија е на 75. место.
Во ТВрекламата бројките се движат од 178 надолу и наместо да запрат на 75, одат до 4. Што значи тоа, комбинирано со текстуалната порака “Македонија на 4. место во светот”. Измешале два списока за да се пофалат. Ако ние сме на четврто место, а пред нас се само Египет, Хрватска и Гана, значи ли тоа дека САД и земјите од ЕУ далеку заостануваат зад нас.
3 Премиерот се пофали дека и на списокот за индекс на корупција Македонија скокнала за 20 места. Груевски ѝ верува на Слаѓана Тасева и на нејзината нова “Транспарентност”.
Јака му е референцијата. Пред една година напишав дека не верувам во организација која тогаш призна дека не водела уредно сметководство, а ми мери индекс на корупција во земјата. Бидејќи во невладината организација, според ревизорските извештаи, не воделе уредно сметководство, не знаеме ни дали плаќале данок и колку скриле. Според Управата за јавни приходи, дури и декларираната антикорупционерка Слаѓана Тасева, која беше директорка на претходната “Транспарентност”, не пријавувала две години персонален данок, иако земала пари за неколку јавни функции што ги извршувала.
Можеби оваа новата “Транспарентност” на Слаѓана уредно води сметководство, а и директорката може почнала да плаќа данок. Затоа нагло сме скокнале на списокот на “Транспарентност”. Само не разбирам зошто баш Груевски со тоа би се фалел.
4 Во Собранието на Македонија се степаа пратеници. Тоа и не е толку страшно. Сме гледале како се тепаат пратеници и во Јапонија, и во Италија, и во Тајван, и во Тајланд… Тоа се земји што не се меѓу првите четири во светот.
Ама скандалот е што кај нас пресметката не заврши во легалните институции. Само три минути по општата тепачката меѓу пратениците од албанските партии, пред Собранието се појавија голораките борци за човекови права. Со пушки и калашникови.
Зошто носат оружје? За секој случај. Може некој да ги викне на свадба, а тие да немаат со што да пукнат од радост.
5 Амбасадорите на САД и на ЕУ Џилијан Миловановиќ и Ерван Фуере ја осудија тепачката. Ама ќе беше поверодостојно ако ги именуваа тепачите. Затоа што се степаа меѓу себе пратениците од албанскиот, а не од македонскиот блок. Нивните вооружени гавази сакаа со пушки да влезат во Собрание и да се бунтуваат за човекови права.
Зошто Миловановиќ и Фуере не беа попрецизни во изјавите? Зашто, на крајот на краиштата, тие ги внесоа во Собрание тепачите од шума, и нивните права секогаш им се приоритетни.
6 Полицијата го фати камерманот на “Алсат” оти снимал на автопат. Ама не успеа да го фати телохранителот на ДУИ што го удри новинарот на А1. Тој си отишол во Танушевци. Избегал на слободна територија.
А пратеничката Силвана Бонева се однесуваше како Албанка на местото на злосторството, кога дава изјава за вести на телевизија. Ништо не видела, ништо не чула и ништо не разбрала.
7 Амбасадорката во Хаг Добринка Тасковска веќе три недели е на консултации во Скопје. А министерот за надворешни работи Антонио Милошоски е на породилно отсуство во Германија.
Ова се случува петнаесет дена пред објавувањето на извештајот на ЕУ за Македонија и во ек на лобирањето за добивање покана за НАТО. При празни амбасади во Велика Британија, Белгија, Данска, Шпанија и во Романија, и Холандија може да почека. Башка ниту една од нив не е во првите четири земји во светот.
8 Според последното истражување на Евробарометар, дури 75 отсто од граѓаните на Македонија сакат да влезат во ЕУ. Никој не направил истражување дали 75 отсто од политичарите работат против влезот во ЕУ.
9 “Министерот за земјоделство Ацо Спасеноски, меѓу другото, истакна дека орањето е една од важните агротехнички мерки.
Оваа вест не е од пред педесет години. Не е ни од Танјуг. Веста е од државната агенција МИА, и тоа од вчерашното отворање на натпреварот на трактористи.
Доказ дека веста е најнова е изјавата на министерот дека орањето е “значајно за подготовка на почвата за едно модерно организирано и квалитетно европско земјоделство”.
Министерот е јак фактор. А не вози трактор.
10 Владата му даде на “Хач”, кој победи на тендерот за ТЕЦ “Неготино”, уште една работна недела да ги собере сите документи од четирите компании што го сочинуваат конзорциумот.
Е тоа е сериозен тендер. Тоа е сериозен конзорциум. Собрале 60 милиони евра за термоцентрала, а не можат да си ги најдат документите за регистрација.
11 Кога би се правел список на топсветски будалаштини, Македонија би била на прво место. И долго време не би ја испуштила титулата.
Од фалење ќе нема место за други реклами на телевизиите.