1 Кадровото одделение на ВМРО-ДПМНЕ има канцеларија на Скопскиот аеродром. Пречекуваат авиони и бркаат странци. Штом некој ќе им се види попретставителен го застануваат и го прашуваат: Да не сакаш да бидеш во новата влада? Обвинител, советник, директор на некој фонд, било што…
Груевски во изборната кампања одеше со слоганот: Македонија има сила за големи чекори. Ама не кажа дека нема тим за големи чекори.
2 Странците уште во предизборната кампања имаа главен збор. Амбасадорите прво ги направија изборите доволно фер и демократски за да ги признаат резултатите. Сега се трудат да обезбедат безбедна коалиција.
Новите пратеници се собраа на 26 јули. Тоа е годишнина на Скопскиот земјотрес од 1963 година. Пристигнуваше помош од цел свет. Тогаш Скопје беше прогласен за град на меѓународната солидарност.
На Груевски владата му ја прават странци. Во неа ќе има странци. Има симболика во тоа што Собранието се собра на годишнината од земјотресот. Македонија ќе добие влада на меѓународната солидарност.
3 Следниот пат кога Македонија, не дај боже ќе дојде до дереџе да зависи од странци, треба да се сетиме на Либан и Бејрут. Таму две недели гинат луѓе како колатерална штета, а светот гледа сеир.
ЕУ и САД се сретнаа во Рим. Се сликаа и се договорија дека можеби ќе се договорат да побараат решение.
4 Груевски вчера рече дека ДУИ дефинитивно не влегува во новата владина коалиција.
Штета. Баш завчера Муса Џафери објасни дека новинарите погрешно го сфатиле кога ги спомена калашниковите. Како може да се сфати некој што како борец за човекови права слегол од планина во влада, особено ако го употребува зборот калашников.
Баш ми е жал и за Теута Арифи. Таа во неделата изјави дека ДУИ не прифаќа да биде во опозиција. Сега има две опции. Или да прифати, или да ги остави калашниковите. И да се фати за зоља.
5 Лидерот на ДУИ Али Ахмети им пиша на САД и на ЕУ за да им објасни дека мора да биде во влада. Тие не му одговорија. На командантот нема кој да му пише.
Ама затоа тој си има команданти. Тие рекоа дека дошле во Мала Речица да го прашаат за здравјето. Се интересирале дали ја има уште дијагнозата од 2001 кога дојде од Швајцарија.
6 За овие четири години додека беа во влада, Али Ахмети и Муса Џафери најмногу офајдија. Научија македонски.
7 Бугарија направи скандал кога се закани дека нема безусловно да ја поддржува Македонија за ЕУ и НАТО ако продолжи агресивно да се меша во историјата и нацијата.
Македонија како што се меша и во сопствената историја, наскоро ќе остане и без географија. Петнаесет години една недела пред втори август се отвара дежурната тема: Илинден или АСНОМ, Крушево или Прохор Пчински.
Аман веќе ми здосади. Како не се најде власт што ќе ја реши дилемата. Да ги слави и двата празника. И веќе да не ја моли Србија. Ќе учат децата дека имало АСНОМ, ама манастирот сега е во странство и готова приказна.
Секоја година демек Македонија бара, а Србија не дава. Ако ништо друго, само Бранко во сите свои мандати сто пати се има сретнато со српските премиери, претседатели и министри. Дури и во Њујорк се среќаваше со нив. Ама никогаш не се сретнал на десет дена пред втори август.
Знаеме што ќе се случи на 2 август. Ќе плачеме од Србите заради АСНОМ и ќе им се лутиме на Бугарите заради Илинден.
Ние навистина сме агресивни кон историјата. Ама кон сопствената и во сопствената држава.