1 Пред некој ден ги препрочитував сите “Сакам да кажам” од 2007 година за да ја направам редовната ретроспектива. И знаете што открив? Цела година сум пишувал само за една работа. За караниците на премиерот со претседателот Црвенковски и со ДУИ. Од јануари, па сѐ до оваа последна колумна бројам колку пати се зајале со изјави Груевски и Црвенковски, колку пати го молеле Ахмети да се врати на дијалог, колку пати амбасадорите на САД и на ЕУ Џилијан Миловановиќ и Ерван Фуере повториле дека лидерите треба да се фатат за работа. Се караа за амбасадори, за празници, за борци на ОНА, за судии, за обвинители, за тоа кој каде ќе се појави, чиј празник ќе се слави и кого МТВ директно ќе го пренесува…
И на крај се смирија. На две собраниски седници ги донесоа сите закони што ги маткаа цела година.
Што компромис направи премиерот, што не можеше да го договори во старт? Или сакал да се кара цела година за на крај да поентира дека попаметниот попушта? Како вицот со кокошката која им се пофалила на колешките дека ќе му сврти уште еден круг на петелот, за да не мисли дека лесно дава.
2. Имам една молба до министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска. Нека ги ослободи полицајците од обврската да го чуваат редот. Ај што демолираат дискотеки, ај што си ги убиваат љубовниците и девојките, ај што пукаат во кафеани, ај што тепаат на улици, туку почнаа и меѓу себе да се убиваат.
Кога се мери криминалот, треба да има две статистики. Криминал на граѓани и криминал на полицајци. Па да видиме кој е помирен.
Еден силеџија во тепачка во кафеана се качил на масата и му рекол на газдата: “Не секирај се, ние сме од полиција”. Не му било јасно дека газдата баш за тоа се секирал. Оти, ако била обична кафеанска тепачка ќе завршела со тупаници и боксови. Ама овие бидејќи се од полиција, тепачката завршува со жртви.
Што им значи тоа: “Не секирај се, ние сме од полиција”. Тоа им е гаранција дека нема ништо да им биде. Нема да изгубат работа, туку ќе поминат само со укор.
3 Со реформите на МВР уште пред две години било предвидено вработување на осум психијатри, ама немало пари и уште не ги примиле. Во МВР велат дека “ситуацијата е зрела за решавање”. Не да е зрела. Зар треба да чекаме утре, не дај боже, да пукаат и по школи и градинки ако мислат дека учителките им ги мразат децата.
Во тек е заедничка кампања на МВР и УНДП “Радувај му се на животот без оружје”. Од плакатите ни порачуваат: “Смени ги животните навики, ми здодеа да бидам мета”.
Оваа кампања е наменета само за граѓаните. За потребите на полицајците слоганот треба да биде: Смени ги животните навики. Откако ќе си ги измиеш забите наутро, испукај еден шаржер во воздух. Испукај се навреме, за да не ти дојде да пукаш подоцна. Не знаеш кој ќе ти пресече пат на семафор.
4 Приватните македонски телевизии и кабелските оператори почнаа војна. Им пречи затоа што во Македонија многу се гледаат хрватската државна ХТВ и приватната ТВ “Нова”.
Во тек е кампањата на Владата “Знаењето е сила, знаењето е моќ”. Нека ни ги укинат странските телевизии. Така ќе можеме да учиме од вестите на Велија, на Ѕинго и на Стојменов.
5 Од пред два дена, за инает на ТВ “Нова”, ми ја укинаа А1 Телевизија. Штета. Не можам да го гледам квизот “Милионер”. Таму може многу да се научи.
Македонското издание на “Милионер” е најсоодветното место за рекламирање на спотовите од кампањата на Владата “Знаењето е сила, знаењето е моќ”.
Не знам само дали Владата сака да рекламира во хумористична емисија.
6 На новогодишниот собир на Стопанската комора на еден бизнисмен му се слоши и падна. Место да направат место да дише и да викнат доктор, бизнисмените по столчиња се качуваа за да видат што се случува, а премиерот и министрите го обиколија човекот и загрижено го гледаа за морална поддршка.
Тоа е вистинска македонска бизнис клима. Наместо да преземат акција, да викнат брза помош и да му помогнат на човекот, тие го обиколија да не може да дише и гледаа сеир.
7 Мојот двегодишен син ме изненади кога ми рече дека “Дедо Мраз е човек”.
Го прашав: “Од каде знаеш?”.
“Па пуши!”, ми одговори човечето.
И како сега јас да го лажам син ми? Го видел на Плоштад Дедо Мраз со цигара во уста.
Оваа година градоначалникот на Скопје Трифун Костовски прв пат најави само три лиценци за Дедо Мраз на Плоштадот Македонија. Освен условот да има фискална каса, дали лиценцата предвидува Дедо Мраз да не пуши на јавно место.
Се надевам дека не пие пиво од шише.