1 Ни олесна. Раководството на ДУИ сакало да организира масовни улични протести. Сега ние треба да сме среќни што само на улица ќе излезат, а нема да одат во планина.
А зошто да протестираат? Затоа што не знаеја да се исценкаат за да влезат во влада. Тие викаат дека освоиле мнозинство гласови кај Албанците. Ама тоа не е доволно да го освојат и мандатарот. Му споменаа калашникови и тој не ги сака. Сега нека протестираат. Против своите умни глава. Победиле, ама не биле доволно паметни да ја искористат победата.
Муса Џафери, кој се жалеше дека не бил добро сфатен кога се закануваше со калашникови, сега ќе има доволно време на митинзите да им објаснува на тие што гласале за него зошто ДУИ не е способна да влезе во влада.
Велат дека не ги сакал мандатарот. За што да ги сака? За калашниковите? Тоа ти е исто како кога лош ученик ќе добие единица и дома се правда: Ме мрази учителката.
2 За разлика од учителката што ги мрази, демократите од Мала Речица многу ја сакаат Македонија. Оваа љубов е условна. Ја сакаат само ако се во влада. Затоа сега велат дека оваа ситуација ќе им даде за право да ја искористат законската можност па да ги обединат сите општини во кои градоначалниците се од ДУИ.
Што ќе прават? Слободна територија? Добро. Нека направат. И нека им објаснат на граѓаните дека таму ќе мораат да плаќаат и струја и даноци. А богами и патарини.
Многу ми се бендиса опцијата дека ДУИ ќе повикало на граѓанска непослушност. Дека до сега беа многу послушни. Тоа значи дека од сега ќе прават спротивно на тоа што го правеле до сега кога беа послушни. Како непослушни ќе плаќаат даноци, струја, вода, патарини, ќе возат регистрирани возила и ќе издаваат фискални сметки.
3 Сега се очекува европскиот амабасадор Фуере да се вклучи во одбрана на демократското право на ДУИ за граѓанска непослушност и протести. Бидејќи Фуере беше тој што ги охрабри дека мора да бидат во владата по секоја цена, сега нека биде спремен ако треба да ги урива барикадите низ западна Македонија.
Фуере ќе треба да издејствува прекин на блокадите околу први во месецот. Затоа што пратениците од ДУИ кои го бојкотираат парламентот, ќе мора да дојдат во Скопје за да си ги подигнат платите и дневниците од Собранието. Нема смисла да вртат преку Плетвар, како што им спремаат на даночните обврзници што ги гласаа и што им ја обезбедуваат платата.
4 Инспекцијата ја затворила текстилната фабрика од Битола на седум дена оти немала дозвола да организира трета смена. Да се случеше претепувањето на камерман кој ги снимал робинките како одат во трета смена откако ја одработиле првата истиот ден во која било нормална земја, газдата веќе ќе беше во затвор.
Газдарицата на битолската конфекција е Гркинка. Доаѓа од Европска унија. Нека прислува да работи некого во Грција на државен празник кој се совпаѓа со голем верски празник па да види како ќе помине.
Зошто грчката газдарица би водела сметка за правата на македонските шивачки кога тоа не го прават и домашните божем големи бизнисмени.
Ене го претседателот на Сојузот на стопански комори Венко Глигоров како во “Дневник” се жали оти “неработниците му барале цел одмор од 25 работни дена и не оставале простор да одмараат добрите работници”. Затоа во неговата фирма биле “принудени да го намалат бројот на деновите за годишен одмор”. Не му треба закон. Тој си е закон.
Истиот тој бизнисмен се истакна кога се правеше новиот закон за работни односи. Неговиот Сојуз на стопански комори предлагаше породилното да се намали на три месеци, вработените да се примаат на три месеци пробна работа без обврска да им се даде плата и боледувањето да се плаќа само два дена.
Името на Венко Глигоров се врти во некои комбинации за составот на новата влада. Би можел да биде одличен избор за нов министер за труд и социјала. Додека министерува ние сите би можеле по три месеци да се извртиме во неговата фирма да му работиме без пари. Ама Никола Груевски не сака да става погрешни луѓе во секторите за кои очигледно не ги бива. За Венко треба нов ресор. Министерство за заштита на робовладетелите. Ако тоа место веќе го бара некој од коалиционите партнери, тогаш не му гине Министерство за фикс идеи.
5 По 103 години од Илинденското востание Македонија, сакале или не е влезена во нов век. Ние сме свесни за новото време, ама не и власта што ни ја организира прославата на Мечкин камен секој 2 август.
Ај што не може да се договорат дали да одат на Пелинце или во Крушево, туку и кога ќе се појават таму, го слават празникот со јазик на друго време.
Новите генерации го разбираат значењето на Илинден. Но не ја разбираат прославата со забодени знамиња во тревата и здодевни говори. Зошто би отишле на Мечкин камен? За да стоиме зад оградите и да гледаме како низ шпалирот поминуваат партиските војски? Или можеби да го слушнеме Бранко? Да не има да каже нешто што не ни кажал последниве петнаесет години?