1. Минатата година, на 2 октомври, претседателот на Републиката Киро Глигоров на српскиот претседател Слободан Милошевиќ, во Белград, повторно му ја одби идејата за царинска унија меѓу Македонија и СР Југославија.
На 7 октомври оваа година на сила ќе стапи договорот за слободна трговија меѓу Македонија и СР Југославија, со размена на стоките без царински давачки.
Во меѓувреме, на 3 октомври минатата година, се случи атентатот врз претседателот Глигоров во центарот на Скопје. Неколку дена пред стапувањето на сила на бесцаринската трампа со Белград, од сите највисоки места на државата по повод годишнината од атентатот ни порачаа дека се покажало оти атентаторите не ја оствариле посакуваната цел и земјата останала стабилна.
2. На годишнината на атентатот во Македонија еуфорично се прослави укинувањето на санкциите кон СР Југославија. Не само на зборови, туку на дело. За да нема забуни, дури и државната телевизија сметаше дека веста за атентатот врз поранешниот премиер на Бугарија заслужува помалку внимание отколку веста за симнувањето на санкциите кон СР Југославија. А за спогодбата меѓу МАНУ и САНУ – нема дискусија.
Изгледа дека МАНУ ќе се вклучи во изготвувањето на изборната кампања на Слободан Милошевиќ. Затоа што, според зборовите на претседателот на МАНУ Ксенте Богоев, МАНУ и САНУ не отвораат нова страница за соработка, бидејќи до прекин на соработката никогаш и не дошло. САНУ беше таа што со својот познат Меморандум му ја изготви програмата на Милошевиќ за да дојде на власт и да направи сé што успеа да направи за да ја реализира таа програма. Дали МАНУ соработуваше со САНУ, кога творците на идејата за “сите Срби во една држава” го подготвуваа теренот за најголемиот геноцид по Втората светска војна во Европа? Од кога нашите академици со нивните колеги кои Македонија ја есапат за јужна Србија се повикуваат на пријателски односи и партнерство?
3. Во неделата кога ја одбележавме годишнината на атентатот и министерот за сообраќај Димитар Бузлевски во Белград се договори, заедно со СР Југославија, на паневропската конференција да се афирмира коридорот север-југ и да ја поедностават процедурата на граничните премини.
Минатата година, во март, на грчкиот остров Крит, делегацијата на Министерството за сообраќај на Македонија со тешки маки успеа да го стави коридорот исток-запад во европските карти за финансирање на патишта. Дали министерот го заборави коридорот исток-запад? Тој постојано патува на работа од Ресен до Скопје, ама на патоказните табли на новиот автопат што води до главниот град на државата означена е насоката за – Белград.
Што се однесува до проблемите на граничните премини, тие наскоро ќе се решат. Бидејќи Србите и натаму одолжуваат со излегувањето на терен за обележување на границата, нема логика да има и гранични премини. Сега кога нема и царини, глупаво е за влез во СРЈ на граѓаните да им се бараат пасоши. Нема да ни требаат ни лични карти.
4. Од завчера е приземјена компанијата “Палер Македонија”. Сепак, еден авион успеа да ја пробие блокадата. Тоа беше авионот за Рим, со кој завчера вечер се врати министерот за надворешни работи Љубомир Фрчковски.
Зошто министерот не се враќаше од Њујорк преку Амстердам? Таму, поради утринскиот приземјен лет останаа дваесетина прекуокеански патници. Да беше министерот со нив, ќе им помогнеше да добијат виза. Само што во тој случај ќе останеа без виза оние што ќе пристигнеа во Рим. Затоа што одлуката за приземјување важи за летовите на кои во списокот на патници не се пријавени членови на Владата.
На овој начин премиерот Бранко Црвенковски најенергично ги демантираше гласините дека во последно време не е во добри односи со Фрчковски. Да беше така, Црвенковски ќе го оставеше Фрчковски во Рим. И тоа, без виза и без членови на дипломатскиот совет, за да не може да ја напушта аеродромската зграда и да ги разгледува културно-историските и продажни знаменитости. Фрчковски на Бранко му треба во Скопје. И натаму.
5. Претседателот Глигоров го испофали неговиот најдобар министер на привремен престој во САД, Денко Малески. Рече дека бил задоволен од него. Затоа ќе му испрати зајакнување во луѓе кои ќе лобираат за членство во Советот за безбедност.
Не може сега на крајот на мандатот да се запознава и да се дружи со разно-разни амбасадори во ОН. Тоа ќе го прават други. Малески треба да остане негибнат.
6. Претседателот на Управниот одбор на Комерцијалната банка Аритон Жиков и членот Ксенте Богоев, кога го сменија директорот Александар Маневски, лобираа кај највисоките раководители против одлуката на гувернерот. Неделава, истиот ден кога Врховниот суд ја поништи одлуката на гувернерот, тие избраа нов директор на банката.
Членовите на Управниот одбор размислуваат пазарно. Дали Хари Костов, дали Александар Маневски, надоместокот за членство во Одборот не се менува.