1 Знаете ли што се најновите приметри за македонскиот парадокс?
Голем скопски газда живее и работи во дивоградба, не плаќа комуналии, а се жали на дупките во улиците и расфрланото ѓубре од контејнерите.
Позната скопска менаџерка не плаќа даноци, а се фали дека хранела илјадници социјалци.
Ако големиот газда плател комуналии, може и на улиците ќе немало дупки, оти Градот ќе имал пари да ги асфалтира. Ако познатата менаџерка плаќала данок, може немало ни да има потреба таа да биде хуманитарка. Социјалците ќе си плаќа државата. Би имала пари во буџетот.
Во приказнава не ги споменувам слободните територии на Север и на Запад, оти за нив многу сум пишувал. Таму ни струја не плаќаат, а камо ли даноци, а се главни упоришта на борците за човекови права.
Во парадоксалната Македонија граѓаните паѓаат на емоции и ги обвинуваат новинарите зошто прашуваат дали некој платил данок.
Е па ајде да не прашуваме. Ама затоа сите среќни ќе си се лекуваме во болници затворени поради бактерии и ќе учиме во школи што се запалуваат од прастара инсталација.
Кој вика дека треба да се помириме со животот во кој нашиот избор се или неспособни политичари, или газди што сакаат да станат политичари и да ја водат државата што ја крадат?
2 Собранието за 15 минути донесе три закони кои не можеше да ги донесе годинаипол. Законите се важни за поканата за НАТО, ама требаше да ги собере американската амбасадорка Џилијан Миловановиќ да им објасни како на мали деца, или да им се закани.
Сега треба да усвојат уште некои закони. Дај нека не внесат во НАТО, па после ако сакаат очите нека си ги извадат. Кога веќе еднаш ќе бидеме во НАТО и политичарите ќе се чувствуваат посилни. Ќе имаат ракети. Па, ако се тепаат, нека се тепаат со современо оружје.
3 Вчера беше објавено дека Турчинот Мухтар Кент станал главен извршен директор на Кока Кола.
Турчин може да биде директор на Кока Кола, ама не може да биде член на Судскиот совет. Лесно му е на тој Мухтар во Америка да стане директор во Кока Кола. Бранко не мора да го предложи, а ВМРО-ДПМНЕ не треба да го гласа. Плус, не е тој услов за АМерика да влезе во НАТО.
4 Од 21 декември Словенија и Унгарија влегуваат во Шенген зоната, но Хрватите во Словенија, Унгарија и Италија и натаму ќе влегуваат само со лични карти. Оние пак што живеат во граничната зона до три километри во ЕУ ќе влегуваат на 124 специјални премини.
Грција е во Шенген зоната уште од самиот почеток, но за македонските граѓани не важи регуларната Шенген виза.
За патување кон Бугарија, полесно ќе извадиш бугарски пасош, отколку бугарска виза.
За влез во Албанија уште важат дискриминирачките 10 евра аванта за македонски граѓани кои не се Албанци.
За разлика од Хрватите, за Македонците од јануари ќе важи визно олеснување. Какви ни се соседите, такво ни е и олеснувањето.
5 Русија испрати дипломатска нота до МНР затоа што градоначалникот на Скопје Трифун Костовски им го одзел паркинг просторот пред амбасадата.
Сега Македонија има територијален спор со Русија. Уште и ако влеземе во НАТО, ете ти нова студена војна. Кој им е виновен кога и тие не се во јато за НАТО.
6 На претседателот Бранко Црвенковски во Кина му отпечатиле марка со неговиот лик. Кинезите не знаат дека ќе имаат проблем со лепењето на марката.
Да ве потсетам на еден виц. Македонски пошти отпечатиле марка со ликот на Бранко. Арно ама, марката не се лепела. Викнале експерти од ЕУ, посматрачи од ОБСЕ, инструктори од НАТО да го проверат лепилото. Истражувале, истражувале и донеле заклучок. Лепилото било одлично. Луѓето плукале од погрешната страна.