1 Владата се жали дека не може да ги истурка законите за ЕУ и за НАТО оти им се блокирани во Собранието. А кој им ги избра пратениците? Ние да не ги избравме. Ние само ги гласавме тие што како кандидати беа избрани за да мислат како што ќе им каже партиската централа. Така што премиерот Груевски нека не се жали на несовесните пратеници. Тој си ги избра.
Монолитната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ се подели. Се скарале скопското и провинциското крило. Силвана Бонева малку претерала, па решиле да ја зауздаат граѓаните од типот на Трајко Вељановски. Кога стаса Трајко да биде градско крило, тешко на ВМРО-ДПМНЕ. Исто како што на времето во СДСМ “граџаните” од типот на Фрчкоски се караа со селаните од страната на Бузлевски, Илоски и Ханџиски.
Граѓаните и селаните на владејачката партија не се скараа за некој закон или за идеја. Се скараа за парите од патните трошоци. Го бојкотираа Собранието затоа што службите одбиле да им платат за нешто што не потрошиле. Не приложувале фискални сметки од патарините за да докажат дека биле на пат. Се побунија зошто не им се плаќа тоа што не требало да им се плаќа.
Оди пробај во приватна фирма да добиеш дневница и да ти признаат патен трошок без да донесеш фискална сметка. Тоа за пратениците не важело. Зашто не трошат пари на газдата. Трошат наши пари. А ние, како што сме глупави, не им бараме отчет.
2 За да добијат повеќе пари, пратениците измислувале фиктивни патувања. Затоа и имаме такво Собрание. Нивната пратеничка функција и одговорност е фиктивна. Фактички им се само парите.
За користење приватно возило за службени цели се плаќа и персонален данок. Додуша, рамен е, ама мора да се пријави дополнителниот приход. Баш ме интересира дали Управата за јавни приходи ќе им бара и на пратениците да пријават дополнителен приход. Оти на тоа се плаќа персонален данок.
Петнаесет години ги гонат уличните пазарџии и ситни трговци, нѐ тераат да бараме фискални сметки, а никој не се осмелил да им побара сметка на пратениците што ги носат законите.
Следниот пат пратениците нека одат со автобус. Или уште подобро, со воз. Така нема да мораат да приложат сметки од патарина. И ќе почувствуваат како се возат нивните гласачи. Кога патуваат со авион, нека не се кријат во ВИП салонот на Скопскиот аеродром. Прво, затоа што тоа чини 50 евра по патник, а тие пари се наши, и второ, нека видат како патуваме и ние, па белки ќе им текне некој закон што не им го наложила партијата.
Доста веќе ни се прават дека тие се големи патриоти. Толку големи што се спремни дури и да умрат за државата. Не мора да умираат. Нека докажат дека се подготвени да живеат за државата. Нека почнат веќе еднаш да плаќаат и нека не крадат. Ние што не сме патриоти си ги плаќаме и даноците и патарините. И нивните плати.
3 Зошто директорот на Јавното претпријатие што ги контролира патарините прима плата? Зошто воопшто дозволил во неговата фирма за само 4 месеци да се украдат 5 милиони евра?
Во која нормална фирма директорот си седи во канцеларија, далеку од вработените, знае дека крадат, а тој не организира контрола туку вика полиција да му ги фати крадците?
Зошто, покрај инкасаторите, не е приведен и директорот? Или барем не е сменет. Затоа што тој е незаменлив оти е поставен од партијата. И нема ингеренции оти вработените се партиски војници, примени по заслуга или по национален клуч. Тие се директори само за организирање тендери. И, евентуално, ако имаат свои фирми да обезбедат тие да победат на тендерот. За друго викаат полиција. За да прават чалам дека нешто работат.
4 Македонската офанзива за прием во НАТО и за одбрана на името почна. И тоа многу агресивно. На највисоко ниво. Претседателот Бранко Црвенковски отиде за Белград. Оти Србија има големо искуство со НАТО.
Веќе не е вест дека Бранко се сретнал со Борис Тадиќ. Ќе биде вест кога Бранко нема да се сретне со Тадиќ.
5 Пред да тргне во офанзива, Бранко организираше некакви политички дијалози. Седеше со Радмила Шеќеринска и Јово Манасијевски и правеа трибина за ЕУ и за НАТО.
Што ли дијалог воделе Бранко и Рада. Што можеле да си кажат еден на друг на јавна трибина, а што не си кажале насамо.
6 Лидерот на ДПА Мендух Тачи му порача на евроамбасадорот Ерван Фуере да не се крие во кукавичини гнезда.
Можел да го однесе на Шара. Да го пикне во митралеско гнездо.