1 Си купив нов фрижидер. Се надевам дека Бучко ќе најде време да дојде свечено да го отвори. Нема смисла при толку активности пред изборите сам да отворам фрижидер и тоа да остане незабележано како достигнување на СДСМ и значаен чекор во евроатлантските интеграции.
Фрижидерот е барем конкретен предмет. Не е фаза како што е лопатата за втората фаза во изградбата на “Матка”. И не е проект за хотел за шест ѕвездички, како хотелите во Отешево што ќе се отворат во 2010. Ова човече, го имаш во кујна, постои. Ја поминало фазата на ветување. Купен е… Лади, внатре свети, троши струја… Само треба да се отвори вратата и да се наполни.
2 Анџак сум го купил, ќе морам да го наполнам. Како што Владата мора да обезбеди услови за фер и демократски избори , така и јас ќе мора да го полнам фрижидерот. Тоа ќе биде првиот од 100-те чекори со кои Македонија ќе оди напред, а не назад. Уф… Ги измешав слоганите.
Кога од странство веќе ептен јасно ни кажуваат дека изборите мора да бидат за чиста петка и 110 отсто фер и демократски, тие и ќе бидат такви. Ама кампањата уште пред почетокот се покажа дека ќе биде ниска. Темите се истите, извртени се по сто пати, а богами и луѓето. Ги сменија боите и веќе нема што да сменат. Дури и со закон си дадоа шанса и кога се избрани во Собрание, за пари легално да можат да сменат партија. Така што – тие се луѓето, тие се темите. Како подгреана сарма.
Тоа можеби и не е толку лошо. Ние како гласачи ќе имаме можност комплетно да ги демистифицираме. И да не сме ги запознале последниве 15 години, сега ќе ги запознаеме. Па со себап можеби со овие избори ќе излеземе од транзиција и 2010 ќе добиеме нови лица.
3 Одвај ја чекам 2010 година. За да ги пречекам првите туристи во новите хотели во Отешево. Премиерот на промоцијата на проектот за туристичкиот комплекс се сеќаваше на Кулата на разделбите во Лисабон, од каде што тргнувале Васко де Гама и португалските морепловци.
Кога Васко де Гама откривал нови краишта Португалците биле колонизатори. Сега ние им плаќаме за да не колонизираат. Им го дадовме брегот на Преспа за евро квадрат.
Новиот Васко де Гама го откри Отешево. Стигна кај градоначалникот на Ресен Димитар Бузлевски. Тој во знак на благодарност и како “симболичен мост на македонското и португалското пријателство”, како што рече Бучко, ќе се прекрсти. Ќе се вика Васко де Бузле.
Старото Отешево сега се урива. Треба чисто да им се даде на Португалците. Покрај скапото земјиште да не мора да трошат пари и за уривање.
Премиерот, градоначалникот и министрите се сликаа покрај проектот и го оставија Отешево. До следните изборни активности. Камен темелник ќе се става кога ќе биде кампањата за локални избори. Пак да се избере Васко де Бузле. А 2010 кандидатите за пратеници ќе шетаат топлес по плажите заедно со новите туристи.
Штета што фантазијата им се ограничи само на хотел со шест ѕвездички. Зошто не ставија камен темелник на голема железничка станица во Ресен? Таму ќе поминува возот на коридорот 10 на пругата од Албанија до Бугарија.
Како ќе стигнуваат странските богати туристи? Зошто не ставија камен темелник и на меѓународниот аеродром во Битола? Ако ништо друго, барем на “комитите” во препукувањата со “чкембарите” на спортските натпревари ќе им го укинеа она “Битола нема аеродром”. За утеха ќе им остане само “Секс со Битолчанки”.
4 Либералдемократите на Пенов се сериозна карика во системот на Коалицијата “За Македонија”. Портрпаролот Емил Киријас рече дека заедно со лидерот Пенов ќе одат во Берлин и во централата на “Транспаренси интернешнл” ќе ја пријават претседателката на “Транспарентност Македонија” Габриела Конева оти таа ја пофалила програмата на ВМРО-ДПМНЕ.
И да одат. Се гледа дека Киријас во МНР, каде што е државен секретар и Пенов како лидер на партија имаат многу работа. И имаат што да кажат. Бучко на либералните демократи им дал многу одговорна задача во коалицијата. Да ја сочуваат македонската традиција. Да бидат кодоши.
5 Го гледав на некоја телевизија портпаролот на штабот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски. Зборуваше за некој расипан медицински апарат. Математиката му беше дека за поправка на апаратот требаат 200.000 евра. Нов апарат чини 800.000 евра. Значи, резимираше Милошоски, штетата е милион евра.
И три од карти… Дај си рака нека биде милионипол.
6 Зошто платената политичка програма се дава по полноќ? Затоа што и таа, како и порно филмовите мора да биде забранета за помлади од 18 години. Влијае на моралот и психолошкиот развој на децата.