НОЌНИ ПТИЦИ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:74:"Цветаатилјадицветови,атезгитепразни

    1. Пратениците на Собранието на Македонија станаа ноќни птици. Двата значајни закона – за локалните избори и за територијалната поделба, ги донесоа доцна во ноќта. Веднаш беа обвинети дека прават нешто тајно, затоа што ноќта е вистинско време за правење тајни работи. Уште им беше кажано дека добро се знае кој работи ноќе. Ноќта е создадена за спиење и пиење, а не за носење важни закони. Особено што во расправата за Законот за територијална поделба опози­цијата ја обвини Владата дека се пазарела за територијата на западна Македонија. Се знае кој се пазари ноќе.
    Овие обвинувања немаат никаква врска. Пратениците, едноставно, брзаа да ги донесат законите, за да можат што поскоро да бидат распишани локалните избори. Инаку, тие си почнале нормално со работа. Во меѓувреме ги стемнило. Што и не е толку лошо. Подобро да ги стемни нив сто и дваесетина, отколку нас два милиона.

    2. За време на расправата за Законот за територијална поделба слушнавме многу интересни предлози според кои критериуми да се формира општина. Пратеникот Газменд Ајдерага, образложувајќи зошто се залага општината Ростуше да се припои кон Дебар, појасни дека ако се пуштат коњите, тие нема да одат за Галичник, туку за Дебар. Спротивно мислење имаше пратеникот и пот­прет­седателот на Собранието, Благоја Филиповски. Тој рече: “Пушти ги коњите, постојано ќе одат во Ростуше и Галичник. Ни еден коњ не би отишол за Дебар”.
    Значи коњите отсекогаш знаеле на која општина припаѓаат. А магарињата? Кога се зборува за Македонија, не треба да се земаат предвид движењата на коњите. Карактеристично животно за оваа држава, а особено за планинските предели на западна Македонија, е магарето. Затоа и не треба општините да се прават според движењата на коњите. Туку, според магарињата.

    3. Што се однесува до локалните избори, ќе биде применет посовремен метод. Ќе го следиме движењето на авионите. Ако одат кон Охрид, наместо кон Скопје, значи почнала предизборната кампања.
    Дирекцијата за цивилна воздушна пловидба најави затворање на скопскиот аеродром поради реконструкција на пистата за 1 септември. Потоа затворањето го одложи за 24 септември. Потоа ја промени одлуката и го најави за 4 септември. Во меѓувреме дојде најава за 10, па за 19 септември. Претседателот на управниот одбор на аеродромското претпријатие Илија Иловски соопшти дека аеродромот ќе биде затворен на 23 септември. Меѓутоа, Министерството за сообраќај утредента го демантира и “цврсто” застана зад одлуката датумот на затворање да биде 19 септември.
    Нека побрза претседателот на Собранието, Тито Петковски, со распишува­ње­то на локални избори. Белки тогаш во воздухопловната дирекција конечно ќе го определат датумот за затворање на скопскиот аеродром. Пред секои избори мора да се организира некаква работна акција. Пред минатите парламентарни избори громогласно почна изградбата на пругата кон Бугарија и на патот за Прилеп преку Бабуна. Белки со локалните избори ќе почне и реконструкцијата на пистата.
    Во меѓувреме, се надевам, и Американците ќе ја направат својата редовна ротација на војниците во составот на УНПРЕДЕП. Ако тоа беше една од причините за одлагањето на затворањето на аеродромот  за која господинот Илоски не сакаше посебно да елаборира.

    4.  “Ало, ало!” Профункционира мобилната телефонија. По повод празникот 8 Септември, првиот мобителски разговор го направи премиерот Бранко Црвен­ковски. Само што, наместо да направи контакт со иднината, премиерот направи контакт со минатото.
    Тие денови како да се врати времето во кое премиерот носеше црвена шамија околу вратот. Коментаторот на државната телевизија, по чијшто глас како деца препознававме дали се работи за одбележување на 29 ноември или двојниот јубилеј на другарот Тито, на директниот пренос од свечената академија во МНТ ни рече дека “со нетрпение очекуваме што ќе каже претседателот на Републиката Киро Глигоров”. Имаше и аеромитинг на силната стопанска авијација на Македонија, насекаде се отвораа чешми, водоводи…
    Накусо, во Македонија по повод празникот цветаа илјада цветови. Затоа и министерот за урбанизам Јорго Шундовски во Скопје го отвори цветниот пазар. На телевизијата видовме неколку куќички, без цвеќе и без продавачки на цвеќе. Таа слика сепак не се вклопи во рамките на славеничката атмосфера. Цветаат илјада цветови, а тезгите – празни.

    5. Кон прославата свој придонес даде и претседателот на Германија Роман Херцог. Во понеделникот, последниот ден од продолжениот празничен викенд, германскиот претседател беше најзаслужен за добрата забава на младите скопјани. Сите полицајци претпладнето беа зафатени со обезбедувањето на зна­чајниот гостин, така што вечерта немаше кој да ги затвори кафулињата и баровите низ главниот град. Скопје повторно заживеа по полноќ, како во добрите времиња од пред летово, кога полицијата немаше задача да прави фајронт. Сабајлето не бев на пазар, ама претпоставувам дека и таму немало полицајци да ги бркаат ситните препродавачи на дребулии од тротоарите.
    Да се надеваме дека во иднина ќе имаме повеќе вакви високи гости. Да не мислиме дека полицијата забележува завидни резултати само во бркањето шверцери по пазарите и во затворањето на кафеаните.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира