1 Сите се изненадени од нивото на расправата на кандидатите за пратеници. Ај што се изненадени, туку се и згрозени. После 15 години изборни кампања сега ги откриваат дека биле палјачовци. И немале за кого да гласаат. Туф, туф, туф… Небаре имињата на листите се нови.
Туку дај нека почне Светското првенство да не куртули. Тоа е единствената вистинска конкуренција на здодевните и глупави изборни кампањи и предизборни мисии.
Среќа што фудбалот ќе се дава само на МТВ. Да одеше по приватните телевизии Стојменов и Ѕинго сигурно ќе ги коментираа натпреварите, а Велија на трактор ќе истрчуваше место реприза на головите.
Вака, на МТВ ќе и остане само со кајрон да не потсеќа дека имаме изборна кампања. Преродба во 100 чекори. Македонија напред, не назад, Иднина наместо судбина. Силно и чесно.
Какви им се слоганите, можеме да ги предвидиме какви ќе ни бидат следните четири години. Исти како претходните 15. За татковината со Тито – напред во 100 чекори.
2 Не му е лесно на албанското гласачко тело. Минатата недела граѓаните протестираа низ Чаир со мотото: “Не” за оружјето!
Оваа недела на пратеничка листа добија браќа по оружје. Агим Красниќи и Командант Лека. Излегува дека полесно е да му се каже “Не” на оружјето, отколку на нив. Затоа што се силни. Користат оружје.
Министерот за внатрешни работи Љубомир Михајловски – Џанго неодамна изјави дека полицијата не го апси Лека затоа што уште не се создадени услови за тоа. Ќе го чека да стане пратеник. Ќе го апси пред благајна. Кога ќе дојде да си ја подигне пратеничката дневница.
Агим Красниќи и да не стане пратеник, може да биде министер. Кога можеше Садула Дураку, како командант Вентиљи од Липково да стане министер за земјоделие затоа што го држеше Кумканово три месеци без вода, Красниќи е печен за министер за одбрана. Затоа што ги знае стратешките точки за напад на Скопје по НАТО стандарди. Дури и ако дојде и до реконструкција, Красниќи ќе се спаси. Го бива и за министер за правда. Затоа што успешно ја избегнува правдата.
3 Красниќи е болен и не доаѓа на рочишта во скопскиот суд. Судот не може да го осуди Красниќи во отсуство. Истиот суд можеше во отсуство, во скратена постапка да осуди новинарка на ВЕСТ на четири месеци затвор условно.
Па можеше. Нашата новинарка не живее во Кондово. Не носи оружје. И не е на пратеничка листа.
4 Изборите можеби и ќе бидат чиста петка. Затоа што така бараат странците.
Ама затоа пак предизборието ни е хаос и анархија. Се распродава државно земјиште за џабе, се градат дивоградби, инспекцијата не поминува и не казнува, се вработува на големо во државна администрација, се трошат државни пари за партиски промоции, на кафеанџиите не им текнало на летните тераси да им дигнат и поткровје… дозволено. Во предизборието во Македонија важи само законот за врзување ремени и возење со запалени светла. Друго се е дозволено. Да им дадеме на силувачите да не силуваат на улица, на бандидите да не убиваат и на “алфите” на Џанго да не бранат со тепање. И тие се гласачко тело. И нив некој мора да им се додвори.
5 Премиерот е циничен оптимист. “Проширувањето на ЕУ е проблем на Европа, а не наш”, вели тој по повод одлуката на земјите на ЕУ да го запрат привремено процесот на проширување. Бучко објаснува дека Македонија со своите успеси ќе ги примора пријателите во Брисел да го прекинат одморот од проширувањето.
Чувај се Европо. Нема да можеш да и оддолееш на Македонија. Толку ќе бидеме успешни што ќе те замориме.
6 Градоначалникот на Ресен Димитар Бузлевски ќе прави хотелски комплекс во Отешево. Ќе дојдат Португалци, ќе платат 60 денари за квадрат земјиште покрај Преспанското езеро и ќе изградат хотел со 6 ѕвездички.
Бузлевски продолжува да “овулира”. Сите имаат хотели со пет ѕвездички, а тој ќе има шест. Шестата ќе ја добие кога “и сонцето ќе стане ѕвезда”.