1 Добро што дојде финскиот министер за надворешни работи во Скопје да ни каже дека Шенген визите ќе поскапат. Оти ако ја слушавме само Илинка се уште ќе мислевме дека таа сериозно работи на либерализација на визниот режим. А и дека на тие на кои им се обраќа додека патува многу сериозно ја сфаќаат.
Сега патување во ЕУ, уште пред да тргнеш од дома ќе те чини 60 евра. Четиричлено семејство уште пред да ги спакува куферите за Грција ќе плати 240 евра. Тоа е малку повеќе од просечна македонска плата.
Сега знам што сакала да ни каже Илинка кога зборувала за визно ослеснување. Ќе си донесеш одлука да не патуваш во странство и ќе ти олесни.
Таа ќе може да ја продолжи приказната за размена на луѓе, стока, идеи и културни вредности со Европската унија. Само што ние нема да одиме никаде. Кај нас ќе доаѓаат разни олеснувачи, па и оние на визниот режим. Ќе не гледаат и ќе ни се чудат.
2 Зголемувањето на цената на Шенген визите било затоа што земјите од ЕУ воведуваат биометриски пасоши. Тие се скапи и некој треба да ги плати. Ние ќе ги финансираме и нашите и европските пасоши.
Ако во Македонија годишно се издаваат 30.000 шенген визи, по 60 евра ќе се соберат 1.800.000 евра. Ние ќе им ги дадеме парите, а тие после ќе ни даваат грантови. Секои 60 евра за виза ќе се вратат во Македонија како пристапни фондови за ЕУ. Ние ќе ги платиме по амбасадите, а парите тука ќе ни ги дели Рада.
Зошто не ја упростиме процедурата? Да го скратиме патот на парите. Нека застане Рада со касичка пред амбасадите и таа нека ги собира еврата. После не мора ни да ги дели.
3 Естонија вети бесплатни визи за Македонците. Естонска бесплатна виза се вади во Варшава, Полска. За таму треба полска виза. За да се стигне до Полска треба да се мине Унгарија. За таму треба унгарска виза.
И Бугарија ќе мора да воведе визи од 2007. Не молат да ни ги даваат бесплатно. Ама МНР не им одговара на молбите оти бугарските визи уште не им се приоритет. Таму приоритет им е олеснувањето.
4 Српската држава призна дека ја финансирала црквата на Вранишковски што работи против Македонската православна црква. Во Македонија власта се згрози и се изненади. Бранко рече дека тоа е мешање во внатрешните работи на државата. Во која држава? Во онаа во која власта нема контрола на сметките и не знае од каде влегуваат пари. И што направи државата Македонија за да се заштити од тоа? Даде нота.
Нека прашаат во Америка. Што би се случило кога Саудиска Арабија самата би се пофалила дека спонзорира некоја нелегална муслиманска заедница во САД? Буш ќе даде изјава. Америка сигурно ќе даде и нота. Ама ќе им ги блокира и сметките.
Тоа е љубезното сценарио…
5 Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски се пожали од СДСМ дека кај неговата мајка е “придодаден имот”. На мајка му и придодале станови додека тој бил министер.
Кога како министер за финансии на мама и придодавале станови, што ли ќе и придодадат кога Груевски ќе стане премиер.
6 Многу ми се допаѓа идејата на градоначалникот на Скопје Трифун Костовски да прави метро. Тој се помирил со реалноста. Со такво подземје на Скопје му треба метро.
7 Болниот на кој за време на дијализа во болницата му падна таванот врз глава повторно е повреден. Овој пат во болничко возило. Немало седишта и болните ги товарат како компири. Возилото закочило и човекот си ја повредел главата и веќе скршената рака и ребрата. И друга пациентка си ја повредила главата. Во возилата немало место па пациентите лежеле еден врз друг.
Ваков црн хумор и на филм тешко е убедлив. А ние го гледаме на вести. И го живееме.
Во Македонија не е толку опасно да си болен, колку што е опасно ова здравство да те лекува.
8 Во ваква несериозна држава сериозни се само карневалите. Последниот беше во Струмица. Сите беа маскирани. Беше и Бранко Црвенковски. Маскиран како државник.