НОВ МЕТОД

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:259:"АкоможедабидесменетанаставничказатоаштосеомажилазаТурчин,зоштоданејасменимеминистеркатааконемиседопаѓанејзинатафризура

    1. Ме учеа дека според некои стари новинарски правила текстот треба да го почнам ем со најактуелното ем со тоа што има најголема политичка тежина. Размислувајќи на таа тема, дојдов до заклучок дека треба да кажам нешто за локалните избори што се пред нас. А што да кажеш ново? Истите лидери, истите варијанти за коалиции, истата државна комисија, истите проблеми со избирачките списоци…
    Бидејќи се најдов пред тешка задача, решив да се откажам од старите правила. Ќе го испробам новиот метод на цитирање. Во изминативе пет години неколку пати сум пишувал за избори, за партиите и нивните лидери. Зошто едноставно да не цитирам четириесет точки од текстовите што сум ги објавувал во минатото. Притоа, според новиот метод, нема да споменам од каде сум ги земал цитатите. Ако некому тоа му е важно, ќе организирам научна расправа.

    2. На расправата не би било лошо да се појави ректорот на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј”, проф. д-р Радмила Кипријанова. Во жестоката битка околу изборот на нов ректор се појави и аферата дека професорката Кипријанова направила плагијат, со тоа што препишала околу 40 точки од научен труд на еден бугарски и еден руски  автор. Ректорката најави научна расправа за нејзиниот труд и веднаш отпатува за Софија за да се сретне со професорот Јанко Арсов. Од таа софиска научна расправа очи в очи добивме изјава на проф. Кипријанова: “Книгата на доц. д-р Ф. Новик и д-р Јанко Арсов е наведена во трудот “Експери­ментален дизајн и анализа” по нов метод на цитирање, меѓу делата што се посо­чени како литература што се препорачува за продлабочување на знаењата од областа за која јас пишувам”. И бугарскиот научник Арсов, по софиската средба со проф. Кипријанова, потпиша изјава: “По изјавата на д-р Кипријанова дека нашиот труд е вреднуван дури повисоко и од наведената основна литература во нејзината книга (според нов метод на цитирање) и може да се смета за повеќе од основна литература, сметам дека меѓу нас спор за авторство не постои”. Оста­ну­ва нејасно дали и бугарскиот професор сфатил што се подразбира под нов метод кога завчера за  телевизијата”А1″ изјави: “Цврсто сум убеден дека при евентуа­лното следно преиздавање на научниот труд таа ќе ме цитира коректно според меѓународните стандарди”.
    Во Софија можеби бил пронајден нов маркетиншки метод како да се зголеми интересот за книгата на д-р Кипријанова. Сега сите ќе го купат делото за да видат што е тоа нов метод на цитирање. Тиражот брзо ќе се потроши, па книгата ќе мора да биде преиздадена. Само што тогаш, како што се обврзала ректорката, ќе мора да го наведе делото од коешто вршела цитирање. А тоа веќе не е нов метод.

    3. На сцена стапуваат студентите. Раководството на Сојузот на студентите ќе му ја даде поддршката за избор на нов ректор на противкандидатот на д-р Кипријанова, проф. д-р Методи Симоновски. Потоа се јавуваат неколку студент­ски организации од различни факултети кои не се согласуваат со претседателот на Сојузот,  Тони Мирчевски, и изјавуваат дека тие не му дале овластување на раководството да го поддржи професорот Симоновски. Во игра влегуваат и подмладоците на трите најбројни опозициони партии кои го обвинија Сојузот на студентите дека е владина организација. Потврда за тоа се автомобилот “алфа ромео”, подарок од Владата, деловниот простор во зградата на “Унија” пред Студентскиот дом “Кузман Јосифовски-Питу” во Скопје, пејџерите на членовите на раководството, службените патувања во странство на име на студентска соработка…
    Приказната околу изборот на нов ректор на Скопскиот универзитет се вклопува во приказните за автономија на универзитетот. Автономно дејствување на партиите, на Владата… Додека едниот кандидат ја запознава јавноста со новиот метод на цитирање, политичарите ќе го изберат ректорот според старите, добро испробани методи.

    4. Родителите на учениците од основното училиште во кумановското село Романовце ги тераат своите деца да не одат на настава, затоа што нивната настав­ничка била омажена за Турчин, па според тоа не ги воспитувала во христијански дух.
    Има ли во оваа држава закон кој ќе ги казни родителите што не ги пуштаат своите деца во основно училиште? Зошто Министерството за образование воопшто не прифаќа разговор на оваа тема? Премногу е тежок зборот што би го употребил по овој повод за да му дадам вистинско име на тоа што се случува во Романовце. Нека го погодува министерката Софија Тодорова, која, веројатно, добро размислила дали ќе ја заштити наставничката што во досегашното работење како просветен работник имала позитивни оценки, или родителите кои не ги даваат своите деца на наставнички со сомнителна вероисповед? Доколку прифати разговор со нив, утре ќе треба да се разбере и со родителите коишто ќе се жалат дека наставничката ги плаши децата, бидејќи е лошо нашминкана, има дебели нозе и крив нос.
    За жал, наместо родителите да платат казна, казнета ќе биде наставничката што си одбрала маж од друга вероисповед. Доаѓаат избори, не ни требаат локални проблеми, уште и меѓунационални, па најлесно е наставничката да ја прераспре­делат да работи со други  ученици.
    Ако тоа се случи, ветувам дека на ова место јавно ќе побарам оставка од министерката  Тодорова. Скандалот во Романовце не мора да биде аргумент. Ќе употребам аргументи слични на родителите-заштитници на христијанството. Не ми се допаѓа фризурата на министерката. Плус ми пречи нејзиниот глас.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира