1 Никогаш не сме биле поблиску до НАТО. На трето место. Така барем му рекла американската амбасадорка во НАТО Викторија Нуланд на претседателот Бранко Црвенковски.
Зошто не ни го кажа тоа на сите јавно? Зошто му шепнала само на Бранко? Мисли дека тој е попаметен од нас и ќе сфати нешто што ние не можеме да сфатиме? Или сакала да му го сврти вниманието, оти се исплашила по најавите од средбите на државниот врв во кабинетот на Црвенковски дека “ќе се испитува лојалноста на Америка кон Македонија”.
Нели на почетокот на неделата премиерот и Претседателот разговарале за предлогот на Нимиц и решиле “да направат напор од прва рака да дознаат дали на новиот предлог на посредникот во преговорите со Грција кумувале САД”. Му се јавија на Буш? И што го прашаа? Дали уште ја признава Македонија со уставно име?
Црвенковски и Груевски не разговараат за ништо, ама побрзаа од ситуација на реален победник, да ни ја претстават Македонија како губитник. Па повторно се пишуваат мејлови за поддршка на името, па државниот врв ќе тргнел во офанзива за одбрана на името, па се сликаат да ни покажат заедништво, а очи не сакаат да си видат, дури и Рада порача дека ќе ја поддржела Владата, а најмногу ни олесна дека и Мендух Тачи не го давал името.
Така, во духот на кохабитацијата, Претседателот и премиерот што не се признаваат ги брифирале македонските новинари дека “ќе се испитуваат позициите на Вашингтон и Брисел по ова прашање”.
Какви позиции? Македонецот не знае да прифати “Да” за одговор. САД ја признаа Република Македонија со уставното име во 2004 година. Над 120 земји на ОН го признаваат уставното име. САД, Русија и Кина се постојани членки на Советот за безбедност на ОН и сите ја признаваат Република Македонија. Во НАТО ги имаме Турција, САД, Бугарија, Словенија, а од неодамна и Канада.
Зошто постојано сакаме за себе да мислиме дека сме губитници, наместо да се гледаме како победници? Зато што тоа нѐ прави среќни? Или затоа што ако не влеземе во НАТО ќе си имаме оправдување. Грција ќе ни биде крива.
2 Официјална Атина вели дека во НАТО може да се влезе само ако земјата кандидат има добрососедски односи. Македонија учи од земјите членки на НАТО како тие ги практицираат добрососедските односи. Како, на пример, Грција и Турција.
3 И во Европската комисија и во НАТО чекаат како ќе заврши приказната за тепачките во Собранието. И едните и другите бараат некаква политичка одговорност.
Викторија Нуланд се покренала со цела екипа во Македонија, дава изјави, шепоти на уво, држи предавања, а овие патриоти што живеат на наша сметка уште се караат кој кого гребнал, кој кого шутнал и кој кому удрил шлаканица.
Лесно ѝ е на Нуланд да дава изјави. Нека дојде малку тука да владее. И нека проба да го смени Рефет Елмази од ДПА. Да ја видам дали ќе зборува за спринт.
Груевски не е атлетичар. Тој е боксер. Ама Елмази не може да го смени ни со нокаут.
4 Полицијата гонеше избегани криминалци од затвор со арсенал оружје како за три војски. Меѓу нив имаше и убијци со демократски прекар од типот “Нацист”. А ДУИ побара веднаш да прекине полициската акција.
Што се тие од ДУИ? Парламентарна партија, или претставници на криминалците во Парламентот?
ДУИ бараше да не се вознемирува населението. Кое население. Тие што никогаш ништо не слушнале, ништо не виделе и не биле таму. Како може некој да те вознемири, ако не си бил таму.
5 Истиот ден и во Грција на Крит имаше рација на полицијата. Цело село беше опседнато и се претресуваше куќа по куќа затоа што наркодилери ден пред тоа убија тројца полицајци.
Дали ОБСЕ отиде таму да патролира “во рамките на редовните набљудувачки активности”. Да проверат да не случајно грчката полиција употребила диспропорционална сила против криминалците.
6 По објавувањето на извештајот на ЕУ, премиерот рече дека за лошите точки е виновна опозицијата. Лидерката на СДСМ Радмила Шеќеринска ја обвини власта дека сме ја загубиле предноста пред Хрватска.
Ако опозицијата е виновна за лошиот извештај, дали ако извештајот беше добар, Груевски ќе речеше дека и опозицијата е заслужна за тоа? Рада е во право дека во времето на Груевски нѐ одмина Хрватска. Ама нека се сети дека во времето на Бранко, нѐ одминаа и Романија и Бугарија. Да не одиме до Словачка, Чешка, Полска и Унгарија. Во чие време беше тоа?
7 Не му е лесно и на Оли Рен. Сигурно не смее со таков потсмешлив тон да им се обраќа на своите граѓани во Финска. Одвај дочека шанса да се прави вицкаст на Македонија.